YouVersion Logo
Search Icon

БИТИЕ 49

49
Пророчки благослови
1Потоа Јаков ги повика сите свои синови и рече: „Соберете се, за да ви кажам што ќе биде со вас во идните времиња: 2Соберете се, чујте, Јаковови синови, послушајте го татка си Израел!
3Ти, Рувиме, првороденец мој, ти си моја тврдина, првенец на мојата сила. Се истакнуваш со достоинство, се истакнуваш со сила. 4Но, буен како вода, не ќе имаш повеќе првенство, зашто го оскверни леглото на татка си, и ја онечисти мојата постела.
5Симеон и Леви се браќа! Мечевите им се оружје на насилство. 6Јас не учествував во нивните советувања, не зедов дел во нивните собранија! Во својот гнев убиваа луѓе; во бес ги пресекоа жилите на воловите. 7Проклет да им е гневот, зашто беше прежесток! Проклета да им е јароста, зашто беше пресурова! Ќе ги разделам во Јакова, ќе ги распрснам низ Израел.
8Јудо! Твоите браќа ќе те слават, раката ти е секогаш врз вратот на непријателот, синовите на татка ти ќе ти се поклонуваат. 9Јудо, лавче младо! Си се здебелил, сине, од лов; клекна, легна како лав и како лавица: кој ќе го разбуди? 10Нема да се оддалечат од Јуда: ни царското жезло, ниту владетелската палка од кај неговите нозе, додека не дојде Оној, кому Му припаѓа, кому ќе Му се покорат народите. 11Го врзува своето ждребе за лозата, а неговото младо осле за племенита пенушка. Тој ја пере својата облека во вино, својата носија во крвта на грозјето. 12Неговите очи ќе црвенеат од вино, забите ќе белеат од млеко.
13Завулон ќе живее покрај морскиот брег, ќе биде пристаниште на бродови и ќе граничи со Сидон.
14Исахар е јако осле, легнато меѓу оградите. 15Виде дека починката е пријатна, а земјата убава, па ги подметна своите плеќи под бреме и се согласи со потчинетост.
16Дан ќе го суди својот народ, како секое Израелево племе. 17Дан нека биде змија на патот, отровница покрај патека, што ќе го касне коњот за ногата, така што јавачот ќе падне назад. 18Господи, се надевам на Твоето спасение!
19Разбојниците ќе го ограбуваат Гад, но и тој со грабеж ќе им биде зад петиците.
20Кај Асира ќе има леб, и ќе доставуваат царски слатки.
21Нефталим е брза срна, што говори убави зборови.
22Јосиф е плодоносна гранка, плодна гранка покрај извор, гранчињата ѝ се простираат над ѕидот. 23Стрелци го огорчија, стрелаа на него, и го гонеа. 24Но неговиот лак останува цврст, мишките му зајакнаа, преку рацете на Силниот Јаковов, преку името на Пастирот, на Израелевата Стена, 25Од Бога, твој Татко, Кој ќе ти помага, преку Сѐсилниот, Кој ќе те благословува со небесни благослови одозгора, со благослови на бездната одоздола, со благослови на градите и на утробите! 26Со благословите на татка ти, што ги надвишуваат благословите на старите гори и убавините на вечните брегови - тие нека се спуштат врз Јосифа, на посветениот меѓу браќата!
27Венијамин е граблив волк, наутро ќе го јаде ловот, а навечер ќе го дели пленот.“
Јаковова смрт и погреб
28Сите тие беа Израелеви племиња - дванаесет на број - и тоа им го рече таткото кога ги благословуваше; секого од нив го благослови со негов благослов. 29И тој им заповеда: „Скоро ќе им се придружам на своите луѓе. Погребете ме покрај моите татковци, 30во пештерата, што се наоѓа во нивата на Ефрон, Хетеецот, во пештерата на полето Махпела, спроти Мамвриј, во Ханаанската Земја, која Авраам ја купи со нивата на Хетеецот Ефрон за место за погребување. 31Таму беа погребани Авраам и жена му Сара; таму беа погребани Исак и жена му Ревека; таму јас ја погребав Лија. 32Нивата и пештерата, во неа, се купени од Хетеевите синови.“ 33Кога Јаков им ги кажа заповедите на своите синови, ги повлече нозете на постела и издивна - им се придружи на своите луѓе.

Currently Selected:

БИТИЕ 49: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in