ДЕЛА 5
5
Ананија и Сапфира
1А еден човек по име Ананија, со својата жена Сапфира, продаде еден имот 2и задржа од цената со знаење на жената, а донесе еден дел и го стави пред нозете на апостолите. 3А Петар му рече: „Ананија, зошто сатаната го исполни твоето срце да Го излажеш Светиот Дух и да задржиш од цената на нивата? 4Не беше ли твоја додека не беше продадена? И кога ја продаде - не беше ли во твоја власт? Зошто го науми тоа нешто во своето срце? Не ги излага луѓето, туку Бога!“ 5Кога Ананија ги чу зборовите, падна и издивна. И голем страв ги обзеде сите, кои го чуја тоа. 6А помладите станаа, го завиткаа, го изнесоа и го погребаа. 7А кога поминаа околу три часа, влезе и неговата жена, не знаејќи што станало. 8И Петар ја праша: „Кажи ми дали за толку ја продадовте нивата?“ И таа рече: „Да, за толку.“ 9А Петар ѝ рече: „Зошто се согласивте да Го искушувате Господовиот Дух? Еве! Веќе пред вратата се нозете на оние, кои го погребаа твојот маж, ќе те изнесат и тебе!“ 10И веднаш падна до неговите нозе и издивна. А кога младите луѓе влегоа, ја најдоа мртва; ја изнесоа и ја погребаа до нејзиниот маж. 11И голем страв ја опфати целата црква и сите кои го чуја тоа.
12И преку апостолските раце стануваа многу знаци и чуда во народот; и сите беа еднодушни во Соломоновиот трем. 13Од другите пак, никој не се осмелуваше да им се присоедини, меѓутоа народот ги величаше многу. 14А повеќе верни беа присоединети кон Бога; множествата на мажи и жени; 15така што изнесуваа болни на улиците и ги полагаа на постели и носилки, та барем Петровата сенка да падне на некого од нив. 16Се собираше во Ерусалим и множество од околните градови и носеа болни и измачувани од нечисти духови. И сите се исцелуваа.
Апостолите во темница
17Тогаш станаа: првосвештеникот и сите, кои беа со него, имено садукејската ерес, се наполнија со завист, 18ги фатија апостолите и ги фрлија во општа темница. 19Но во ноќта, Господов ангел ја отвори вратата на темницата, ги изведе и им рече: 20“Одете и истапете во Храмот, говорете му ги на народот сите зборови за овој живот!“ 21Штом тие го чуја тоа, влегоа во Храмот пред разденување и поучуваа. А кога дојдоа првосвештеникот и оние, кои беа со него, ги свикаа Синедрионот и сите старешини на Израелевите синови, и испратија да ги доведат. 22А кога служителите дојдоа, не ги најдоа во темницата. се вратија и известија: 23“Ја најдовме темницата заклучена и добро обезбедена, и стражарите како стојат пред вратата; но кога ја отворивме - внатре не најдовме никого.“ 24Кога ги чуја овие зборови, храмските старешини и свештеничките главатари, беа во недоумение заради нив, што би можело тоа да биде! 25Но некој дојде и им јави: „Ене ги, мажите, кои ги затворивте во темница, стојат во Храмот и го поучуваат народот.“ 26Тогаш управителот на Храмот, со служителите, отиде и ги доведе, но не на сила, зашто се боеја од народот да не ги каменува. 27И кога ги доведоа, ги поставија пред Синедрионот, и првосвештеникот ги праша: 28“Зар не ви забранивме строго да не поучувате во тоа име? А еве, вие го наполнивте Ерусалим со својата наука и сакате да ја фрлите крвта на Тој Човек на нас.“ 29А Петар и апостолите во одговор рекоа: „Треба да Го слушаме Бога повеќе, отколку луѓето. 30Бог на нашите татковци Го воскресна Исуса, Кого вие Го обесивте на дрво и Го убивте. 31Бог, со Својата десница, Го возвиси Него за Началник и Спасител, за да му даде покајание на Израел и проштавање на гревовите. 32Ние сме сведоци за тоа и Светиот Дух, Кого Бог им Го даде на оние, кои Му се покоруваат.“ 33Кога го чуја тоа, се налутија многу и имаа намера да ги убијат, 34но тогаш, во Синедрионот, стана еден фарисеј по име Гамалиел, учител на Законот, почитуван од целиот народ, и заповеда да ги изведат луѓето надвор; 35и им рече: „Мажи, Израелци! Помислете добро што ќе им направите на тие луѓе! 36Зашто, пред овие денови се крена Тевда, кој зборуваше за себе дека е нешто големо, и кон него се присоединија околу четири стотини луѓе; тој беше убиен, а сите кои го слушаа се распрснаа и беа уништени. 37По него, во време на пописот на населението, се крена Јуда Галилеецот и повлече многу народ по себе. И тој загина, а сите кои го слушаа се распрснаа. 38А сега, ви велам: оставете ги овие луѓе и пуштете ги! Зашто, ако овие замисли или ова дело се од луѓе - ќе пропадне; 39но, ако е од Бога, не ќе можете да го уништите; пазете, да не станете борци против Бога!“ 40Тогаш го послушаа, и ги повикаа апостолите и ги изнатепаа и им забранија да зборуваат за Исусовото име, и ги пуштија. 41Тие пак си отидоа од Синедрионот со радост, зашто беа удостоени да претрпат понижување за Исусовото име. 42Така, не прекратија секој ден да поучуваат и да го проповедаат Евангелието, во Храмот и по куќите, дека Исус е Христос.
Đang chọn:
ДЕЛА 5: MKB
Tô màu
Sao chép
So sánh
Chia sẻ
Bạn muốn lưu những tô màu trên tất cả các thiết bị của mình? Đăng ký hoặc đăng nhập
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.