YouVersion Logo
Search Icon

ДЕЛА 10

10
Крштавање на капетанот Корнелиј
1Во Ќесарија беше некој човек, по име Корнелиј, стотник во таканаречениот Италиски полк; 2беше побожен и богобојазлив со сиот свој дом; кој му даваше многу милостини на народот и Му се молеше на Бога постојано. 3Околу деветтиот час на денот, виде јасно во видение Божји ангел, како доаѓа при него и му рече: „Корнелиј!“ 4А тој погледна во него и исплашен рече: „Што е, Господи?“ Му рече: „Твоите молитви и твоите милостини се воздигнаа до Бога и Тој си спомнува за нив. 5И сега, испрати луѓе во Јопија и повикај некој Симон, кој се вика Петар. 6Тој му е гостин на некој Симон, кожар, чија куќа е покрај морето; тој ќе ти каже што треба да направиш.“ 7И кога си отиде ангелот, кој му зборуваше, повика двајца свои слуги и еден побожен војник, од оние, кои беа постојано покрај него, 8и им кажа сѐ и ги испрати во Јопија.
9А утреден, додека тие патуваа и наближуваа до градот, Петар излезе околу шестиот час, се качи на покривот на куќата, да се помоли. 10Огладне и посака да јаде; и додека му приготвуваа јадење, тој имаше видение: 11и виде отворено небо и некаков сад како големо платно да слегува и се спушта со своите четири краишта на земјата. 12Во него беа сите четвороножни животни, и земни лазачи, и небесни птици. 13И еден глас му рече: „Стани, Петре, заколи и јади!“ 14А Петар рече: „Никако, Господи, зашто уште никогаш не сум јал нешто погано и нечисто!“ 15И гласот повторно му се јави: „Она што Бог го очистил, ти не наречувај го погано!“ 16И тоа се случи трипати, и садот веднаш беше земен на небо.
17И додека Петар беше во недоумение во себе, што би можело да значи видението, што го виде; ете, луѓето испратени од Корнелиј, откако се распрашаа за Симоновата куќа, застанаа пред вратата, 18и прашаа: „Дали е тука на гости Симон, наречен Петар?“ 19И додека Петар уште размислуваше за видението, Духот му рече: „Еве, те бараат тројца мажи; 20туку стани, слези и оди со нив не размислувајќи, зашто Јас ги пратив!“ 21Тогаш Петар слезе при луѓето, испратени од Корнелиј при него и рече: „Еве, јас сум оној, кого го барате. Зошто дојдовте?“ 22А тие рекоа: „Стотникот Корнелиј - маж праведен и богобојазлив, посведочен од целиот јудејски народ, прими заповед од свет ангел да те повика во својот дом и да чуе зборови од тебе.“ 23Тогаш ги повика внатре и ги нагости.
Петар во Ќесарија
А утреден стана и отиде со нив, и некои браќа од Јопија отидоа со него. 24На другиот ден влегоа во Ќесарија, а Корнелиј ги чекаше, откако ги повика своите роднини и блиските пријатели. 25А кога Петар влегуваше, Корнелиј му излезе во пресрет, падна пред неговите нозе и се поклони. 26А Петар го подигна, велејќи: „Стани! И јас сум само човек!“ 27И разговарајќи со него, влезе и најде мнозина собрани. 28И им рече: „Вие знаете дека на Јудеец не му прилега да се дружи со човек од друг род и да доаѓа при него. Но, мене Бог ми покажа никого да не наречувам поган или нечист. 29Затоа дојдов без приговор, кога ме повикавте. Затоа прашувам - по која причина ме повикавте?“ 30И Корнелиј рече: „Пред четири дена, во овој час, во деветтиот час, се молев во својот дом; 31и ете, пред мене застана човек во светла облека и рече: ‘Корнелиј, послушана е твојата молитва и Бог си спомна за твоите милостини. 32И така, испрати некого во Јопија и повикај го Симона, кој се вика Петар! Тој е гостин во куќата на Симона, кожарот, покрај морето; кога тој ќе дојде ќе ти зборува.’ 33И веднаш пратив при тебе, и ти направи добро што дојде. Сега тука, сите сме пред Бога, за да чуеме сѐ што Господ ти заповедал.“ 34Тогаш Петар ја отвори устата и рече: „Вистина гледам дека Бог не гледа на лице, 35туку Нему Му е мил во секој народ оној, кој се бои од Него и кој прави правда. 36Вие го знаете Словото што им го испрати на Израелевите синови, објавувајќи го Евангелието на мирот преку Исуса Христа; Овој е Господ на сите. 37Вие знаете што се случи по сета Јудеја, почнувајќи од Галилеја, по крштавањето што го проповедаше Јован; 38Го знаете Исуса од Назарет, како Бог Го помаза со Светиот Дух и со сила, Кој помина правејќи добрини и оздравувајќи ги сите, кои ѓаволот ги измачуваше, зашто Бог беше со Него. 39И ние сме сведоци за сѐ што направи во Јудејската Земја и во Ерусалим; Него Го убија обесувајќи Го на дрво. 40Него Бог Го воскресна на третиот ден и Му даде да се јави, 41но не на сите луѓе, а на однапред од Бога избраните сведоци - нам, кои јадевме и пиевме со Него по Неговото воскресение од мртвите. 42И Тој ни заповеда да му проповедаме на народот и да сведочиме дека Тој е од Бога определениот Судија на живите и мртвите. 43Сите пророци сведочат за Него, дека секој кој верува во Него, ќе добие преку Неговото име опростување на гревовите.“
Народите го примаат Светиот Дух
44Додека Петар уште ги зборуваше тие зборови, Светиот Дух слезе на сите, кои го слушаа словото; 45и се зачудија обрезаните верници, кои дојдоа со Петра, дека и на народите се излеа дарот на Светиот Дух; 46зашто ги чуја како зборуваат јазици и Го величаат Бога. Тогаш Петар рече: 47“Може ли некој да им ја забрани водата, да не се крстат овие, кои Го примија Светиот Дух како и ние?“ 48И заповеда да ги крстат во името на Исуса Христа. Тогаш го замолија да остане уште неколку денови.

Currently Selected:

ДЕЛА 10: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

Videos for ДЕЛА 10