ДЕЛА 19
19
Павле во Ефес
1А кога Аполос беше во Коринт, Павле, откако ги помина горните области, дојде во Ефес, и тука најде некои ученици. 2Им рече: „Дали Го примивте Светиот Дух, кога поверувавте?“ Му одговорија: „Не сме ни чуле дека дошол Светиот Дух.“ 3Уште им рече: „А во што се крстивте?“ А тие рекоа: „Во Јовановото крштавање.“ 4А Павле рече: „Јован крштаваше покајно крштавање, велејќи му на народот да верува во Оној, Кој ќе дојде по него, односно во Исуса.“ 5Кога го чуја тоа, се крстија во името на Господа Исуса. 6И кога Павле ги положи рацете на нив, Светиот Дух слезе на нив. И зборуваа јазици и пророкуваа; 7а беа вкупно околу дванаесет мажи.
8Тогаш влезе во синагогата и таму зборуваше смело, три месеци за Божјото Царство и се трудеше да ги убеди. 9Но бидејќи некои беа корави и непокорни, и зборуваа зло за Патот пред множеството, тој отстапи од нив и ги оддели учениците, и секојдневно проповедаше во училиштето на некој си Тиран. 10Тоа продолжи две години, така што сите, кои живееја во Азија, Јудејците и Грците, го чуја Господовото Слово. 11А Бог правеше необични чуда преку Павловите раце 12така што, кога врз болните ставаа и крпи за пот и прегачи од неговото тело: и болестите ги оставаа и лошите духови излегуваа од нив. 13А некои од Јудејците, кои скитаа и ги заколнуваа духовите, почнаа да го повикуваат името на Господа Исуса, велејќи им: „Ве заколнуваме во Исуса, Кого Павле Го проповеда!“ 14Тоа го правеа седумте синови на некој си Јудеец Скева, главен свештеник. 15Но лошиот дух во одговор им рече: „Го познавам Исуса и Павле го знам, 16но кои сте вие?“ И човекот во кого беше лошиот дух, скокна на нив, ги совлада сите и покажа против нив таква сила, што голи и ранети побегнаа од таа куќа. 17Тоа го научија сите Јудејци и Грци, кои живееја во Ефес и страв ги обзеде сите, а името на Господа Исуса се величаше. 18А мнозина од оние, кои беа поверувале, доаѓаа и исповедувајќи се ги кажуваа своите дела. 19А од оние, кои се занимаваа со магии, мнозина ги донесуваа своите книги на куп и ги гореа пред сите. И кога ја пресметаа нивната цена, најдоа дека вредат педесет илјади сребреници. 20Така Господовото слово растеше силно и преовладуваше.
21Кога се сврши тоа, Павле науми во духот, поминувајќи низ Македонија и Ахаја, да отиде во Ерусалим, велејќи: „Штом ќе бидам таму, треба да го видам и Рим.“ 22И испрати во Македонија двајца свои помошници, Тимотеја и Ераста, а самиот остана уште некое време во Азија. 23Во тоа време се подигна не мал бунт заради Патот; 24зашто некој човек, по име Димитриј, сребренар, кој правеше сребрени Артемидини храмови и на уметниците им донесуваше не мала печалба; 25ги собра и нив и работниците на такви нешта и рече: „Мажи, вие знаете дека нашата благосостојба доаѓа од оваа работа; 26а гледате и слушате дека овој Павле, не само во Ефес туку речиси во цела Азија, убеди и одврати големо множество, велејќи дека богови направени со раце - не се богови. 27Но не постои само опасност да изгуби углед ова наше занимање, туку и храмот на големата божица Артемида нема да биде сметан за ништо, и да му се наштети на величието на онаа, која ја почитува сета Азија и целиот свет.“ 28Кога го чуја тоа, полни со гнев, викаа, велејќи: „Голема е ефеската Артемида!“ 29И целиот град се побуни и еднодушно навлегоа во театарот и ги одвлекоа Македонците Гај и Аристарх, Павлови сопатници.
30А кога Павле сакаше да влезе, меѓу народот, учениците не го пуштија. 31А некои од азиските началници, кои му беа пријатели; испратија при него и го помолија да не се појавува во гледалиштето. 32Едни викаа едно, а други - друго, зашто собранието беше збунето и повеќето не знаеја зошто се беа собрале. 33Тогаш го поттикнаа од народот Александра, кого Јудејците го туркаа напред. Александар пак мавна со раката и сакаше да даде објаснение пред народот; 34но кога дознаа дека е Јудеец, сите викаа едногласно и викаа околу два часа: „Голема е ефеската Артемида!“ 35Најпосле градскиот писар го смири народот и рече: „Ефесци! Кој е оној човек, кој не знае дека градот Ефес е чувар на храмот на големата Артемида и на нејзиниот кип, што падна од небото? 36Бидејќи тоа е неоспорно, вие треба да бидете мирни и да не преземате ништо непромислено! 37Ги доведовте овие луѓе, кои ниту го ограбија храмот, ниту хулат на нашата божица. 38Затоа, ако Димитриј и уметниците - кои се со него - имаат тужба против некого, судиштата заседаваат, и проконзулите се тука, нека се тужат едни со други. 39Ако барате нешто друго, тоа ќе биде решено во собранието, 40зашто ни се заканува опасност да бидеме обвинети заради денешниот бунт, зашто не постои никаква причина, со која можеме да го оправдаме собирот.“ Кога го рече тоа, го распушти собирот.
Currently Selected:
ДЕЛА 19: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.