ЗАХАРИЈА 14
14
б. Господ го спасува Израел
1Ете, доаѓа Господовиот ден кога ќе биде поделен пленот сред тебе. 2И ќе ги соберам сите народи во Ерусалим во борба. И ќе го заземат градот, и ќе ги ограбат куќите и ќе ги изнасилат жените. Половина од градот ќе отиде на заточение, но остатокот нема да биде истребен од градот. 3Тогаш Господ ќе излезе и ќе се бори против тие народи како што Тој знае да војува во воен ден. 4Во оној ден, Неговите нозе ќе стојат на Маслиновата Гора што е спроти Ерусалим, на исток. И ќе се распука Маслиновата Гора по средина, меѓу исток и запад, во голема долина: едната половина ќе се измести кон север, другата кон југ. 5И ќе побегнете во долината на Мојата Гора, зашто Долината на Гората ќе се простира до Асал и вие ќе избегате како што бегаа од земјотресот во деновите на Озиј, јудејскиот цар. Тогаш ќе дојдат Господ, Мојот Бог, и сите свети со Него. 6Во оној ден не ќе има светлина ни мраз ни горештина. 7Тоа ќе биде чудесен ден - Господ го знае - ни ден ни ноќ; и за време на темнина ќе биде светло. 8Во оној ден жива вода ќе потече од Ерусалим, половина кон Источното Море, половина кон Западното Море. Така ќе биде и лете и зиме.
в. Зацарување на Господ над цела земја
9И Господ ќе биде Цар над сета земја. Во оној ден Господ ќе биде единствен и Неговото име единствено. 10Сета земја ќе се претвори во рамница, од Гаваја до Негевскиот Римон. А Ерусалим ќе се возвиши на своето место; и ќе биде населен од Венијаминовата Врата до Првата Врата, односно до Аголната Врата, и од Ананеиловата Стражарница до Царевите Линови. 11Пак ќе се живее во него, и веќе не ќе има проклетство; Ерусалим ќе живее во безопасност. 12А еве со која рана Господ ќе ги удри сите народи кои ќе завојуваат против Ерусалим: месото ќе им се распаѓа додека бидат на нозе; очите ќе им гнијат во очните дупки, јазикот ќе гние во устата. 13Во оној ден ќе настане меѓу нив силен смут од Господа; едниот ќе го фаќа другиот за рака, и раката на едниот ќе се крева против другиот. 14И Јуда ќе се бори во Ерусалим. Тука ќе се соберат богатствата на сите околни народи: злато, сребро, облека во големо изобилство. 15А слична рана ќе падне на коњите, мазгите, камилите и ослите, и на сета стока што ќе се најде во нивните логори.
г. Ново служење на Бога
16Кој ќе преживее од сите народи што дојдоа против Ерусалим ќе доаѓаат од година во година за да се поклонат пред Царот, пред Господа над Воинствата, и за да го слават празникот Сеници. 17Ако некое племе на земјата не дојде во Ерусалим за да се поклони пред Царот, пред Господа над Војските, не ќе има дожд за него. 18Ако египетското племе не се искачи и не дојде, ќе го стигне истиот удар со кој Господ ќе ги удри народите кои не би дошле да го празнуваат празникот Сеници. 19Таква ќе им биде казната на Египет и на сите народи кои не ќе дојдат да го празнуваат празникот Сеници. 20Во оној ден ќе стои врз коњските прапорци: „Посветен на Господа;“ а во Господовиот Дом ќе бидат грнци како жртвени чаши пред жртвеникот; 21и секој грнец во Ерусалим и во Јудеја ќе Му биде посветен на Господа над Воинствата - сите кои што ќе сакаат да жртвуваат ќе ги земаат и ќе варат во нив. И во оној ден не ќе има веќе трговци во Домот на Господа над Војските.
Currently Selected:
ЗАХАРИЈА 14: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.