Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЛУКА 9

9
Испраќање на Дванаесетте да проповедаат.
1И ги повика Дванаесетмината и им даде сила и власт, над сите нечисти духови и да лекуваат болни. 2И ги испрати да го проповедаат Божјото Царство и да исцелуваат болни. 3И им рече: „Не земајте ништо за пат: ни стап, ни торба, ни леб, ни сребреници! Ниту да имате по две облеки. 4И во која куќа и да влезете, останете и оттаму тргнувајте. 5И ако некои не ве примат, излезете од нивниот град, истресете го правот од своите нозе, за сведоштво против нив!“ 6Тогаш отидоа и одеа по селата, проповедувајќи го Еван-гелието и исцелувајќи насекаде. 7А четворовласникот Ирод чу за сѐ што се случува и беше во голема неприлика, зашто некои зборуваа дека Јован воскреснал од мртвите; 8други дека се појавил Илија; трети пак дека станал еден од старите пророци. 9Ирод рече: „На Јована јас му ја отсеков главата, но Кој е Овој за Кого слушам такви работи?“ И бараше да Го види.
Исус нахранува народ
10А кога се вратија апостолите, Му раскажаа сѐ што направиле. И ги зеде со Себеси и се повлече насамо, спроти градот наречен Витсаида. 11Но штом народот разбра за тоа, тргна по Него. И Тој ги прими и им зборуваше за Божјото Царство и ги оздравуваше оние, кои имаа потреба од исцелување. 12А кога денот почна да превалува, Дванаесетте Му пристапија и Му рекоа: „Отпушти го народот да оди во околните села и селца, за да најде преноќиште и јадење, зашто сме тука во пусто место!“ 13Тој пак им рече: „Дајте им вие да јадат!“ А тие рекоа: „Немаме повеќе од пет леба и две риби; освен ние да отидеме и да купиме храна за сиот овој народ!“ 14Зашто беа околу пет илјади мажи. И им рече на Своите ученици: „Седнете ги во купчиња по педесет!“ 15И така направија и ги седнаа сите. 16Тој ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото; ги благослови и ги рас-крши и им даваше на учениците, за да ги стават пред народот. 17И сите јадеа и се наситија, и го кренаа тоа што остана од парчињата - дванаесет кошници.
Исус ги претскажува Својата смрт и воскресението
18И кога еднаш се молеше сам, а учениците беа со Него, ги праша: „Што вели народот, Кој Сум Јас?“ 19Тие пак одговорија: „Едни велат - Јован Крстител, други - Илија, а трети - дека воскреснал некој од старите пророци.“ 20Тогаш им рече: „А вие што велите, Кој Сум Јас?“ Петар во одговор рече: „Христос Божји!“ 21А Тој строго им заповеда, никому да не го кажуваат тоа; 22велејќи дека Човечкиот Син треба да пострада многу; да биде отфрлен од старе-шините, свештеничките главатари и книжниците; да биде убиен и да воскресне на третиот ден.
23И на сите им зборуваше: „Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себеси и нека го земе својот крст секој ден, и нека Ме следи! 24Зашто, кој сака да ја спаси својата душа - ќе ја изгуби; а кој ја изгуби својата душа заради Мене, тој ќе ја спаси. 25Зашто, каква полза има човекот ако го добие целиот свет, а самиот себе се изгуби или се упропасти? 26Зашто, кој се срами од Мене и од Моите зборови, и Човечкиот Син ќе се срами од него, кога ќе дојде во Својата слава, и во славата на Таткото и на светите ангели. 27И вистина ви велам, има некои меѓу овие, што стојат тука, кои нема да ја вкусат смртта, додека не го видат Божјото Царство.“
Преобразување
28И на околу осум дена по овие зборови, ги зеде со себе Петра, Јована и Јакова и се искачи на гората да се моли. 29И додека се молеше Неговото лице се измени, а облеката Му стана бела и сјајна. 30И ете, два човека разговараа со Него; тоа беа Мојсеј и Илија, 31кои се јавија во слава и говореа за Неговиот излез, што требаше да го заврши во Ерусалим. 32А сонот ги совлада Петра и неговите другари. А кога се разбудија, ја видоа Неговата слава и двајцата мажи, кои стоеја со Него. 33И кога тие се разделуваа од Него - Петар Му рече на Исуса: „Учителе, добро е да сме тука; ќе направиме три шатори: еден за Тебе, еден за Мојсеј, еден за Илија“ - не знаејќи што зборува. 34И додека тој уште го зборуваше тоа, дојде облак и ги засени и се исплашија, кога влегоа во облакот. 35А од облакот дојде глас, кој велеше: „Овој е Мојот Син, Мојот Избраник! Слушајте Го Него!“ 36Кога гласот екна, Исус се најде Сам. Тие пак молчеа и никому ништо не кажуваа во тие дни, за она што видоа.
Исцелување на бесно момче
37А на другиот ден, кога слегуваа од гората големо мноштво Го пресретна. 38И ете, еден човек од народот извика: „Учителе, Те молам, погледни на мојот син, зашто ми е единец! 39Ете, духот го фаќа и тој вика одеднаш, и го растргува така, што фрла пена и сотрувајќи го, одвај си оди од него. 40И ги помолив Твоите ученици, за да го истераат, но не можеа.“ 41Исус пак одговори и рече: „О, роде неверен и расипан, до кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам? Доведи го твојот син тука!“ 42И додека му приоѓаше бесот го фрли на земја и почна да го крши; но Исус го прекори на нечистиот дух и го оздрави детето и му го предаде на татко му. 43И сите се чудеа на Божјото величие. И додека сите се восхитуваа на сѐ она што направи, Тој им рече на Своите ученици: 44“Сложете ги овие зборови во своите уши: „Човечкиот Син ќе биде предаден во човечки раце!“ 45Но тие не го разбраа тој збор, зашто беше сокриен од нив, за да не го разберат, а се плашеа да го прашаат за овој збор.
46И им дојде мисла - кој од нив ќе биде поголем? 47А Исус, знаејќи ја мислата на нивните срца, зеде едно дете и го постави покрај Себеси, 48и им рече: „Кој го прима ова дете, во Мое име - Мене Ме прима. А кој Ме прима Мене, Го прима Оној, Кој Ме пратил; зашто, кој е најмал меѓу сите вас, тој е голем.“
49А Јован проговори и рече: „Учителе, видовме еден, кој исте-рува нечисти духови во Твое име, и му забранивме, зашто не оди со нас.“ 50Исус пак му рече: „Не бранете му - зашто, кој не е против вас - за вас е.“
51А кога дојде време да се вознесе, Тој го насочи Своето лице да патува за Ерусалим; 52и испрати гласници пред Своето лице. Тие отидоа и дојдоа во едно самарјанско село - да приготват место за Него. 53Но не Го примија, зашто лицето Му беше кон Ерусалим. 54Кога го видоа тоа учениците, Јаков и Јован рекоа: „Господи, сакаш ли да заповедаме да слезе оган од небото и да ги истреби, како што направи и Илија?“ 55А Тој се заврте и ги укори, велејќи: „Вие не знаете од каков дух сте; 56зашто Човечкиот Син не дојде да погубува човечки души, но да ги спаси.“ И отидоа во друго село.
57И додека одеа по патот, еден му рече: „Ќе Те следам каде и да одиш.“ 58Исус пак му рече: „Лиси-ците имаат легла и небесните птици - гнезда, а Човечкиот Син нема каде да ја потпре главата.“ 59А на друг му рече: „Врви по Мене!“ Но тој рече: „Господи, дозволи ми најнапред да одам и да го погребам татка си.“ 60Му рече: „Остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци. А ти оди и проповедај го Божјото Царство!“ 61Рече и друг: „Јас ќе Те следам, Господи, но дозволи ми прво да се простам со своите домашни!“ 62Исус пак му рече: „Никој, кој ја ставил својата рака на ралото, а погледнува назад, не е достоен за Божјото Царство.“

Селектирано:

ЛУКА 9: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се