YouVersion Logo
Search Icon

БИТИЕ 42

42
Јосифовите браќа во Египет
1Кога Јаков чу дека има жито во Египет, им рече на своите синови: „Зошто гледате еден во друг! 2Чув дека има жито во Египет! Отидете долу и набавете ни го оттаму, за да останеме во живот и да не изумреме.“ 3Така десетте Јосифови браќа слегоа да набават жито во Египет. 4Јаков не го испрати со другите Венијамина, вистинскиот Јосифов брат. Велеше: „Да не му се случи некаква несреќа.“ 5Меѓу оние кои одеа да набават жито, зашто владееше глад во Ханаанската Земја, беа и Израелевите синови.
6Јосиф беше управител во земјата; тој му продаваше жито на сиот народ на земјата. Така и Јосифовите браќа дојдоа и му се поклонија со лицето до земјата. 7Јосиф ги препозна браќата, штом ги здогледа, но се однесуваше кон нив како странец и им зборуваше остро. Ги праша: „Од каде доаѓате?“ Одговорија: „Од Ханаанската Земја, дојдовме да купиме храна.“ 8Иако Јосиф ги препозна своите браќа, тие не го препознаа него. 9Јосиф си спомна за соништата што ги виде за нив. И им рече: „Вие сте согледувачи! Дојдовте да ги согледате слабите места на земјава.“ 10Тие му одговорија: „Не, господару! Твоите слуги дојдоа да набават храна. 11Сите ние сме синови на еден татко; чесни луѓе сме; твоите слуги никогаш не биле согледувачи.“ 12Тој пак им рече: „Не, туку дојдовте да ги согледате слабите места на земјава.“ 13Тие одговорија: „Ние, твоите слуги, бевме дванаесет браќа - синови на еден татко - во Ханаанската Земја; најмладиот е сега со таткото, а едниот веќе го нема.“ 14Но Јосиф им дофрли: „Онака е како што веќе ви реков: вие сте согледувачи! 15Вака ќе ве испитам: жив да ми е фараонот, оттука нема да излезете, ако вашиот најмлад брат не дојде тука! 16Испратете еден од вас да ви го доведе братот, а вие другите во темница! Така ќе го проверам вашето тврдење и ќе видам дали е вистината со вас или не е. Инаку, жив да ми биде фараонот, вие сте согледувачи.“ 17Потоа ги фрли во темница за три дни.
Јосиф им дава жито
18На третиот ден, Јосиф им рече: „Извршете го тоа, и ќе останете во живот, зашто јас сум човек, кој се бои од Бога. 19Ако сте чесни, еден од вас нека остане во затворот, а вие другите одете си и однесете го житото во својот дом што гладува. 20Потоа доведете ми го вашиот најмлад брат, за да докажете дека се вистинити вашите зборови и да не загинете.“ Тие се согласија. 21И еден на друг си велеа: „Тешко ни нам! Нѐ стигна казна заради нашиот брат; ја гледавме неговата мака додека нѐ молеше за милост, ама не го послушавме. Затоа нѐ снајде оваа неволја.“ 22Рувим им одговори: „Зар не ви зборував: ‘Не грешете против детето!’ Но вие не слушавте. Сега се бара сметка за неговата крв.“ 23Не знаеја дека Јосиф ги разбира, зашто зборуваа со него преку преведувач. 24Тој се оддалечи од нив и заплака. Пак се врати и разговараше со нив. И го одвои Симеона од нив и нареди да биде врзан пред нивни очи. 25А Јосиф заповеда да им ги наполнат вреќите со жито; секому да му ги стават сребрениците во вреќата и да им дадат храна за по пат. Така им сторија. 26Тие го натоварија житото на своите ослиња и тргнаа оттаму. 27Кога еден од нив ја отвори, во преноќиштето, својата вреќа, за да го нахрани ослето, ги виде своите сребреници одозгора во вреќата. 28„Моето сребро ми е вратено! - им извика на браќата. - Еве го во мојата вреќа!“ Срцето затрепери во нив. Се загледаа уплашени и рекоа: „Што ни го стори ова Бог?“
29Откако дојдоа при својот татко Јаков, во Ханаанската Земја, му кажаа што им се случи. 30„Човекот, кој е господар на онаа земја - рекоа - ни зборуваше остро и нѐ обвини како согледувачи. 31‘Чесни луѓе сме - му рековме - и никогаш не сме биле извидници. 32Бевме дванаесет браќа, синови на ист татко, но едниот веќе го нема, додека најмладиот се наоѓа сега со нашиот татко во Ханаанската Земја.’ 33Но човекот, кој управува над таа земја, ни рече: ‘Вака ќе научам дали сте чесни луѓе: оставете еден брат кај мене, а вие другите земете жито заради гладот на вашите семејства, па одете си. 34И доведете ми го вашиот најмлад брат, така да знам дека не сте согледувачи, туку чесни луѓе. Па ќе ви го вратам вашиот брат, а вие ќе можете слободно да се движите низ земјава.’“ 35Кога ги празнеа своите вреќи, секој го најде своето сребро во вреќата. Забележувајќи го тоа, се исплашија и тие и нивниот татко. 36„Вие ме оставате мене без деца! - им рече татко им Јаков. - Јосифа го снема, Симеона го нема, а сега сакате да го одведете и Венијамина. Сѐ тоа паѓа врз мене!“ 37А Рувим му рече на татка си: „Убиј ги моите два сина, ако не ти го доведам назад! Предај го во мои раце, и јас ќе ти го вратам!“ 38„Син ми нема да дојде со вас! - им одговори. - Неговиот вистински брат веќе е мртов, и тој остана сам. Ако му се случи несреќа, на патот по кој ќе тргнете, ќе ја испратите со тага мојата седа глава во гробот!“

Currently Selected:

БИТИЕ 42: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in