Лого на апликацијата „Библија“
Икона за пребарување

ДАНИЕЛ 3:1-30

ДАНИЕЛ 3:1-30 MKB

Царот Навуходоносор одреди да се направи златен кип, висок шеесет лакти и широк шест, и да го постават во рамницата Дура, во вавилонската покраина. Вавилонскиот цар ги повика сатрапите, намесниците, управителите, советниците, благајниците, судиите и законопознавачите и сите намесници на покраините, да дојдат на свечено откривање на кипот што го подигна царот Навуходоносор. Тогаш се собраа сатрапите, намесниците, управителите, советниците, ризничарите, судиите и законопознавачите и сите намесници на покраинската власт на откривањето на кипот што го подигна царот Навуходоносор. И застанаа пред кипот што го подигна Навуходоносор. Тогаш силно извика гласникот: „О народи, племиња и јазици, еве, што ви се наредува: во часот кога ќе ги чуете звуците на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, паднете на земјата и поклонете му се на златниот кип што го подигна царот Навуходоносор! Кој не ќе падне на земја и не ќе се поклони веднаш ќе биде фрлен во вжарена печка.“ Затоа, штом го слушнаа звукот на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, паднаа на земјата сите народи, племиња и јазици, поклонувајќи му се на златниот кип што го подигна царот Навуходоносор. Тогаш дојдоа некои Халдејци и ги оптужија Јудејците. Му рекоа на царот Навуходоносор: „О цару, жив да си довека! Ти, цару, му нареди на секој човек кој ќе ги чуе звуците на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, да падне на земјата и да му се поклони на златниот кип; а кој не ќе падне на земјата и не ќе се поклони да биде фрлен во вжарена печка. А еве, тука се Јудејците кои што ги постави за управители на Вавилонската Покраина: Седрах, Мисах и Авденаго. Тие луѓе не се покоруваа на твојата заповед, о цару; тие не им служат на твоите богови, и не му се поклонија на златниот кип што си го подигнал.“ Навуходоносор, јаростен и бесен, ги повика Седраха, Мисаха и Авденаго. Веднаш ги доведоа пред царот. А Навуходоносор им рече: „Дали е вистина, Седрах, Мисах и Авденаго, дека вие не им служите на моите богови, и дека не му се поклонувате на златниот кип што го подигнав? Дали сте волни, штом ќе чуете звук на рог, на кавал, на харфа, на китара, на псалтир, на гајда и на секакви други свиралки, да паднете на земјата и да му се поклоните на кипот што го направив? Ако не му се поклоните, ќе бидете веднаш фрлени во вжарена печка; и кој е тој бог кој ќе ве избави од мојата рака?“ Седрах, Мисах и Авденаго му одговорија на царот Навуходоносор: „Не треба да ти одговориме на тоа. Нашиот Бог Кому Му служиме може да нѐ избави од вжарената печка и од твојата рака, цару; Тој и ќе нѐ избави. Но ако тоа и не го направи знај, о цару: ние нема да им служиме на твоите богови, ниту ќе му се поклониме на кипот што си го подигнал.“ На тие зборови царот Навуходоносор се исполни со гнев, а лицето му се измени кон Седрах, Мисах и Авденаго. Тој нареди да се вжари печката седумпати повеќе отколку обично, и им заповеда на силните луѓе од својата војска да ги врзат Седрах, Мисах и Авденаго и да ги фрлат во печка полна со ражарен оган. И така, ги врзаа, и со наметките, со обувките и со капите, ги фрлија во вжарената печка. Бидејќи царската заповед беше итна а печката вжарена преку мера, пламенот ги уби луѓето кои ги фрлија Седрах, Мисах и Авденаго. А тројцата мажи - Седрах, Мисах и Авденаго - паднаа врзани во вжарената печка. Тогаш царот Навуходоносор се вчудоневиди и стана бргу. Ги праша своите советници: „Не ги фрливме ли оние тројца мажи врзани во огнот?“ Тие одговорија: „Ги фрливме цару!“ Тој рече: „Ама јас гледам четири мажи, одврзани шетаат по огнот, и не им се случува ништо зло; четвртиот е сличен на синот на боговите!“ Навуходоносор и пријде на вратата на вжарената печка и викна: „Седрах, Мисах и Авденаго, слуги на Сѐвишниот Бог, излезете и дојдете ваму!“ Тогаш Седрах, Мисах и Авденаго излегоа од огнот. Сатрапите, старешините, управителите и царевите советници се собраа за да ги видат тие луѓе: огнот не им наштети на нивните тела, косата на главата им беше неопрлена, наметките неоштетени, никаков непријатен мирис од огнот не се фати за нив. Навуходоносор викна: „Благословен да е Седраховиот, Мисаховиот и Авденаговиот Бог, Кој го испрати својот ангел и ги избави Своите слуги, оние кои се надеваа во Него та не ѝ се покорија на царската наредба, туку побргу му ги предадоа своите тела на огнот, отколку да му служат или да му се поклонуваат на друг освен на Својот Бог! И така наредувам: О народи, племиња и јазици, секој од вас кој би Го похулил Седраховиот, Мисаховиот и Авденаговиот Бог ќе биде раскинат на делови, а неговата куќа ќе биде претворена во гноиште, зашто нема бог кој би можел да спаси како Овој.“ Тогаш царот ги возвиши Седраха, Мисаха и Авденаго на високи положаи во Вавилонската Покраина.