YouVersion Logo
Search Icon

ДЕЛА 2

2
Слегување на Светиот Дух
1А кога дојде денот на Педесетница, сите беа заедно на исто место. 2И одненадеж стана шум од небото, како кога дува силен ветер и ја исполни целата куќа, во која седеа. 3И им се јавија јазици како од оган, кои се разделија и над секого од нив застана по еден. 4И тие сите се наполнија со Светиот Дух, и почнаа да зборуваат на други јазици, како што Духот им даваше да говорат.
5А тогаш се наоѓаа во Ерусалим побожни Јудејци, од сите народи под небото. 6И кога се чу шумот, се собра народот и се збуни, зашто секој слушаше како зборуваат на неговиот јазик. 7Сите се восхитуваа и чудеа, велејќи: „Ете, зар сите што зборуваат не се Галилејци? 8Тогаш како ние го слушаме секој својот јазик, во кој сме родени? 9Партјаните, и Мидјаните и Елемитите и жителите на Месопотамија, Јудеја и Кападокија, Понт и Азија, 10Фригија и Памфилија, Египет и од краиштата на Ливија, околу Киринија; и Римјаните кои дошле, Јудејците и прозелитите, 11Критјаните и Арабјаните: ги слушаме како зборуваат на нашите јазици, за големите Божјите дела.“ 12Сите се восхитуваа и во недоумение си велеа еден на друг: „Што може да биде ова?“ 13Други пак се подсмевнуваа и велеа: „Се напиле слатко вино!“
Петрова проповед
14А Петар стана, со Единаесетмината, и го поткрена гласот и им рече: „Јудејци и сите вие, кои живеете во Ерусалим! Знајте го ова и послушајте ги моите зборови! 15Овие луѓе не се пијани, како што мислите вие - зашто е едвај третиот час на денот - 16туку тоа е кажаното преку пророкот Јоил: 17’Во последните денови - вели Господ - ќе излеам од Својот Дух на секое тело, и вашите синови и вашите ќерки ќе пророкуваат, и вашите младинци ќе гледаат виденија, а вашите старци ќе сонуваат соништа. 18Исто така, во тоа време, и на Своите слуги и на Своите слугинки ќе излеам од Мојот Дух и ќе пророкуваат. 19Ќе направам чудеса горе на небото, а знаци долу на земјата; крв и оган и пареа од дим. 20Сонцето ќе се претвори во темнина, и месечината во крв, пред да дојде великиот и славен Господов ден. 21И секој кој ќе го повика Господовото име, ќе се спаси.’ 22Мажи Израелци! Чујте ги овие зборови: Бог во вашата средина Го потврди Исуса Назареецот со сили, чуда и знаци, што Бог ги направи преку Него меѓу вас, како што знаете самите. 23Вие, Него, откако беше предаден според одредената волја и промисла Божја, преку рацете на беззакониците Го распнавте и убивте, 24но Бог Го ослободи од смртните болки и Го подигна, зашто не беше можно смртта да Го задржи. 25Зашто Давид вели за Него: ‘Постојано Го гледам Господа пред себе; Тој ми е оддесно, за да не се поместам. 26Затоа се развесели моето срце и се зарадува мојот јазик; а и моето тело ќе почива во надеж; 27зашто нема да ја оставиш мојата душа во Подземјето, ниту ќе дозволиш Твојот Светец да види распаѓање. 28Ти ми ги покажа патиштата на животот, ќе ме исполниш со веселба пред Своето лице.’ 29Мажи, браќа! Можам да ви речам слободно за патријархот Давид, дека умре и беше погребан и дека неговиот гроб е при нас до денешен ден. 30Но, бидејќи беше пророк и зашто знаеше дека Бог му вети со заклетва, дека од родот на неговите бедра ќе подигне Некого, на неговиот престол, 31предвидувајќи за воскресението на Христа, рече: ‘Ниту беше оставен во Подземјето, ниту телото Му се распадна.’ 32Бог Го воскресна Овој Исус, за кое ние сите сме сведоци. 33И така подигнат со Божјата десница, Тој Го прими од Таткото ветениот Свети Дух, и го излеа ова, што го гледате и слушате. 34Зашто Давид не се вознесе на небесата, но самиот рече: ‘Му рече Господ на мојот Господ: седни оддесно до Мене; 35додека не ги положам Твоите непријатели како подножје на Твоите нозе!’ 36И така, нека сиот Израелев дом знае веродостојно дека Бог Го направи Господ и Христос, Овој Исус, Кого вие Го распнавте!“
37А кога го чуја тоа, ги засегна во срцето и му рекоа на Петра, и на другите апостоли: „Мажи, браќа, што да правиме?“ 38А Петар им рече: „Покајте се! И секој од вас нека се крсти во името на Исуса Христа за проштавање на вашите гревови; и ќе примите дар од Светиот Дух. 39Зашто, ова ветување е за вас, и за вашите деца, и за сите далечни, колку што ќе ги повика Господ, нашиот Бог.“ 40И уште со многу други зборови сведочеше и ги опоменуваше, велејќи: „Спасете се од ова расипано поколение!“ 41И така, се крстија оние, кои го прифатија неговото слово. И во тој ден се приклучија околу три илјади души.
Животот на првите христијани
42И беа постојани во апостолското учење и општувањето; и во раскршувањето на лебот и во молитвите. 43А страв влезе во секоја душа, зашто апостолите правеа многу чудеса и знаци. 44А сите кои поверуваа беа заедно и сѐ им беше општо. 45И продаваа стоки и имоти и тоа го делеа на сите, секому според неговата потреба. 46И секој ден беа постојано и еднодушно во Храмот; раскршуваа леб по домовите и примаа храна со радост и просто срце, 47фалејќи Го Бога беа омилени кај сиот народ. А секој ден, Господ ги додаваше оние, кои се спасуваа.

Currently Selected:

ДЕЛА 2: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in