Лука 2:8-20
Лука 2:8-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Во тој крај имаше пастири, кои ноќеваа таму и го чуваа своето стадо. И одеднаш им пристапи ангел Господов и славата Господова ги осветли; и се уплашија многу. А ангелот им рече: „Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ. Ова ќе ви биде знак: ќе најдете повиен Младенец, кој лежи во јасли.“ И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“ Кога си отидоа ангелите од нив на небо, пастирите си рекоа меѓу себе: „Да појдеме во Витлеем и да го видиме претскажаниот настан што ни го соопшти Господ.“ И дојдоа брзо и ги најдоа Марија и Јосиф со Младенецот кој лежеше во јасли. А штом го видоа, соопштија за претскажувањето што им беше речено за Тоа Дете. И сите што слушаа се восхитуваа на она што им го говореа пастирите. А Марија ги зачува сите тие зборови, сложувајќи ги во срцето свое. И се вратија пастирите, славејќи Го и фалејќи Го Бога за сѐ она што чуја и видоа, како што им беше речено.
Лука 2:8-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Во истиот тој крај, имаше пастири кои ноќеваа во полето, чувајќи ги своите стада. Одеднаш им се јави ангел Господов и славата Господова ги осветли, од што тие многу се исплашија. Но ангелот им рече: „Не плашете се! Ви носам радосна вест, што ќе ги зарадува сите народи. Денес, во Давидовиот град, во Витлеем, ви се роди Спасителот - Месијата, Господ. Доказ за ова ќе ви биде следното: во јаслите ќе најдете Новороденче во повој.“ Вчасот, на ангелот му се придружија голем број ангели од небото, кои Го славеа Бога пеејќи: „Слава на Бог во небесата, а на Земјата мир за луѓето над кои почива Неговата благонаклоност!“ Кога ангелите се вратија на небото, пастирите си рекоа еден со друг: „Ајде да појдеме до Витлеем и да ја видиме оваа случка со која нe запозна Господ!“ Отидоа брзајќи и ги најдоа Марија и Јосиф со Новороденчето кое лежеше во јаслите. Откако Го видоа, на сите им раскажуваа за сето она што им го беше рекол ангелот за Детето. Сите што го слушаа ова од пастирите, се восхитуваа, а Марија ги запамети сите тие зборови и често размислуваше за нив. Потоа пастирите се вратија, пеејќи Му славопојки на Бог за сето она што го слушнаа и видоа, зашто сe беше точно така како што им кажа ангелот.
Лука 2:8-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А во тој ист крај пастири ноќеваа под ведро небо, чувајќи го своето стадо. И одеднаш Господов ангел им пристапи и Господовата слава ги осветли, па се уплашија многу. Ангелот пак им рече: „Не бојте се, зашто, еве, ви најавувам добра вест, голема радост, која ќе биде за сите народи: зашто денес ви се роди Спасител, во Давидовиот град, Кој е Христос Господ. И ова ви е знак: ќе најдете Младенче повиено, како лежи во јасли!“ И одеднаш со ангелот се најде мно-жество небесно воинство, кое Го фалеше Бога, велејќи: “Слава на Бога во висините и на земјата мир, во луѓето добра волја!“ А кога ангелите си отидоа од нив во небото, пастирите си зборуваа еден на друг: „Тогаш, да отидеме до Витлеем и да видиме што се случило таму, за кое ни соопшти Господ!“ И брзајќи дојдоа и ги најдоа: Марија и Јосифа, и Дете-нцето како лежи во јаслите. А штом видоа, кажаа сѐ што им беше речено за Детенцето. И сите кои чуја, се восхитуваа на она, што пастирите им го рекоа. А Марија ги помнеше сите овие зборови и размислуваше за нив во своето срце. И пастирите се вратија, славејќи Го и фалејќи Го Бога, за сѐ што чуја и видоа, онака како што им беше речено.