БИТИЕ 28
28
Исак го праќа Јакова кај Лаван
1Затоа Исак го повика Јакова, го благослови и му наложи: „Не земај жена од ханаанските девојки. 2Тргни веднаш за Падан Арам, во домот на Ватуил, татко ѝ на мајка ти, и оттаму земи жена за себе, од ќерките на Лаван, брат на мајка ти. 3А Сѐмоќниот Бог, Ел-Шадај, да те благослови и да те наплоди и умножи, така што да станеш множество народи. 4Нека ти го даде и тебе благословот даден на Авраама; тебе и на твоето потомство, така што ќе ја наследиш земјата, во која живееш како придојденец, а која Бог му ја даде на Авраама!“ 5Така Исак го испрати Јакова, и тој отиде во Падан Арам, при Лавана, син на Арамеецот Ватуил, брат на Ревека, мајката на Јакова и Исава.
6Кога Исав виде дека Исак го благослови Јакова, кога го испраќаше во Падан Арам, за да си земе жена оттаму, наредувајќи му додека го благословуваше: „Не смееш да земеш жена од ханаанските девојки“, 7и дека Јаков ги послуша татка си и мајка си и отиде во Падан Арам, 8Исав сфати колку му се одвратни ханаанските девојки на татка му Исака. 9Затоа отиде при Исмаила и, покрај жените кои веќе ги имаше, се ожени за Маелета, ќерка на Исмаил, синот Авраамов, а сестра Новајотова.
Јаков во Ветил. Видение на скала
10Јаков ја напушти Вирсавеа и се запати кон Харан. 11Стигна во некое место и преноќева таму, зашто сонцето веќе беше зајдено. Зеде еден камен од местото, го стави под главата и легна на тоа место. 12И виде сон: скала стои на земјата, а со врвот допира до небото, и Божји ангели се искачуваа и слегуваа по неа. 13Покрај нив е Господ и му зборува: „Јас Сум Господ, Бог на твојот прататко Авраам и Бог Исаков. Земјата на која лежиш ќе ти ја дадам тебе и на твоето потомство. 14Твои потомци ќе има како и прав на земјата; ќе се раширите на запад, исток, север и југ; преку тебе и преку твоето потомство ќе бидат благословувани сите народи на земјата. 15И ете, Јас Сум со тебе; ќе те чувам каде и да тргнеш, па ќе те доведам назад во оваа земја; и нема да те оставам додека не го извршам она што ти го ветив.“ 16Јаков се разбуди од сонот и рече: „Навистина Господ се наоѓа на ова место, но јас не знаев!“ 17Се уплаши и рече: „Колку е страшно ова место! Не е друго освен дом Божји, ова е врата небеска!“
18Рано наутро, Јаков го зеде каменот, што го беше ставил под главата, го исправи како столб и излеа масло врз неговиот врв. 19Тоа место го нарече Ветил, додека името на градот, пред тоа, беше Луз. 20Тогаш направи завет: „Ако Бог остане со мене и ме запази на патов, по кој одам; и ми даде леб да јадам и облека да се облекувам, 21така што да се вратам здрав во татковиот дом, Господ ќе биде мој Бог. 22А каменов што го исправив како столб, ќе биде Божји Дом. А од сѐ што ќе ми даваш, за Тебе ќе одвојувам десеток.“
Currently Selected:
БИТИЕ 28: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.