YouVersion Logo
Search Icon

БИТИЕ 21

21
Раѓањето на Исака
1Господ се сети за Сáра како што рече, и стори за неа како што вети: 2Сáра зачна и му роди на Авраама син, во неговата старост - во времето што Бог го означи. 3Авраам му даде име Исак на синот, што му го роди Сáра. 4И по осум дни Авраам го обреза својот син Исак, како што Бог му нареди. 5А Авраам беше на сто години кога му се роди синот Исак. 6Сáра рече: „Бог ме направи за потсмев, и секој што ќе го чуе ова, ќе ми се насмее.“ 7Уште додаде: „Кој би му рекол некогаш на Авраама: ‘Сáра ќе ти храни дете!’ Сепак му родив син во старост.“
8Детето растеше и го одбија од градата. А во денот, кога го одбија Исака, Авраам даде голема гозба. 9Сáра виде како синот на Египетката Агара, кого му го роди на Авраама, се поигрува со нејзиниот син Исак, 10и му рече на Авраама: „Изгони ги слугинката и нејзиниот син, зашто синот на робинката не смее да биде наследник со мојот син - со Исака!“ 11Тоа не му беше мило на Авраама, зашто и Исмаил беше негов син. 12Но Бог му рече на Авраама: „Да не ти е тешко заради детето и заради својата слугинка; послушај сѐ што ти вели Сáра, зашто Исаковото семе ќе го овековечи твоето име. 13И од синот на твојата слугинка, ќе издигнам голем народ, зашто е твој потомок.“ 14Рано наутро Авраам зеде леб и мев со вода па ги даде на Агара; ги стави на нејзините раменици и ја отпушти. Таа скиташе ваму-таму по пустината Вирсавеа.
Избавување на Агара и Исмаил
15Откако ја потроши водата од мевот, го остави детето под една грмушка, 16а самата отиде и седна наспроти, далеку колку што може лак да фрли. Велеше во себе: „Нејќам да видам како умира детето.“ Седејќи така, почна да плаче. 17Бог го чу плачењето на детето, и Божји ангел ја повика од небото Агара и ѝ рече: „Што ти е, Агаро? Не бој се! Зашто Бог го чу плачот на детето во неговата неволја! 18Стани! Крени го детето и утеши го, зашто од него ќе издигнам голем народ.“ 19Тогаш Бог ѝ ги отвори очите и таа забележа извор на вода. Отиде и го наполни мевот со вода, па го напои детето. 20Бог беше со детето, па растеше и порасте. Живееше во пустината и стана искусен во стрелање со лак. 21Неговиот дом беше во пустината Фаран; а неговата мајка му доведе жена од Египетската Земја.
22Во тоа време, Авимелех - кого го придружуваше Филох, заповедник на неговата војска - му рече на Авраама: „Бог е со тебе во сѐ што правиш. 23Затоа, заколни ми се сега и тука во Бога, дека нема да нѐ мамиш ни мене, ниту моите роднини и пријатели, туку дека ќе се однесуваш чесно кон мене и кон земјата во која живееш сега, како што јас се однесов кон тебе.“ 24„Се колнам“, одговори Авраам.
25Тогаш Авраам го укори Авимелеха заради водниот кладенец, што го присвоија Авимелеховите слуги. 26А Авимелех рече: „Не знам кој го направил тоа; ни ти не ме извести за тоа, ниту јас чув за тоа, освен денес.“ 27Авраам зеде овци и говеда па му ги даде на Авимелеха, и тие двајца склучија договор. 28Потоа Авраам оддели настрана седум јагниња од стадото. 29Тогаш Авимелех го праша Авраама: „Што значат овие седум јагниња, што ги оддели настрана?“ 30А тој одговори: „Прими ги седумве јагниња од моја рака, да ми бидат доказ дека јас го ископав кладенецов.“ 31Затоа местото е наречено Вирсавеа (Заклетвен Кладенец), зашто обајцата се заколнаа таму. 32Откако склучија сојуз, при Вирсавеа, Авимелех и военачалникот на неговата војска Филох си отидоа и се вратија во земјата на Филистејците. 33Авраам засади гора при Тамариска Вирсавеа и таму го повика името на Господ - Вечниот Бог. 34Долго време престоја Авраам во Филистејската Земја како придојденик.

Currently Selected:

БИТИЕ 21: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in