2 Самоилова 12:13-25 - Спореди ги сите верзии
2 Самоилова 12:13-25 MK2006 (Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги))
Тогаш Давид му рече на Натан: „Згрешив пред Господ.“ А Натан му кажа на Давид: „И Господ го симна од тебе гревот твој; ти нема да умреш; но бидејќи со тоа им даде повод на непријателите Господови да Го хулат, затоа синот што ти се роди, ќе умре.“ Натан отиде во домот свој. И Господ го погоди детето што му го беше родила на Давид Уриевата жена, и тоа се разболе. Давид Му се молеше на Бога за детето, постеше Давид и осамен ја мина ноќта, легна на земја. И влегоа кај него старешините на домот негов, да го кренат од земјата, но тој не сакаше и не јадеше леб со нив. На седмиот ден детето умре, и слугите Давидови се плашеа да му соопштат дека детето умрело; зашто си мислеа тие, кога детето беше уште живо, и ние му прозборувавме, а тој не го слушаше гласот наш, како ќе му кажеме: „Детето умре.“ Тој ќе стори нешто лошо. Виде Давид дека слугите негови се дошепнуваат, и разбра дека детето умрело, па ги праша слугите: „Умре ли детето?“ Тие му одговорија: „Умре.“ Тогаш Давид стана од земјата, се изми, се помаза, се преоблече и отиде во домот Господов и се молеше. Кога се врати дома, побара да му донесат леб и јадеше. И го запрашаа слугите негови: „Што значи тоа што постапуваш така? Додека детето уште беше живо, ти постеше и плачеше, и не спиеше; а откако умре детето, ти стана и јадеш леб и пиеш.“ Давид им одговори: „Додека детето беше живо, јас постев и плачев, бидејќи мислев: кој знае, нема ли да се смили над мене Господ и нема ли детето да остане живо? А сега е умрено; зошто да постам? Зар можам да го вратам? Јас ќе отидам кај него, тоа нема да се врати кај мене.“ И Давид ја утеши својата жена Витсавеја, и влезе кај неа и спиеше со неа; таа зачна и роди син, кому му даде име Соломон. И Господ го засака; и го испрати пророкот Натан, и тој го нарече: Једидија, според словото Господово.
2 Самоилова 12:13-25 MKB (Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов)
Тогаш Давид му рече на Натана: „Згрешив пред Господа!“ А Натан му одговори на Давида: „Господ ти го опростува твојот грев: нема да умреш. Но бидејќи со тоа дело го презре Господа, неминовно ќе умре детето, кое ти се роди!“ Потоа Натан си отиде во својата куќа. А Господ го удри детето кое Уриевата жена му го роди на Давида, и тоа се разболе. Давид Му се обрати на Бога со молитва за детето: постеше, се враќаше дома и лежеше преку ноќта на гола земја. А старешините на неговиот дом стоеја околу него за да го подигнат од земјата, ама тој не сакаше и не вкуси никакво јадење со нив. А на седмиот ден умре детето. Давидовите дворјанци не се осмелија да му соопштат дека детето умре. Зашто мислеа: „Додека детето беше живо, му зборувавме, а тој не сакаше да нѐ слуша. А како ќе му кажеме кога детето умре? Ќе направи зло!“ Давид забележа дека неговите дворјанци шепотат меѓу себе, и тој сфати дека детето умре. И ги праша Давид своите дворјанци: „Дали умре детето?“ А тие одговорија: „Умре.“ Тогаш Давид стана од земјата, се искапи, се помаза и се пресоблече во други облеки. Потоа влезе во Господовиот дом и се поклони. Откако се врати потоа во својата куќа, побара да му дадат јадење; и јадеше. А неговите дворјанци го прешаа: „Што правиш тоа? Додека детето беше живо, постеше и плачеше; а сега, кога детето е умрено, стануваш и јадеш!“ А тој одговори: „Додека детето уште беше живо, постев и плачев, зашто мислев: ‘Кој знае? Можеби Господ ќе се смилува на мене и детето ќе остане живо!’ А сега кога е умрено, зошто да постам? Дали можам да го вратам? Јас ќе отидам при него, но тоа нема да се врати кај мене!“ Потоа Давид ја утеши својата жена Витсавеа. Дојде кај неа и легна со неа. Таа затрудни и роди син кому му го даде името Соломон. Господ го замилува и го соопшти тоа преку пророкот Натан. Овој го нарече со името Едидиј (Возљубен на Господа), заради Господа.