YouVersion Logo
Search Icon

Дела Ап. 18

18
1Потоа Павле отпатува од Атина за Коринт.
2Таму се сретна со еден Евреин по име Акила, родум од Понт. Тој, заедно со својата жена Присцила, неодамна беше пристигнал од Италија, бидејќи императорот Клавдиј беше наредил сите Евреи да го напуштат Рим. Павле отиде кај нив,
3и бидејќи го знаеше нивниот занает - изработка на шатори - тој остана кај нив и заедно работеа.
4Секоја сабота Павле одеше во тамошната синагога и им проповедаше и на Евреите и на Грците.
5Кога Сила и Тимотеј пристигнаа од Македонија, Павле уште поревносно им проповедаше на Евреите дека Исус е Месијата што Го чекаат.
6Но кога тие се свртеа против него и почнаа да го навредуваат, тој им го врати и правот од наметката и им рече: „По своја вина ќе загинете! Јас немам вина за тоа! Отсега ќе одам да им проповедам на другите народи!“
7Си замина оттаму и се пресели во куќата на Тициј Јуст, побожен човек чија куќа беше веднаш до синагогата.
8Управник на синагогата беше Крисп. Тој и сите негови домашни поверуваа во Господ. Поверуваа и многу други жители на Коринт, кои ја слушнаа пораката, а откако поверуваа, потоа и се крстија.
9Една ноќ, Господ му порача на Павле преку видение: „Не плаши се! Немој да молчиш, туку зборувај!
10Јас сум со тебе и никој нема да ти направи никакво зло! Има многу Мои луѓе во овој град!“
11Така Павле остана во Коринт една година и шест месеци, проповедајќи им ја на луѓето Божјата порака.
12Но кога Галио стана управник на Ахаја, извесен број Евреи се здружија и се кренаа против Павле. Го изведоа на суд пред Галио,
13изнесувајќи го против него следново обвинение: „Овој човек ги наговара луѓето да Му пристапуваат на Бог на начин што е спротивен на нашиот верски Закон!“
14Пред Павле уста да отвори, Галио се сврте накај Евреите и им рече: „Евреи, ако се работеше за злосторство или за некаков престап, ќе бев должен да ве ислушам;
15но со оглед на тоа што се работи за учења, за личности и за вашиот верски Закон, тоа расчистете си го самите меѓу себе. Јас немам намера да ви пресудувам за такви нешта!“
16Потоа ги избрка од судницата.
17А тие го фатија Состен, кој беше управник на синагогата и го тепаа пред судот, но Галио воопшто не интервенираше.
18Павле остана во Коринт уште извесно време, а потоа се збогува со тамошните христијани и отплови за Сирија. Со него отпатуваа и Присцила и Акила. (Претходно, во Кенкреја, согласно со еврејските обичаи, Павле си ја беше избричил главата, зашто имаше дадено таков завет.)
19Кога пристигнаа во пристаништето Ефес, Павле се раздели од своите придружници. Додека беше во Ефес, отиде во синагогата и им проповедаше на Евреите.
20Тие го замолија да остане кај нив подолго време, но тој не прифати,
21туку, збогувајќи се со нив, им рече: „Ако даде Бог, пак ќе се вратам кај вас.“ Потоа отплови од Ефес.
22Дојде до пристаништето Цезареја, се поздрави со луѓето од црквата, па замина за Антиохија.
23Откако остана извесно време во сириска Антиохија, Павле одново тргна на пат, посетувајќи ги редум христијаните во областите на Галатија и Фригија, за да ги охрабри.
24Во меѓувреме, во Ефес пристигна еден Евреин по име Аполос. Тој беше родум од градот Александрија, во Египет. Беше вешт говорник и добро ги познаваше Божјите книги.
25Веќе беше упатен на Патот Господов и многу ревносно и точно проповедаше за Исус, иако знаеше само за крштавањето на Јован Крстител.
26Тој почна смело да зборува во синагогата. Кога го слушнаа Присцила и Акила, го зедоа кај нив и уште подобро му го објаснија Божјиот Пат.
27Аполос реши да замине за Ахаја. Христијаните од Ефес го охрабрија и им напишаа писма на христијаните во Ахаја, со препорака да го прифатат. Кога пристигна во Ахаја, Аполос многу им помогна на новообратените христијани кои поверуваа благодарение на Божјата дарежлива благонаклоност.
28Тој на јавни дебати ги побиваше Евреите со силни аргументи, докажувајќи им преку Божјите книги дека Исус е Месијата што им беше предвестен.

Currently Selected:

Дела Ап. 18: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in