Марко 14
14
1Имаше уште два дена до празниците Пасха и Бесквасници. Свештеничките поглавари и вероучителите бараа некој лукав начин да Го уапсат Исуса и да Го погубат.
2Но велеа: „Не за време на празниците, зашто народот ќе се побуни!“
3Исус беше на вечера во Бетанија, во куќата на Симон, кој порано боледуваше од лепра. Таму дојде една жена, носејќи шише од алабастер полно со скапоцен нардов мирис. Таа го скрши шишето и го разлеа нардовиот мирис врз главата на Исус.
4Некои од гостите налутено реагираа, велејќи: „Зошто се растура овој скап мирис!?
5Можеше да се продаде за триста денарии и парите да им се разделат на сиромасите!“ Тие почнаа да ја укоруваат жената.
6Но Исус им рече: „Оставете ја жената на мира! Зошто ја карате!? Таа направи милосрдно дело спрема Мене.
7Сиромаси секогаш ќе има меѓу вас, и ќе можете да им помагате кога и да посакате. Но Јас нема да бидам уште долго време со вас.
8Таа направи сe што можеше - однапред го подготви Моето тело за погреб.
9Ве уверувам, дека, насекаде по светот, каде што ќе се проповеда Радосната вест, ќе се кажува и ова што таа го направи, за спомен на неа!“
10Тогаш Јуда Искариот, кој беше еден од дванаесетте ученици на Исус, отиде кај свештеничките поглавари и се понуди да им Го предаде Исус.
11Тие се израдуваа на тоа и му ветија парична награда. Оттогаш Јуда бараше погоден момент да Го предаде Исуса.
12На првиот ден од празникот Бесквасници, кога се колеа пасхалните јагниња, учениците Го прашаа Исуса: „Каде би сакал да ја подготвиме пасхалната вечера?“
13Исус им рече на двајца од Своите ученици: „Отидете во градот. Таму ќе сретнете еден човек како носи стомна со вода. Тргнете по него.
14Кога ќе влезе во куќата, речете му на домаќинот: ,Нашиот Учител прашува во која соба ќе може да ја одржи пасхалната вечера со Своите ученици?‘
15Домаќинот ќе ви покаже една голема соба, на горниот кат, послана и подготвена. Пригответе ја вечерата таму.“
16Двајцата ученици отидоа во градот и најдоа сe онака како што им беше рекол Исус. Таму ја приготвија пасхалната вечера.
17Вечерта, пристигна Исус со дванаесеттемина Свои ученици.
18За време на вечерата, Исус им рече: „Еден од вас што вечера со Мене, ќе Ме предаде.“
19Тоа ги нажали учениците и тие почнаа еден по еден да Го прашуваат: „Да не мислиш дека тоа ќе бидам јас?“
20Исус им одговори: „Ќе биде еден од вас дванаесеттемина што мака од иста чинија со Мене!
21Јас, Синот Човечки, ќе умрам, како што е претскажано за Мене. Но тешко си му на човекот што ќе Ме предаде Мене, Синот Човечки! За тој човек, подобро ќе беше воопшто да не се родеше!“
22За време на вечерата, Исус зеде леб, го благослови, го раскрши на парчиња и им го подаде на учениците, велејќи: „Земете, ова го претставува Моето тело.“
23Потоа зеде чаша со вино, го благослови и им го подаде на учениците. Сите пиеја од него.
24Потоа им рече: „Тоа ја претставува Мојата крв - крв на Божјиот завет со вас, која се пролева за мнозина.
25Ви велам дека отсега нема повеќе да пијам од лозовиот плод сe додека одново не пијам во Божјото царство.“
26Потоа испеаја псалми и заминаа на Маслиновата Гора.
27Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Сите вие ќе Ме напуштите, како што е запишано: ,Ќе удрам по Пастирот и овците ќе се разбегаат!‘
28Но кога ќе воскреснам, ќе ве чекам во Галилеја!“
29Петар се огласи, велејќи: „Дури и ако сите други потклекнат, јас нема да потклекнам!“
30Исус му одговори: „Те уверувам дека токму ти, уште ноќва, пред второто пеење на петлите, трипати ќе се откажеш од Мене!“
31„Ни по цена да загинам со Тебе, јас нема да Те изневерам!“ - самоуверено рече Петар. Истото го велеа и сите други ученици.
32Заедно со Своите ученици, Исус дојде во местото Гетсемани и им рече: „Седете овде додека отидам да се помолам.“
33Ги поведе со Себе Петар, Јаков и Јован.
34Длабоко потресен и нажален, им рече: „Тагата што ја имам во душава Ме убива! Останете овде и бдејте со Мене!“
35Потоа Тој се оддалечи малку, падна ничкум и почна да се моли, доколку е можно, да биде поштеден од претстојните страдања.
36Се молеше вака: „Аба! Татко! За тебе сe е можно! Не дозволувај да страдам на ваков суров начин! Сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата!“
37Кога Исус се врати кај Своите ученици, ги затекна како спијат, па му рече на Петар: „Зар спиеш, Симоне!? Не можеше ли да останеш буден еден час?
38Разбудете се и молете се да не бидете совладани од искушението што доаѓа, зашто, иако духот е храбар, телото е слабо!“
39Потоа Исус пак се оддалечи малку и продолжи да се моли со истата молитва.
40Кога повторно се врати, учениците и овојпат беа заспале; очите едноставно им се затвораа и не знаеја што да Му одговорат.
41Кога и по третпат се врати, Исус им рече: „Зар и понатаму спиете и се одморате!? Доста беше! Дојде времето Мене, Синот Човечки, да Ме предадат во рацете на грешници.
42Станувајте, тргнуваме! Предавникот Мој е веќе овде!“
43И веднаш, уште додека Исус зборуваше, пристигна предавникот Јуда, кој беше еден од дванаесеттемина Исусови ученици. Со себе водеше голема толпа народ, вооружен со мечеви и со стапови. Сите тие беа испратени од свештеничките поглавари, од вероучителите и од народните старешини.
44Претходно предавникот Јуда со нив беше договорил знак: „Фатете Го Оној што при поздравувањето ќе го бакнам и одведете Го внимателно!“
45Јуда дојде право кај Исус и Му рече: „Учителе!“ Потоа Го поздрави со бакнеж.
46Тогаш луѓето Го зграпчија Исуса и Го уапсија.
47Еден од присутните извлече нож и замавнувајќи му го отсече увото на слугата на Првосвештеникот.
48А Исус им рече: „Што сте излегле против Мене со мечеви и со стапови?
49Секојдневно седев со вас во храмот и поучував, ама не Ме уапсивте. Но мора да се исполнат запишаните претскажувања за Мене.“
50Тогаш сите ученици на Исус се разбегаа и Го напуштија.
51По Него одеше само едно момче наметнато со платно на голото тело.
52Се обидоа и него да го фатат, влечејќи го за платното, но момчето го остави платното и им побегна.
53Исус беше доведен кај Првосвештеникот. Таму се собраа сите свештенички поглавари, народни старешини и вероучители.
54Петар Го следеше оддалеку, сe до дворот на Првосвештеникот. Таму седна да се грее околу огнот, заедно со чуварите.
55Свештеничките поглавари и целиот Врховен совет сакаа да Го погубат Исуса и затоа бараа сведоци против Него, но не најдоа.
56Всушност, се јавија многу лажни сведоци, но нивните обвиненија не се совпаѓаа.
57Тогаш станаа некои луѓе и изнесоа лаги, велејќи:
58„Лично Го чувме како вели: ,Ќе го разурнам овој храм изграден со човечка рака и за три дена ќе изградам друг што нема да биде изграден од човечка рака!‘“
59Но и нивните обвинувања не се совпаѓаа едни со други.
60Конечно, пред присутните стана Првосвештеникот и Му се обрати на Исус: „Зар нема ништо да одговориш на овие обвинувања против Тебе!?“
61Исус молчеше и ништо не одговараше. Првосвештеникот Му постави на Исус уште едно прашање: „Ти ли си Месијата, Синот на Преславниот Бог?“
62„Да, Јас Сум!“ - Му одговори Исус и додаде: “Наскоро ќе Ме видите Мене, Синот Човечки, како седам оддесно на Семоќниот и како доаѓам на небесните облаци!“
63На ова, Првосвештеникот си ја раскина облеката и рече:
64„Зар ни се потребни други сведоци!? Го чувте Неговото богохулство! Што предлагате?“ Сите се сложија дека Исус заслужува смртна казна.
65Тогаш некои од луѓето почнаа да Го плукаат Исуса. Му ги врзаа очите, Го удираа со тупаници и Му велеа: „Погоди кој те удри!“ И чуварите Го удираа по главата.
66Додека Петар беше долу во дворот, дојде една од слугинките на Првосвештеникот
67и го виде Петар како се грее крај огнот. Се загледа во него и му рече: „И ти беше со Назареќанецот Исус!“
68Но Петар одрекуваше, велејќи: „Не е точно тоа што го тврдиш!“ Потоа се упати кон вратата и во тој момент запеа петел.
69Слугинката повторно го виде Петар и одново им се обрати на присутните: „И овој е од нив!“
70Но Петар и овојпат одрекуваше. Малку подоцна, некои од присутните одново Му рекоа на Петар: „Вистина е, и ти си еден од нив, па и Галилеец си!“
71Овојпат Петар почна да се колне и да ги уверува: „Не Го познавам човекот за Кој зборувате!“
72Во тој момент повторно запеа петел и Петар се сети на Исусовите зборови: „Пред второто пеење на петлите, ти трипати ќе се откажеш од Мене!“ Тогаш Петар заплака.
Селектирано:
Марко 14: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.