YouVersion Logo
Search Icon

Римјаните Вовед

Вовед
Неколку години по Христовото воскресение, се чини дека Јудејците преоб­ратени во христијани, (како Акила и Прискила, види Дела 18,2), веќе започнале да го распространуваат Евангелието во Рим, главниот град на Империјата. И таму била основана црква, исто како и во Сирија, Мала Азија (денешна Турција) и Грција, каде Павле проповедал. Бог му дава задолжение на Павле да оди „сѐ до крајот на светот“ (Рим 10,18). Токму затоа тој сакал да појде не само во Рим, туку и во Шпанија. Не се знае дали го спровел последниов план, но за подготовките за ова патување, тој напишал писмо „до оние кои се во Рим“ (1,7), или со други зборови до христијаните во овој град, од кои една група се придружила кон Прискила и Акила (види 16,3-5). Павле го користи ова послание за да им објасни на христијаните како тој ја сфатил улогата на мисионер на нејудејците, односно паганите. Ова послание е најцелосното што го имаме од сите негови пораки, што тој самиот го резимира со следниве зборови: Евангелието е силата со која Бог се служи за да ги спаси сите оние кои веруваат, отпрвин Јудејците, но исто така и оние кои не се Јудејци (1,16).
Проблемот за односот меѓу Јудејците и нејудејците (посебно прашањето кој став нејудејците преобратени во христијани треба да го прифаќаат во поглед на јудејскиот закон) игра една голема улога за првобитното христијанство, кој, пак, повторно се среќава во другите списи на апостолот (на пример во Посланието до Галатјаните). Тука Павле веднаш потврдува дека Евангелието што тој го распространува насекаде, е наменето за сите луѓе, без исклучок (1,16). Потоа тој објаснува како Бог го спасува секој загубен човек, кој верува во Него (1,18–8,39).
Понатаму, тој се задржува на проблемот произлезен од фактот што еден дел од Израел однапред Го отфрла Христос. Тој потврдува дека ова отфрлање е препрека за Божјиот план. Зашто благодатта ќе биде последниот збор (гл. 9–11). Така, благоста што Бог ја посведочил кон нејудејците треба да биде сфатена како повик да се живее за Него во еден вистински нов живот (12,1–15,13).
Во заклучокот Павле го објавува својот план за патување во Рим и го завршува посланието со неколку лични поздрави (15,14–16,27). Сите оние кои бараат поврзано излагање, што би се однесувало на спасението кое Бог им го нуди на луѓето преку Господ Исус Христос, ќе бидат привлечени преку читањето на ова послание, да се восхитуваат на величието на Божјиот план (11,33-36). Во исто време, ќе бидат поттикнати и тие да Му го искажат Нему должното почитување.

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in