Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 12

12
1Тогаш Исус им ја кажа оваа споредба: “Еден човек си насади лозје, го загради со плот, ископа јама за гмечење на грозјето и изгради чуварска кула. Потоа им го даде лозјето под наем на лозарите, а тој замина на пат.
2Кога дојде време за гроздобер, тој испрати еден од своите слуги кај лозарите, за да му го донесе делот од бербата што му припаѓа како надомест.
3Но лозарите го фатија, го натепаа и го избркаа со празни раце.
4Тој повторно им испрати друг слуга, но тие го изудрија по главата и го изнавредија.
5Им испрати и трет слуга, но тие го убија. Потоа испрати и многу други слуги, но лозарите едни од нив претепаа, други убија.
6Му остана уште само еден: неговиот син-љубимец. На крајот им го испрати и него, сметајќи дека ќе имаат почит спрема него.
7Но лозарите си рекоа меѓу себе: ,Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!‘
8И го фатија, го убија, а телото му го исфрлија надвор од лозјето.
9Што мислите, што ќе направи сопственикот на лозјето? - Ќе дојде и ќе ги погуби лозарите, а лозјето ќе им го даде на други лозари!
10Зар не сте го читале ова во Светото Писмо: ,Каменот што ѕидарите го отфрлија стана камен-темелник!
11Тоа го направи Господ - како прекрасна глетка пред нашите очи!‘“
12Еврејските водачи сфатија дека оваа споредба се однесува на нив и сакаа да Го уапсат, но се плашеа од народот. Затоа Го оставија и си заминаа.
13Потоа испратија кај Исус некои од фарисеите и од иродовците за да Го фатат да каже нешто за што ќе можат да Го обвинат.
14Доаѓајќи кај Него, му Го рекоа следново: „Учителе! Знаеме дека си чесен, дека не си пристрастен спрема никого и дека на луѓето им ја кажуваш вистината за Божјиот пат. Кажи ни, право ли е да му плаќаме данок на римскиот император, или не?“
15Исус го проѕре нивното лукавство, па им одговори: „Зошто сакате да Ми поставите стапица? Дајте Ми еден римски денариј да го видам!“
16Кога Му подадоа, Тој ги запраша: „Чиј лик и име се втиснати на парава?“ „На императорот!“ - му одговорија тие.
17Тогаш Исус им рече: „Дајте му го на императорот тоа што му припаѓа на императорот, а на Бога тоа што Му припаѓа на Бога!“
18Тогаш кај Исус дојдоа некои садукеи (тие тврдат дека нема да има воскресение на мртвите) и Го прашаа:
19„Учителе! Мојсеј ни пропишал дека, доколку некој маж умре и остави зад себе вдовица без деца, живиот брат е должен да ја земе братовата вдовица за жена и да му подигне потомство на својот починат брат.
20Си беа седуммина браќа, од кои првиот се ожени и умре без да има деца.
21Вториот брат се ожени со вдовицата на својот починат брат, но и тој умре без деца. Истото се случи и со третиот брат.
22Ниту еден од седумтемина не остави потомство. На крајот умре и жената.
23Кога ќе воскреснат од мртвите, чија жена ќе биде таа, со оглед на тоа што им била сопруга на сите седум браќа!?“
24Исус им одговори: „Вие сте во заблуда, бидејќи не го знаете учењето на Светото Писмо! А не ја знаете ни Божјата сила!
25Кога луѓето ќе воскреснат од мртвите нема да бидат ни женети ни мажени. Тие ќе бидат како ангели на небото.
26А што се однесува до воскресението на мртвите, зар не сте читале во Мојсеевите книги за тоа како Бог му се јави на Мојсеј во разгорената грмушка и му рече: ,Јас Сум Бог на Кој Му служат Авраам, Исак и Јаков!‘
27Значи, тие се живи, а не мртви, зашто Бог не е Бог на мртвите, туку на живите! Вие сте во голема заблуда!“
28Тогаш кај Исус дојде еден вероучител, кој ја слушаше претходната расправа. Согледувајќи дека Исус добро им одговори на садукеите, Го праша: „Која е најважната заповед во Божјиот Закон?“
29Првата најважна заповед гласи: ,Слушајте Израелци: Вие имате само еден Господ и Бог!
30Сакајте Го Господ, вашиот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум и со сета своја снага!‘
31Втората заповед е слична на првата, и гласи: ,Сакај го својот ближен како самиот себе!‘ Други заповеди, поважни од овие, нема.
32Вероучителот рече: „Добро, Учителе. Право кажа дека има само еден Бог.
33Да се сака Бог со сето срце, разум и снага и да се сака ближниот како самиот себе е повредно од секаков вид жртва!“
34Кога Исус виде дека човекот даде умен одговор, му рече: „Не си далеку од Божјото царство!“ По ова, на Исус никој повеќе не се осмели да му поставува прашања.
35Подоцна, додека поучуваше во храмот, Исус рече: „Како можат вероучителите да тврдат дека Месијата му е син на Давид,
36кога самиот Давид, поттикнат од Светиот Дух, рекол: ,Му рече Јахве на мојот Господ: Седни од Мојата десна страна, додека не ги соборам Твоите непријатели под нозете Твои!‘
37Ако самиот Давид Го нарекол Месијата свој Господ, како тогаш Месијата може да му биде син!?“ Многубројниот народ со одушевување го слушаше учењето на Исус.
38Продолжувајќи да поучува, Исус рече: „Пазете се од вероучителите! Тие уживаат да се шетаат во долги мантии и да бидат поздравувани на јавните места.
39Ги сакаат челните места во храмовите и почесните места на гозбите.
40Тие им го изедуваат имотот на вдовиците, а божем се молат со долги молитви! Тие ќе бидат најстрого судени!“
41Исус седна во храмот спроти ковчежето за доброволни прилози и ги набљудуваше луѓето како пуштаат пари во него. Забележа дека голем број богати луѓе ставаа големи суми пари.
42Дојде и една сиромашна вдовица и пушти две парички.
43Исус ги повика Своите ученици и им рече: „Ве уверувам дека оваа сиромашна вдовица даде повеќе од сите други!
44Зашто, сите други дадоа од својот вишок, а таа даде од својата немаштија; даде сe што имаше, целата своја издршка.“

Селектирано:

Марко 12: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се