Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БИТИЕ 46

46
Јаков се преселува во Египет
1И така, Израел тргна на пат, со сѐ што беше негово, и стигна во Вирсавеа, па Му принесе жртва на Бога на татка си Исака. 2Бог го повика Израела, во ноќно видение: „Јакове! Јакове!“ Тој одговори: „Еве ме!“ 3„Јас Сум Бог, Бог на татка ти. Не бој се да слезеш во Египет, зашто таму ќе произведам голем народ од тебе. 4Јас ќе слезам во Египет со тебе и Самиот ќе те вратам ваму; а Јосиф ќе ти ги склопи очите со свои раце.“ 5И Јаков тргна од Вирсавеа. Израелевите синови ги сместија: татка си Јакова, своите деца и своите жени во колите, што фараонот ги испрати, за да го превезат. 6Ги зедоа со себе својот добиток и имотот што го спечалија во Ханаанската Земја, и пристигнаа во Египет - Јаков и сето негово потомство. 7Со себе ги доведе во Египет своите синови и внуци, своите ќерки и ќерките на своите синови, сиот свој род.
Јаковово потомство
8Овие се имињата на Израелевите синови - на Јакова и на неговите потомци - кои стигнаа во Египет: Јакововиот првенец Рувим. 9Рувимови синови: Енох, Фалу, Есрок и Хармиј. 10Симеонови синови: Емуил, Јамин, Аод, Јахин, Сохар и Саул, син на Хананка. 11Левиеви синови: Гирсон, Каат и Мерариј. 12Јудини синови: Ир, Онан, Шела, Фарес и Зара; Ир и Онан умреа во Ханаанската Земја. Фаресови синови беа: Есрон и Амул. 13Исахарови синови: Тола, Фуа, Јов и Симрон. 14Завулонови синови: Серед, Елон и Јалеил. 15Тоа се синовите кои Лија ги имаше со Јакова во Падан Арам, и уште ќерката Дина. И така, ги имаше вкупно триесет и три. 16Гадови синови: Сифон, Агиј, Суниј, Есвон, Ириј, Ародиј и Арилиј. 17Асирови синови: Емна, Есуа, Есуј и Верија, и сестра им Сера. Вериеви синови: Хевер и Малхиел. 18Тоа беа потомците на Зелфа, која Лаван ѝ ја подари на ќерка си Лија. Така, таа му роди на Јакова шеснаесет души. 19Синови на Јакововата жена Рахила: Јосиф и Венијамин. 20На Јосифа му се родија во Египетската Земја Манасиј и Ефрем. Му ги роди ќерката на Онскиот свештеник Поти Фер. 21Венијаминови синови: Вела, Вехер, Асвил, Гира, Нааман, Ихиј, Рос, Мупим, Упим и Аред. 22Тоа беа Рахилините потомци, кои му ги роди на Јакова - вкупно четиринаесет души. 23Данов син е Усим. 24Нефталимови синови: Јасиил, Гуниј, Есер и Силим. 25Тоа беа потомците на Вала, која Лаван ѝ ја даде на ќерка си Рахила. Таа му роди на Јакова седум потомци. 26Така сите Јаковови деца, што произлегоа од него и што се населија во Египет - не сметајќи ги жените на Јакововите синови - вкупно беа шеесет и шест. 27И кон тоа два Јосифова сина, кои му се родија во Египет. Според тоа, сите души на Јакововиот дом, кои се населија во Египет, беа седумдесет.
Населување во Египет
28Јаков го испрати Јуда, напред, при Јосифа за да се појави пред него во Гесен. Кога стигнаа во Гесенскиот Крај, 29Јосиф ја спрегна својата кола и се запати во Гесен - во пресрет на татка си Израел. Стапувајќи пред него, го прегрна околу вратот и така плачеше долго. 30Тогаш Израел му рече на Јосифа: „Сега можам да умрам, откако видов, со свои очи, дека си жив.“ 31Потоа Јосиф им рече на своите браќа и на татковиот дом: „Ќе отидам и ќе го известам фараонот; ќе му речам: ‘Браќа ми и семејството на татка ми, кои беа во Ханаанската Земја, дојдоа при мене. 32Тие се луѓе пастири, секогаш се занимаваа со сточарство; ги доведоа со себе своите стада и сѐ што имаа.’ 33Така, кога фараонот ќе ве повика и ќе ве праша: ‘Со што се занимавате?’ 34Одговорете: ‘Луѓе сме, твоите слуги, кои од почеток досега се занимаваме со сточарство; и ние и нашите предци’, за да ве населат во Гесен. Имено, сите пастири им се одвратни на Египетците.“

Селектирано:

БИТИЕ 46: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се