YouVersion Logo
Search Icon

ЈОВ 41

41
3. Бог, творец на крокодилот (левијатан) е посилен од човек
1Зар ловиш левијатан (крокодил, морско чудовиште) со јадица?
Зар ќе му го зауздаш јазикот со јаже?
2Можеш ли да му ги прободеш носалките со трска,
или да му ја пробиеш вилицата со кука?
3Дали ќе те заколнува за милост?
Дали ќе разговара благо со тебе?
4И зар ќе склучи тој сојуз со тебе,
за да ти биде слуга цел живот?
5Можеш ли да се поиграш со него
како со птица
и да го врзеш, за да ги развеселиш ќерките?
6Дали ќе се спогодуваат за него рибарите?
Дали ќе го поделат трговците меѓу себе?
7Можеш ли да му ја издупчиш кожата со копје,
или да му ја пробиеш главата со сулици?
8Крени ја својата рака на него:
Подготви се за бој -
ќе ти биде последен!
9Напразно е да се негува надеж во него,
човекот загинува веќе на неговиот поглед.
10Нема јунак да го раздразни него,
кој ќе му се спротиви во лице,
11Кој ќе се судри со него и да остане жив?
Нема таков човек под небесата.
12Нема да ги премолчам неговите членови,
ни големата сила, ни убавината ни ставата.
13Кој смее да му ја соблече облеката,
кој ли ќе проникне низ неговиот двоен оклоп?
14Кој ќе му ги отвори двокрилните челусти
кога стравот владее
околу неговите заби?
15Грбникот му е од лушпести штитови,
запечатени со каменен печат.
16Се прилепија едни до други така,
што ни здив не минува меѓу нив.
17Толку цврсто се залепени заедно:
доближени сосема, не можат да се раздвојат
18Кога ќе кивне, светлина блеска од него,
очите му се како зорините веѓи.
19Од неговата уста горат гламни,
огнени искри се истуруваат од нив.
20Дим излегува од неговите носалки,
како од котел што врие врз оган.
21Неговиот здив би запалил јаглења,
зашто од неговата уста излегуваат пламени.
22Во вратот му лежи сета негова сила,
а пред него се простира ужас.
23Кога ќе се исправи, затреперуваат брановите
и се повлекуваат кон морската шир.
24Срцето му е тврдо како пештера,
отпорно како мелничен камен.
25Свивањата на месото му се зарастени,
цврсти се како да се слеани.
26Ако го погоди меч, се одбива од него,
исто и копјето, сулицата и стрелата.
27Железото е како сламка за него,
бронзата како гнило дрво.
28Тој не се повлекува пред стрелите од лакот,
камењата од каменофрлачот паѓаат
како плева врз него.
29Боздоганот е како сламче за него,
му се смее на копјето кога,
ќе засвири над него.
30Остри черепници има на мевот
и со нив ја оре тињата како со брана.
31Под него водовртежот зоврува како грнец,
го пени морето како мирисливото масло во котел.
32Тој остава светла бразда зад себе,
бело руно ја покрива бездната.
33Не суштествува ништо слично на земјата,
и ниту е некој толку бестрашен.
34Тој гледа од високо и на најголемите
цар му е на секого, и на најгорделивите.“

Currently Selected:

ЈОВ 41: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in