YouVersion Logo
Search Icon

Римјаните 11

11
1Значи ли тоа дека Бог му го сврте грбот на Својот народ Израел? Никако! Не заборавајте дека и јас сум Израелец, потомок на Авраам, од родот на Бинјамин.
2Не, Бог не му го сврте грбот на Својот народ што го одбра уште од самиот почеток. Се сеќавате ли што вели Светото Писмо за ова? Пророкот Илија му се пожали на Бог од Израелците, велејќи:
3„Господе! Тие ги убија Твоите пророци, ги разурнаа Твоите жртвеници! Само јас останав, а и мене ме бараат за да ме убијат!“
4Но еве што му одговори Бог на Илија: „Не си само ти! Имам уште седум илјади души што не клекнаа на колена пред кипот на богот Баал!“
5Така е и денеска. Не застранија од Бог сите Израелци. И од нив има верни, избрани по Божја милост.
6Тие имаат спасение бидејќи Бог им е милостиво благонаклонет, а не затоа што тие со своите постапки тоа го заслужиле. Да не беше така, милостивата благонаклоност немаше да биде тоа што е: незаслужен подарок!
7Заклучокот е дека само мал број одбрани го добија она што сите Израелци го бараа. Останатите беа тврдоглаво непослушни,
8За нив во Светото Писмо е напишано: „Бог ги препушти на нивното мртвило: очите да не им гледаат, ушите да не им слушаат, и такви се се до ден денешен.“
9За истата работа зборува и Давид, кога вели: „Нивната трпеза во замка да им се претвори, мрежа во која ќе се уловат, казна што ја заслужуваат!
10Очите нека им се помрачат, за да не гледаат и довека грбави да одат!“ Непослушноста на Израелците - можност за другите народи
11Дали тоа значи дека Израелците отпаднаа и никогаш повеќе нема да закрепнат? Се разбира, не! Нивната грешка им овозможи на другите народи да се спасат, а во исто време кај Израелците тоа предизвика поголема ревност.
12Ако нивната грешка му донесе толкав благослов на светот, ако нивниот намален број им донесе толкаво духовно богатство на другите народи, колку поголем благослов за светот ќе биде кога и Израелците целосно ќе го прифатат Божјиот план за спасение!?
13Сега ви се обраќам вам, што не сте Евреи. Се додека сум ваш апостол ќе се гордеам со тоа што ми е доверена таа задача, која грижливо ја извршувам.
14Можеби така ќе предизвикам љубомора кај моите сонародници, Евреите, па и од нив некој да се спаси.
15Зашто, ако Бог им го понуди спасението на другите народи откако Евреите го отфрлија, што ли ќе биде кога и тие ќе го прифатат!? Тоа ќе значи оживување на оние што дотогаш биле мртви!
16Ако почетното тесто е свето, свети ќе бидат сите лебови месени од него. Ако коренот е свет, свети ќе бидат и гранките.
17Вие сте како гранки од дива маслинка, накалемени на питомо дрво. Некои гранки беа откршени, а вие го зазедовте нивното место и сега заедно ги уживате благодатите од сочниот корен на питомата маслинка.
18Немојте да мислите дека вие сте подобри од гранките што беа откршени! Не заборавајте дека не сте вие тие што го одржуваат коренот, туку тој вас ве одржува во живот!
19Можеби ќе речете: „Тие гранки беа откршени за да направат место за нас!“
20Тоа е вистина. Тие беа откршени бидејќи не Му веруваа на Бог, а вие го зазедовте нивното место затоа што Му верувате. Затоа, немојте да бидете горделиви, туку имајте страхопочит.
21Зашто, ако Бог не ги поштеди првобитните, природни гранки, ни вас нема да ве штеди!
22Забележете колку добар, но и колку строг може да биде Бог. Строг спрема оние што Му откажуваат послушност, а добар спрема вас, доколку останете приврзани спрема Неговата благонаклоност. Во спротивно, и вие ќе бидете отсечени!
23Ако Евреите се одвратат од своето неверување, Бог повторно ќе ги накалеми на нивното поранешно место. Бог е способен да го стори тоа.
24Зашто, кога Бог може вас, кои бевте отсечени од дива маслинка и, наспроти она што е природно, да ве накалеми на питомата маслинка, колку полесно ќе може одново да ги накалеми гранките што природно му припаѓаат на питомото дрво!
25Драги пријатели христијани, сакам да ја разберете оваа тајна, за да не ве фати горделивост, па да почнете да се фалите дека сте многу мудри! Тврдоглавоста на дел од Израелците ќе трае се додека не се пополни бројот од другите народи што ќе дојдат кај Христос.
26Тогаш сите Израелци ќе бидат спасени, како што е напишано во Светото Писмо: „Избавителот ќе дојде од Ерусалим и ќе ги обрати Израелците од сета нивна безбожност.
27Така Јас ќе го исполнам Мојот завет спрема нив и ќе ги отстранам нивните гревови.“
28Поголемиот број од Израелците се непријатели на Радосната вест, но тоа испадна за ваша полза, вие да ја слушнете Радосната вест. Но тие се сепак одбран народ и Бог ги сака заради нивните предци.
29А Бог не си ги зема назад даровите што ги дал, и кога некого ќе одбере, не се предомислува.
30Порано и вие Му бевте непослушни на Бог. Но откако Евреите ја одбија милоста што Бог им ја понуди, Тој ја пренасочи Својата милост кон вас.
31Сега, кога тие Му се непослушни на Бог, Тој ја насочува Својата милост спрема вас. Но, еден ден и тие ќе учествуваат во Божјата милост.
32За извесно време Бог ги остава сите луѓе во затворот на нивната непослушност, за потоа спрема сите да покаже милост.
33О колкава длабочина и богатство има во мудроста и знаењето на Бог! Колку тешко можеме да ги сфатиме Неговите одлуки и начинот на кој Тој дејствува!
34„Кој може да знае што мисли Господ? Кој има толкаво знаење за да Му биде советник?“
35„Кој Нему нешто Му дал, па да очекува да му биде вратено?“
36Се доаѓа од Него и се се одржува во живот преку Него. Се е Негово. Нему нека Му е слава во вечни времиња! Амин.

Currently Selected:

Римјаните 11: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in