YouVersion Logo
Search Icon

БИТИЕ 19

19
Лот прима два ангела
1Вечерта, два ангела стигнаа во Содом, додека Лот седеше под Содомската врата. Кога Лот ги виде, стана и им тргна во пресрет. Им се поклони со лицето до земја, а тогаш им рече: 2„Ве молам, господари, вратете се во куќата на својот слуга, за да преноќевате и за да си ги измиете нозете; а утре рано тргнете на пат.“ А тие рекоа: Не, ќе преноќеваме на улица.“ 3Но тој ги викаше упорно и тие се вратија кај него и влегоа во неговата куќа. Тој ги нагости, им испече бесквасен леб и јадоа. 4Уште не беа легнале, да одморат, кога жителите на градот, Содомците, млади и стари, целиот народ до последниот човек, ја опкружија куќата. 5Го викнаа Лота и му рекоа: „Каде се луѓето, кои дојдоа ноќеска кај тебе? Изведи ни ги, за да ги познаеме?“ 6Лот излезе пред нив, на влезот, и ја затвори вратата зад себе. 7„Браќа мои - им рече тој - ве молам, не правете го тоа зло! 8Еве, имам две ќерки, до кои маж уште не се допрел: ќе ви ги изведам нив, па правете со нив што сакате; само на овие луѓе не им правете ништо, зашто дојдоа под сенката на мојот покрив.“ 9„Отстапи оттаму! - рекоа. - Дојде како придојденец, а веќе се поставува како судија. Сега ќе ти сториме тебе поголемо зло отколку ним.“ И се засилија кон човекот, Лот, и се нафрлија на вратата, за да ја скршат. 10Тогаш двајцата ги испружија рацете надвор, го повлекоа Лота при себе, и ја затворија вратата; 11а луѓето пред вратата, младите и старите, ги заслепија со блесок, така што не можеа да ја најдат вратата. 12Тогаш двајцата го прашаа Лота: „Кого имаш уште тука: синови и ќерки, сѐ што имаш, изведи ги од местово! 13Зашто ние ќе го истребиме местово: викотницата против нив стана пред Господа, толку голема, што Господ нѐ испрати да го уништиме.“ 14Лот излезе да им го каже тоа на своите идни зетови, што имаа намера да ги земат неговите ќерки, и рече: „Станете! Заминете од ова место, зашто Господ ќе го уништи градот!“ Но на неговите зетови им се стори дека тој се шегува.
15Кога се замугри, ангелите настојуваа при Лота, велејќи: „Стани! Земи ги својата жена и своите две ќерки, што се тука, за да не бидеш погубен со казната на градот!“ 16Ама тој се двоумеше. Затоа тие го фатија за раце, исто и неговата жена и неговите две ќерки, и - според Господовото смилување над нив - ги одведоа и ги оставија надвор од градот. 17Штом ги изведоа во полето, едниот проговори: „Бегај, за да го спасиш животот! Не се обѕрнувај, ниту запирај некаде во рамницата, за да не загинеш!“ 18Но Лот одговори: „Не така, господине! 19Туку, ако твојот слуга најде милост во твоите очи - а веќе ми искажа толкава милост, спасувајќи ми го животот - јас не можам да побегнам во планината, а да не ме најде несреќа и да загинам. 20Ене град онаму, доста е близу за да побегнам во него, а местото е толку мало. Остави ме да избегам онаму - местото е навистина мало - дај, да го спасам животот!“ 21Му одговори: „Ќе ја послушам и таа твоја молба, и нема да го разурнам градот за кој зборуваш. 22Бргу! Бегај онаму, зашто не можам да направам нешто додека ти не стигнеш таму.“ Затоа градот се вика Сигор. 23Додека сонцето изгреваше над земјата, Лот влегуваше во Сигор.
Уништување на Содом и Гомор
24Господ истури сулфурен оган од небото на Содом и Гомор, 25и ги уништи оние градови, и сета таа рамница, сите градски жители и сите растенија на земјата. 26А Лотовата жена се обѕрна, и се претвори во столб од сол. 27Утреден, рано во мугрите, Авраам поита на местото каде што стоеше пред Господа, 28го насочи погледот кон Содом и Гомор и кон сета рамница во далечина: и виде како се крева дим над земјата, како дим од некаква печка.
29И така Бог, додека ги разурнуваше градовите во рамницата, во кои живееше Лот, се сети за Авраама и го отстрани Лота од пропаст.
30Лот се плашеше да живее во Сигор, па, со своите две ќерки, отиде од Сигор горе и се настани во планината. Тој и неговите две ќерки живееја во пештера. 31Постарата ѝ рече на помладата: „Татко ни остаре, а на земјата нема маж за да влезе при нас, како што е обичај по цел свет. 32И така, да го испијаниме со вино нашиот татко, и да легнеме со него: така со таткото ќе го запазиме потомството.“ 33Во онаа ноќ го испијанија таткото со вино, и постарата отиде да легне со татка си, а тој не знаеше ни кога легнала ни кога станала. 34На другиот ден постарата ѝ рече на помладата: „Ете, сношти јас лежев со татка ни; да го испијаниме и ноќеска, па оди и ти да лежиш со него: така ќе му го запазиме потомството на таткото.“ 35Го испијанија таткото со вино и во таа ноќ, па помладата отиде и легна со него, а тој не знаеше ни кога легнала ни кога станала. 36Така обете Лотови ќерки забременија од таткото. 37Постарата роди син и му даде име Моав (Тој е од мојот татко). Тој е прататко на денешните Моавци. 38И помладата роди син и му даде име Бен-Ами (Тој е син на мојот род). Тој е прататко на денешните Амонци.

Currently Selected:

БИТИЕ 19: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in