YouVersion Logo
Search Icon

Создавање 24

24
Женидбата на Исак и Ревека
1 # 12,2-3; 24,35 А Авраам беше веќе стар и во години. Господ го беше благо­словил во сѐ. 2И му рече Авраам на слугата свој, на најстариот во домот негов, кој упра­вуваше со целиот негов имот: „Ста­ви ја раката своја под бедрото мое 3#5 Мојс 7,3-4и заколни ми се во Господ Бог на небото и Бог на земјата дека нема да земеш жена за синот мој од ќерките ханански, меѓу кои живеам, 4туку ќе отидеш во земјата моја, каде што се родив, и ќе му доведеш жена на синот мој Исак оттаму.“ 5А слугата му рече: „Можно е девојката да не сака да појде со мене во оваа земја; да го одведам ли синот твој во земјата, од која си се иселил?“ 6А Авраам му рече: „Гледај да не го одведеш синот мој таму. 7#12,7; Неем 1,4-5Господ, Бог на небесата, Кој ме зеде од домот на таткото мој и од земјата, каде што сум роден, и Кој ми рече и ми се заколна, велејќи: ‚на потомството твое ќе му ја дадам оваа земја‘, Тој ќе испрати ангел свој пред тебе, и ти ќе доведеш жена за синот мој оттаму. 8#Ис.Н. 2,20Ако, пак, девојката не сака да појде со тебе, тогаш нека ти е простена клетвата моја; само синот мој не враќај го таму!“ 9И ја стави слугата раката своја под бедрото на Авраам, господарот негов, и му се заколна во тоа. 10Потоа слугата зеде десет камили од камилите на господарот свој и тргна; со себе зеде и од драгоценостите на господарот свој. Тогаш стана и отиде во Месопотамија, во градот Нахоров. 11#29,2-10; 2 Мојс 2,16И ги остави камилите надвор од градот, покрај изворот, приквечер кога жените излегуваат да полнат вода. 12И рече: „Господи, Боже на господарот мој Авраам, испрати ми ја денес во пресрет онаа, која ја барам, и направи му милост на господарот мој Авраам. 13Еве, јас ќе стојам крај овој извор, и ќерките на градските жители ќе дојдат да налеат вода. 14И на која девојка ќе ѝ речам – ‚Наведни ја стомната своја да пијам‘ – а која ќе рече – ‚На, пиј, и камилите твои ќе ги напојам‘, неа си ја определил за слугата Твој Исак; и по тоа ќе разберам дека му правиш милост на господарот мој.“ 15#Ис 65,24И додека тој уште зборуваше во себе, а ете Ревека, ќерката на Ветуил, синот на Милка, жената на Нахор, чиј брат е Авраам, дојде со стомната на рамо. 16А беше многу убава девојка, која маж уште не ја беше познал. Таа слезе при изворот, ја наполни стомната, па појде угоре. 17#Јн 4,7Тогаш слугата излезе пред неа и рече: „Дај ми да се напијам малку вода од стомната твоја!“ 18А таа одговори: „Еве, пиј, господаре.“ И брзо ја спушти стомната на раката своја, и му даде да пие, чекајќи додека не се напие. 19А кога се напои, му рече: „И на камилите твои ќе им налевам додека не се напијат.“ 20И веднаш ја истури стомната своја во поилото, и пак отрча до изворот да ја наполни, и им налеа на сите камили негови. 21А човекот ја гледаше со восхит и молкум, сакајќи да узнае дали го бла­гословил Господ патот негов или не. 22#Ез 16,11-12А откако камилите се напоија, човекот извади златна обетка, тешка една бека, и две гривни за нејзините раце, од десет шекели злато. 23И рече: „Чија ќерка си? Кажи ми: има ли во куќата на таткото твој место за преноќевање?“ 24А таа му одговори: „Јас сум ќерка на Ветуил, синот на Милка, која му го роди на Нахор.“ 25И уште му рече: „Има кај нас многу слама и крма; а и место за ноќевање.“ 26Тогаш човекот се наведна и Му се поклони на Господ, 27па рече: „Нека е благословен Господ Бог на господарот мој Авраам, Кој не го остави господарот мој без Своја милост и Својата верност. Господ ме доведе по прав пат во домот на братот од господарот мој.“ 28Девојката, пак, отрча дома и сето ова го кажа на својата мајка. 29А Ревека имаше брат, по име Лаван. Лаван побрза кон човекот крај изворот. 30Откако ги виде обетката и гривните на рацете од сестрата своја и чу кога сестра му Ревека рече – вака ми зборуваше човекот – тогаш појде кај човекот; а тој стоеше со камилите кај изворот. 31И рече: „Дојди ти, кој си благословен од Господ; зошто да стоиш надвор? Јас ја приготвив куќата; а има место и за камилите.“ 32Тогаш човекот дојде во куќата; и ги растовари камилите; и им дадоа слама и крма на камилите, а му донесоа и вода за нозете негови и за луѓето, кои беа со него, за да ги измијат. 33И им поставија храна да јадат. Но тој рече: „Нема да јадам додека не кажам за што сум дојден.“ И му рекоа: „Зборувај!“ 34Тогаш рече: „Јас сум слуга Авра­амов. 35#13,2Господ го благослови господарот мој многу, та стана богат; и му даде овци и говеда, сребро и злато, и слуги и слугинки, и камили и магариња. 36А Сара, жената на господарот мој, во старост му роди син на господарот мој, и тој му го даде целиот свој имот. 37Мене, пак, ме заколна господарот мој, велејќи: ‚Немој да му доведеш на синот мој жена од ќерките на Ханан­ците, во чија земја живеам; 38туку појди во домот на таткото мој, кај роднините мои, и оттаму земи жена за синот мој.‘ 39А јас му реков на господарот мој: ‚Можеби девојката не ќе сака да појде со мене!?‘ 40А тој ми рече: ‚Господ, во чие присуство ќе одиш, ќе испрати ангел Свој со тебе, и ќе ти го покаже патот твој до целта и ти ќе земеш жена за синот мој од родот мој, од домот на таткото мој. 41Тогаш ќе ти биде простена клетвата моја, кога ќе отидеш кај роднините мои; а и ако не ти ја дадат, ќе бидеш ослободен од клетвата моја.‘ 42И кога дојдов денес на изворот, реков: Господи, Боже на господарот мој Авраам, ако си ме упатил на прав пат, по кој одам, 43еве, јас ќе застанам крај изворот, и на девојката, која ќе дојде да налее вода, ќе ѝ речам – Дај ми да се напијам малку вода од стомната твоја, – 44#Изреки 19,14и ако таа ми одговори – Еве, и ти пиј, и на камилите твои ќе им налеам – таа нека биде жената, која Господ ја определил за синот на господарот мој. 45Јас уште не го изреков тоа во срцето свое, а Ревека дојде со стомната на рамо, и слегувајќи на изворот, налеа; а јас ѝ реков – ‚Дај ми да се напијам.‘ 46И таа веднаш ја спушти стомната и рече – ‚Еве, пиј ти; и камилите твои ќе ги напојам.‘ – Се напив, и камилите мои ги напои. 47Тогаш ја прашав и реков: – ‚Чија ќерка си?‘ А таа одговори: – ‚Јас сум ќерка на Ветуил, синот на Нахор, кого му го роди Милка‘. Тогаш ѝ ги ставив обетките и гривните на рацете нејзини. 48Па Му се поклонив на Господ; и Го благословив Господ Бог на господарот мој Авраам, Кој ме поведе по правиот пат да ја земам ќерката од братот на господарот мој за неговиот син. 49А сега кажете ми: Ќе му направите ли милост и правда на господарот мој, или не? Ако, пак, не сакате, кажете ми, и јас ќе тргнам надесно или налево.“ 50А Лаван и Ветуил одговорија: „Од Господ дојде ова; ние не можеме да ти кажеме ни лошо, ни добро. 51Ете, Ревека е пред тебе, земи ја, па оди, и нека му биде жена на синот од твојот господар, како што рекол Гос­под.“ 52А кога ги чу слугата Авраамов збо­ровите нивни, Му се поклони на Господ доземи. 53Потоа слугата извади златни и сребрени работи, и облека, и ѝ ги даде на Ревека; а и на братот нејзин и на мајката нејзина им даде скапи подароци. 54Па јадеа и пиеја, тој и луѓето што беа со него, и ноќеваа. А утредента кога станаа, тој рече: „Пуштете ме да се вратам кај господарот мој!“ 55А братот нејзин и мајка ѝ рекоа: „Нека остане девојката кај нас макар уште десет дена, па тогаш одете.“ 56Но тој им рече: „Не задржувајте ме, зашто Господ го благослови мојот пат; пуштете ме да си одам кај господарот мој!“ 57А тие рекоа: „Да ја викнеме девој­ката, и да ја прашаме, што ќе рече таа.“ 58И ја повикаа Ревека, па ѝ рекоа: „Сакаш ли да одиш со овој човек?“ А таа одговори: „Сакам.“ 59И ја пуштија Ревека, сестрата своја, и доилката нејзина, со слугата Авраамов и луѓето негови. 60#28,3Ја благословија Ревека и ѝ рекоа: „Сестро наша, да се народат од тебе илјади и илјади, и потомството твое да ги завладее домовите на непријателите твои!“ 61И стана Ревека со слугинките, и се качија на камилите, и тргнаа со чове­кот. Така слугата ја зеде Ревека и си отиде. 62#16,14; 25,11А Исак беше дошол од Беер Лахај Рои, зашто живееше во јужниот крај. 63Приквечер излезе Исак во полето да се прошета, па ги крена очите: а тоа – ете, камилите идат. 64Ревека, откако ги подигна очите свои и го виде Исак, слезе од камилата 65и го праша слугата: „Кој е оној човек, што преку полето ни доаѓа во пресрет?“ А слугата одговори: „Тоа е господарот мој.“ – Тогаш таа зеде превез, па се покри. 66И му раскажа слугата на Исак сѐ што беше направил. 67#25,20Тогаш Исак ја одведе во шаторот на Сара, мајката своја, и ја зеде Ревека и таа му стана жена, и му омиле. И Исак се утеши за Сара, мајката своја.

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in