YouVersion Logo
Search Icon

Дела Ап. 16

16
1Павле и Сила пристигнаа прво во Дерба, а оттаму и во Листра. Таму имаше еден млад Христов следбеник по име Тимотеј. Неговата мајка веруваше во Господ. Таа беше Еврејка, а татко му беше Грк.
2Тимотеј уживаше голем углед меѓу верниците во Листра и Иконија.
3Павле реши да го поведе со себе. Заради Евреите што живееја во тој град, уреди Тимотеј да биде обрежан пред да тргнат на пат, зашто сите знаеја дека неговиот татко беше Грк.
4Како што одеа од град во град, им ги пренесуваа на христијаните уредбите до кои треба да се придржуваат според решението на апостолите и старешините во Ерусалим.
5Така црквите стануваа се посилни во верата, а и нивниот број секојдневно се зголемуваше.
6Тие патуваа низ областите Фригија и Галатија, бидејќи Светиот Дух не им дозволуваше да одат и да проповедаат во областа Азија.
7Пристигнаа до границите на покраината Мизија и сакаа да се упатат накај покраината Битинија, но Духот на Исус не им дозволи.
8Минувајќи низ Мизија, слегоа до градот Троада.
9Во текот на ноќта, Павле имаше видение: еден Македонец, стоеше пред него и го молеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!“
10По тоа негово видение, ние веднаш се упативме накај Македонија, сфаќајќи дека Бог не повикува таму да ја проповедаме Радосната вест.
11Отпловивме од Троада и се упативме накај островот Самотраки, а следниот ден пристигнавме во пристаништето Неаполис.
12Оттаму заминавме за Филипи, важен град во покраината Македонија. Тој град беше римска колонија. Таму останавме неколку дена.
13Во еден саботен ден излеговме од портите на градот покрај една река, каде што претпоставувавме дека им е местото за молитва. Седнавме и позборувавме со неколку жени што беа дојдени на тоа место.
14Меѓу нив имаше една жена по име Лидија од градот Тијатир. Таа се занимаваше со продавање на скапоцени пурпурни ткаенини. Лидија веруваше во Бог. Додека не слушаше, Господ и го отвори срцето и таа го прифати она што го зборуваше Павле.
15Откако таа и нејзините домашни се крстија, упорно не канеше да бидеме нејзини гости: „Ако сметате дека имам вера во Господ, дојдете и останете во мојот дом додека престојувате во овој град.“ Така не убеди и останавме.
16Еден ден, додека одевме на тоа место за молитва, не сретна една робинка која се занимаваше со вражање, со што им носеше многу пари на своите господари.
17Тргна по Павле и по нас, и почна да вика: „Овие луѓе Му се служители на Севишниот Бог! Тие се дојдени да ви кажат како можете да се спасите!“
18Тоа го правеше со денови, па кога на Павле му здодеа, се сврте кон духот што ја обземаше девојката, и му рече: „Ти наредувам во името на Исус Христос да излезеш од неа!“ Во истиот час гатачкиот дух излезе од неа.
19Нејзините господари сфатија дека згасна нивниот извор на приходи, па ги фатија Павле и Сила и ги одвлечкаа на пазариштето, пред градските власти.
20Ги изведоа пред судиите и почнаа да викаат: „Овие Евреи го вознемируваат целиот град!
21Тие проповедаат обичаи кои за нас, Римјаните, се неприфатливи!“
22Против Павле и Сила веднаш нагрвали толпа народ, а судиите наредија да им ги соблечат горните облеки и да ги тепаат со стапови.
23Откако сурово ги претепаа, ги фрлија в затвор и му наредија на чуварот добро да внимава на нив.
24Чуварот ја спроведе наредбата, ги фрли во најдлабокиот дел од затворот и им ги стегна нозете во пранги.
25Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа.
26Одеднаш силен земјотрес ги измести темелите на затворот; сите врати се отворија и прангите на сите затвореници им паднаа од нозете.
27Чуварот се разбуди и кога виде дека вратите на затворот се отворени, го извади мечот за да се убие, мислејќи дека затворениците избегале.
28Тогаш Павле силно викна и му рече: „Немој да се убиваш! Сите сме овде!“
29Чуварот побара ламба и влезе внатре треперејќи, па клекна пред Павле и Сила.
30Ги изведе надвор и им рече: „Господа, што треба да сторам, за да се спасам?“
31Тие му одговорија: „Поверувај во Господ Исус и ќе бидете спасени ти и твоите домашни!“
32Потоа тие нему и на сите што беа во неговиот дом им проповедаа за Господ,
33а тој, уште ноќта, им ги изми раните и не чекајќи ниту миг беше крстен, и тој и сите негови домашни.
34Ги одведе горе, во својата куќа, постави пред нив трпеза, па тој и сите негови домашни многу се радуваа што поверуваа во Бог.
35Кога се раздени, градските судии испратија службеници да му речат на чуварот: „Ослободи ги тие луѓе!“
36Чуварот му ги пренесе овие зборови на Павле: „Судиите ми наредија да ве ослободам, затоа слободно одете си.“
37Меѓутоа, Павле им одговори: „Ние сме римски граѓани, а властите наредија јавно да не тепаат, без да ни се суди. Потоа не затворија. Зар сега сакаат тајно да не ослободат? Не може така! Нека дојдат судиите и тие лично нека не ослободат!“
38Службениците им ја пренесоа на судиите пораката, а овие, кога дознаа дека Павле и Сила се римски граѓани, се уплашија.
39Дојдоа, им се извинија, ги извадија од затворот и ги молеа да го напуштат градот.
40Кога излегоа од затворот, Павле и Сила отидоа во домот на Лидија за да се видат со христијаните и да ги охрабрат, а потоа отпатуваа.

Currently Selected:

Дела Ап. 16: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in