Versions de la Bíblia

Нов превод на Псалмите од LXX 2024

Macedonian

Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Таа е збирка на поетски текстови напишани од различни автори, во различно време и со различен карактер. Дел од псалмите се предназначени за литургиско ползување, а дел се со длабоко личен карактер и, веројатно, биле читани индивидуално. Книгата се нарекува и „Псалтир“, а самото име доаѓа од неговиот грчки назив „Псалтирион“, што значи „жичен музички инструмент“. Во еврејската традиција, пак, односно на јазикот на којшто Псалтирот, всушност, е напишан, тој се нарекува „Техилим“ („восфалувања“), бидејќи основниот мотив на псалмите е восфалувањето и прославувањето на Бога. Впрочем, дури и покајните псалми, во суштина, се воспев кон Бога, зашто и во нив авторот трага по Него и се обидува да Му се доближи. Во еврејскиот канон Псалтирот се состои од 150 псалми, додека во грчкиот текст, односно во преводот познат како Септуагинта (LXX), постои и дополнителен, 151 псалм, чијшто еврејски оригинал е пронајден во минатиот век, помеѓу свитоците од Мртвото Море.

Многу од псалмите започнуваат со стих кој содржи податоци за: авторството, начинот на исполнувањето и жанрот на псалмот. Најголемиот дел од псалмите му се припишуваат на царот Давид (73 псалми), а останати наведени автори се: потомците на Кореј (12 псалми), Асав (12 псалми), Соломон (2 псалма) и Еман, Етан и Мојсеј (сите по еден псалм). Дел од псалмите, кон крајот на Псалтирот, се именувани: „Песни на искачувањето“ (119–133). Нив, најверојатно, ги исполнувале поклоници. Псалтирот завршува со пофални псалми (105, 110–112, 116, 134, 145–146, 148–150), од кои дел се именувани „Алилуја“ („фалете Го Господа“).

Точното значење на музичките термини во насловите на псалмите не ни е познато. Тие претставувале називи на мелодиите или на напевите според коишто требало да биде исполнуван конкретниот псалм, или, пак, називи на музичките инструменти. Во основата на стихосложувањето на Псалтирот лежат начелата од древната Источна поезија. Псалмот се дели на стихови, а секој стих е поделен на два или на повеќе полустиха. Повремено, во оригиналот, се среќава и рима. Ритмичната организација на стихот е основана на количеството на акцентирани групи во полустиховите. Полустиховите се устроени на начелата на паралелизам, сличност или контраст: тие или повторуваат една и иста тема, ползувајќи се со синоними и конструкции со слично значење, или сочинуваат смисловен меѓусебен контраст. Цела низа на псалми во еврејскиот оригинал се напишани во акростих, односно секој стих започнува со следната буква од еврејското писмо (33, 110, 111, 118 и 144). Псалмот 118, пак, се состои од 22 строфи со по 8 стиха. И сите 8 стиха од секоја негова строфа започнуваат со истата буква: 8-те стиха од првата строфа започнуваат со буквата алеф, осумте стиха од втората строфа започнуваат со буквата бет и сè така до последната буква од азбуката – тав.

Најголем дел од псалмите се од времето пред вавилонското ропство, односно од пред почетокот на VI век пред Христа. Но, постојат и подоцнежни творби. Така 78-иот и знаменитиот 136-ти псалм не можеле да бидат напишани пред паѓањето под Вавилон. Се смета дека најстар дел од Псалтирот се псалмите 3–40. Тој циклус потекнува од времето на монархијата и бил сосема завршен најдоцна до VII век пред Христа. Во Псалтирот се присутни многу теми коишто се општи за целата книга. Тоа се универзалните чувства на верникот: надежта во Бога, Кој ќе го слушне, спаси и укрепи; утврдување на верноста и љубовта кон Бога и кон Неговиот закон; исповедање на гревовите, горки жалби за чувството на богооставеност и, истовремено, воспевање на Господовото величие; благодарност на Бога за избавување од смрт; радост и ликување поради осознавањето на Божјата заштита и блискост; увереност дека грешниците ќе бидат казнети, а праведниците наградени и слично. Псалмопејачот многукратно повторува дека Бог е заштитник на слабите и на незаштитените, а дека силните и надмените ќе ги унижи. Господ ни е штит и прибежиште и, кога сме со Него, никаков непријател не е страшен. А непријателите на псалмопејачот му се злотворците, хулителите и грешниците – тие Му се непријатели на Самиот Господ и се олицетворение на гревот. Псалмопејачот е цврсто убеден дека спасение не можат да ни дадат ниту силата, ниту богатството, туку само Господ; и дека ни на небото, ни на земјата нема друг бог, освен Господ, Создателот. Во многу псалми личното „јас“ на пејачот, станува соборно „јас“ на народот Божји. Преку призмата на тоа соборно „јас“ некои познати теми на Псалтирот добиваат поинаков прочит. Нечестивите непријатели тогаш стануваат иноверните (јазичнички) народи, кои го прогонуваат народот Божји поради Неговата приврзаност кон Господа, а кроткиот и беден човек станува избраниот народ. Дарувајќи му победа на Израилот, Господ со тоа ќе го пројави и Своето величие. И ќе дојде ден, кога сите земски народи ќе дојдат да Му се поклонат на Господа (7,8; 44,18; 46,2; 65,8; 66,4...).

По својата содржина, облик и основна тематика, Псалтирот може да биде поделен на неколку групи: 1. Плач и прозби. Една од најбројните групи. Во себе го вклучува како личниот (3–7; 12; 16; 21; 24; 40 42; 53–58; 60; 87...), така и соборниот плач, пеен од лицето на народот во епохите на националните несреќи (43; 59; 73; 78–79; 82; 136...). 2. Пофални песни кон Господа. Оваа група псалми изобилува со призиви за прославување на Господа, за воспевање на Неговата апсолутна моќ како Творец и за спомнување на великите дела коишто Тој ги извршил во историјата на Својот народ (8; 18,2-7; 28; 32; 46; 64; 77; 92; 94–99; 134–135...). 3. Благодарствени песни. Содржат слова на благо дарност кон Бога за избавување од несреќа, на пример: од болести (29; 31; 115...), од непријателски напад (17; 91; 117; 137) и од останати беди. Тие псалми се произнесени во соборот на верниците, кои, на тој начин, стануваат сведоци за чудесното спасение од Бога (39,9-10; 65,16-19...). 4. Царски псалми. Го воспеваат царот и се сврзани со најважните собитија од неговиот живот, на пример: со издигнување на престолот (2), со свадба (44) или со победа во битка (19–20; 23). Во таквите псалми царот неретко истапува како лирски херој и самиот Му се обраќа на Господа со молитва (71; 88) или, пак, со ветување дека ќе владее справедливо (100). 5. Песни на Сион. Го прославуваат Сион и Ерусалим како место во кое Господ пребива со Својот народ (45; 47; 75; 83; 86; 121). 6. Псалми на Премудроста. По содржината и обликот се мошне блиски со книгите Изреки и Јов (36; 48; 72; 111; 126–127; 132). 7. Месијански псалми. Многу од псалмите Црква та ги гледа како пророштва за Христос и за Неговото Царство (2; 8; 15; 21; 39–40; 44; 46; 67–68; 71; 77; 88; 94; 96; 101; 117–118; 129; 131; 142).

Псалтирот се состои од пет основни дела кои, веројатно, водат кон пет различни книги. Согласно со јудејското предание, петделната поделба на Псалтирот ја повторува структурата на Петокнижието, кое, како што вели и самото негово име, исто така, се состои од пет книги. Поделбата на псалмите е следнава: 1) Псалми 1–40. Најголем дел од тие псалми го именуваат Давид за свој автор. 2) Псалми 41–71. Во нив се укажани различни автори: синовите на Кореј, Асаф, Давид и други. 3) Псалми 72–88. 4) Псалми 89–105. 5) Псалми 106–150. Секој од тие делови на Псалтирот завршува со славословија или белешки, кои, можеби, биле додадени од редакторите во моментот на конечното обликување на Псалтирот како една целост (40,14; 71,20; 88,53; 105,48). Некои псалми, со мали варијации, се повторуваат (на пример: псалмите 13 и 52). Некои, пак, влегле и во други книги на Стариот завет (на пример: псалмот 17 се повторува во 2 Цар 22).

Псалтирот во православната богослужбена традиција е поделен на 20 катизми (зборот „катизма“ про излегува од грчкиот јазик и значи „седење“, „седиште“, затоа што за време на читањето на Псалтирот е дозволено да се седи). Секоја катизма, пак, опфаќа определен текст (од 1 до 15 псалми, во зависност од нивната должина), којшто, пак, е поделен на три дела т.н. „слави“. Катизмите се читаат во текот на една седмица на заедничкото богослужение (вечерна, часови, утрена), на посебните треби (опело, панихида) и на засебните (најчесто заупокоени) молитви.