БИТИЕ 26
26
Бог му го потврдува Заветот и на Исака
1Во земјата настапи глад, различен од поранешниот, што беше за времето на Авраама, па Исак отиде при Авимелеха, царот на Филистејците во Герар. 2Господ му се јави и рече: „Не слегувај во Египет: живеј во земјата, што ќе ти ја покажам. 3Настани се во таа земја, Јас ќе бидам со тебе и ќе те благословувам; тебе и на твоето потомство ќе ви ги дадам сите овие земји, за да ја исполнам заклетвата со која му се заколнав на татка ти Авраама. 4Ќе го умножам твоето потомство како ѕвезди на небесата и на твоето потомство ќе му ги дадам сите овие краеви, така што преку твоето потомство ќе бидат благословувани сите народи на земјата; 5бидејќи Авраам го слушаше Мојот глас и им се покоруваше на Моите заповеди, на Моите закони и одредби!“
6Така Исак остана во Герар. 7Кога месните жители го прашаа за неговата жена, рече: „Таа ми е сестра.“ Се плашеше да рече: „Таа ми е жена,“ мислејќи: „Месните жители можат да ме убијат заради Ревека, зашто е убава.“ 8Бидејќи таму се задржаа подолго, царот на Филистејците Авимелех еднаш погледна низ прозорецот и виде дека Исак ја милува својата жена Ревека. 9И Авимелех го повика Исака и рече: „Така, таа ти е жена! Како можеше да речеш дека ти е сестра?“ Исак му одговори: „Зашто мислев дека можам да загинам заради неа.“ 10Авимелех рече: „Зошто ми направи така? За малку еден од мојот народ не легна со твојата жена, и ти би нѐ вовел нас во грев.“ 11Тогаш Авимелех му објави повелба на својот народ: „Кој ќе се допре до овој човек и до неговата жена, ќе ја изгуби главата.“
Исаково богатство
12Исак посеа во онаа земја, и во тоа лето му роди стопати повеќе. Господ го благословуваше, 13и човекот стануваше сѐ побогат. 14Спечали стада со овци и говеда, доби и многу слуги, така што Филистејците му завидеа. 15Затоа Филистејците ги затрупаа сите кладенци, што ги беа ископале слугите на татка му - во времето на неговиот татко Авраам - и ги наполнија со земја. 16Тогаш Авимелех му рече на Исака: „Оди си од нас, зашто стана многу посилен од нас!“
Исаков спор со Авимелех
17Така Исак си отиде оттаму. Го оптегна својот шатор во Герарската Долина и се настани таму. 18Исак пак ги ископа кладенците за вода, што беа ископани во времето на татка му Авраама, а што Филистејците ги беа наполниле со земја по Авраамовата смрт. Тој ги нарече со истите имиња, со кои ги нарече и неговиот татко. 19Но кога Исаковите слуги, додека копаа во долината, таму најдоа кладенец со жива вода, 20пастирите од Герар спореа со Исаковите пастири, велејќи: „Водата е наша!“ На кладенецот му го даде името Есек, зашто спореа со нив. 21А кога ископаа друг кладенец, па спореа и заради него, го нарекоа со името Ситна. 22Тој се пресели оттаму и ископа друг кладенец. Не спореа заради него, па го нарекоа со името Ровот и протолкуваа: „Зашто Господ ни даде пространство за да се намножиме на земјата.“
23Оттаму се искачи во Вирсавеа. 24Господ му се јави во истата ноќ и рече: „Јас Сум Бог на татка ти Авраама: Не бој се, Јас Сум со тебе! Ќе те благословам, ќе ти ги умножам потомците, заради својот слуга Авраама.“ 25Исак издигна жртвеник таму и Го повика Господа по име; постави таму свој шатор, а неговите слуги почнаа да копаат кладенец.
26Тогаш при него дојде Авимелех од Герар, со својот советник Охозат и со Фихол, началник на војската. 27Исак ги праша: „Зошто дојдовте при мене кога ме мразите и кога ме истеравте од себе?“ 28Тие одговорија: „Гледаме јасно дека Господ е со тебе: заклетвата нека биде врска меѓу нас и тебе. Дај да склучиме сојуз со тебе: 29ти нема да ни нанесуваш зло, како што ние не те злоставувавме тебе, туку секогаш постапувавме добро со тебе и те отпуштивме со мир. А сега Господовиот благослов е на тебе.“ 30Тој им даде гозба, па јадеа и пиеја. 31Рано наутро се заколнаа едни на други. Потоа Исак ги испрати, и тие си отидоа од кај него, со мир. 32Во истиот ден Исаковите слуги дојдоа и го известија за кладенецот, што го ископаа и му рекоа: „Најдовме вода.“ 33Тој го нарече Савеа. Затоа името на градот до денес е Вирсавеа.
34Кога Исав беше на четириесет години, ги зеде за жени: Јудита, ќерка на Хетеецот Веири, и Васемата, ќерка на Хетеецот Елон. 35Тие станаа извор на огорчение за Исак и Ревека.
Currently Selected:
БИТИЕ 26: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.