YouVersion Logo
Search Icon

БИТИЕ 44

44
Јосиф го задржува Венијамина
1Тогаш Јосиф му нареди на управителот на своето домаќинство: „Наполни ги вреќите на луѓево, со храна, колку што можат да носат, а сребрениците на секого стави ги при отворот на неговата вреќа. 2А мојата чаша - онаа од сребро - стави ја во отворот на вреќата на најмладиот, заедно со неговото сребро за житото.“ Тој направи како што му нареди Јосиф. 3Кога се раздени, ги испратија луѓето и нивните ослиња. 4Точно по излегување од градот - не беа заминати далеку - кога Јосиф му рече на началникот на својот дом: „На нозе! Тргни по луѓето! Кога ќе ги стигнеш, речи им: ‘Зошто враќате зло за добро? 5Зар мојот господар не пие од онаа чаша и не чита пророштва од неа? Направивте зло!’“
6Откако ги стигна, ги повтори зборовите. 7Тие одговорија: „Зошто господарот ни зборува така? Далеку да е од твоите слуги да сторат нешто такво! 8Па и сребрениците што ги најдовме во своите вреќи, ти ги вративме назад од Ханаанската Земја. Како би можеле тогаш да украдеме сребро или злато од куќата на твојот господар! 9Оној, од твоите слуги, во кого ќе се најде, нека биде убиен, а ние другите ќе му станеме робови на твојот господар.“ 10„Иако е право тоа што го предлагате - рече тој - сепак само оној, кај кого ќе биде најдено украденото, ќе биде мој роб, а другите ќе бидете слободни.“ 11Бргу ги спуштија вреќите на земја и секој ја отвори својата вреќа. 12Тој пребаруваше, почнувајќи од највозрасниот и завршувајќи со најмладиот, чашата беше најдена во Венијаминовата вреќа. 13Тогаш тие ги скинаа своите облеки; секој повторно го натовари своето осле и се вратија во градот.
Јуда се застапува за Венијамина
14Кога Јуда и неговите браќа стапија пак во Јосифовиот дом, тој уште беше таму, и паднаа пред него на земја. 15Јосиф им рече: „Какво е тоа дело што го сторивте? Зар не знаете дека човек, каков што сум јас, се бави со пророкување?“ 16Јуда одговори на тоа: „Што можеме да му речеме на својот господар? Што можеме да му кажеме? Со што да се оправдаме? Бог го откри злоделото на твоите слуги. Еве нѐ за робови на својот господар - еднакво и ние и оној, кај кого е најдена чашата.“ 17„Далеку од мене да направам така! - одговори. - Туку, мој роб ќе биде оној, кај кого е најдена чашата, а вие другите одете си мирно при својот татко!“
18Тогаш Јуда му се приближи и рече: „Господару мој, те молам, дозволи му на својот слуга да му каже збор, на ушите на својот господар, и твојот гнев нека не се разлева на твојот слуга; па ти си рамен на фараонот. 19Мојот господар ги праша своите слуги: „Имате ли татко или уште некој брат?“ 20Му одговоривме на својот господар: „Имаме стар татко; тој има уште еден син, роден во неговата старост, тој е најмлад, неговиот брат умре, така што тој остана единствен од својата мајка. Неговиот татко го љуби особено.“ 21Потоа им рече на своите слуги: ‘Доведете ми го ваму, за да го видат моите очи!’ 22А ние му одговоривме на својот господар: ‘Детето не може да го остави таткото; кога би го оставил, таткото би умрел.’ 23Но ти им рече на своите слуги: ‘Ако вашиот најмлад брат не дојде со вас ваму, нема повеќе да го видите лицето мое.’ 24Кога се вративме при твојот слуга, мојот татко, му ги кажавме зборовите на мојот господар. 25Нашиот татко ни рече: ‘Одете пак и набавете ни малку храна!’ 26Му одговоривме: ‘Не можеме таму, само ако тргне со нас нашиот најмлад брат, ќе слеземе, зашто не смееме пред оној човек, ако нашиот најмлад брат не биде со нас.’ 27Твојот слуга, татко ми, ни одговори: ‘Како што знаете, мојата жена ми роди два сина. 28Едниот го снема, па заклучив: дека е растрган од ѕвер. Оттогаш веќе не го видов. 29Ако и овој го одведете од мене, па му се случи некаква несреќа, ќе ја фрлите со тага мојата седа глава долу, во Шеолот (гроб).’ 30Ако сега дојдам при твојот слуга, мојот татко, а младецот - чиј живот е поврзан толку со неговиот - не биде со нас, 31тој ќе умре кога ќе види дека детето го нема со нас; така твоите слуги ќе ја фрлат со тага седата глава на твојот слуга, на татка ни, долу во Шеолот. 32Зашто твојот слуга му заемчи на татка си за детето, велејќи: ‘Ако не ти го вратам, ќе му бидам виновен на татка си засекогаш.’ 33Затоа, те молам, твојот слуга нека остане како роб на мојот господар, а детето нека оди назад со браќата. 34Зашто, како ќе отидам при татка си, ако детето не биде со мене! Не би можел да го гледам јадот, што би го снашол татка ми.“

Currently Selected:

БИТИЕ 44: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in