1 Јован 2
2
1Чеда Божји, ова ви го пишувам за да не грешите. Но, ако некој од вас направи грев, Го имаме праведниот Исус Христос, Кој се застапува за нас пред небесниот Татко.
2Тој е помирителната жртва што се принесе за нашите гревови, и не само за нашите, туку и за гревовите на целиот свет.
3По што ќе се знае дека сме Божји луѓе? По тоа што ќе се придржуваме до Неговите заповеди!
4Оној што тврди дека е Божји човек, а не се придржува до Неговите заповеди, тој лаже и само покажува дека вистината не е во него.
5Само тој што се придржува до Неговото Слово има совршена љубов спрема Бог, и по тоа ќе се знае дека сме Божји луѓе.
6Оној што тврди дека е Божји човек, треба да го следи примерот на Исус.
7Драги мои, јас не ви пишувам за да ви дадам некаква нова заповед. Ова е стара заповед што ви беше дадена уште од самиот почеток. Таа стара заповед - да имаме љубов еден спрема друг - е истата порака што ја чувте отпорано.
8Сепак, таа заповед на некој начин е и нова, зашто нејзината вистинска смисла може да се согледа дури сега во Исус и во вас. Погледнете, темнината исчезнува, а вистинската светлина веќе свети!
9Оној што тврди дека е на страната на светлината, а ги мрази другите христијани, тој се уште е на страната на темнината.
10Оној што ги сака другите христијани, навистина живее во светлината и кај него нема ништо што би можело некого да наведе на грев.
11Оној што ги мрази другите христијани е на страната на темнината, низ црна темнина оди и не знае каде ќе стигне, зашто темнината му ги заслепува очите.
12Ви пишувам вам, чеда Божји, бидејќи вашите гревови се простени благодарејќи Му на Исус Христос.
13Ви пишувам вам, родители, бидејќи вие Го знаете Христос, Оној што постои уште од самиот почеток. Ви пишувам вам, млади луѓе, бидејќи ја добивте битката против Злиот.
14Ви напишав вам, деца, бидејќи вие Го спознавте Таткото. Ви напишав вам, родители, бидејќи вие Го знаете Христос, Оној што постои уште од самиот почеток. Ви напишав вам, млади луѓе, вие сте силни, зашто Божјото Слово живее во вас и вие ја добивте битката против Злиот.
15Немојте да го сакате овој свет и она што тој ви го нуди, зашто ако го сакате овој свет, во вас нема љубов спрема небесниот Татко.
16Тоа што го нуди светот: телесните похоти, желбата да се има се што ќе се види, гордоста заради богатството што се поседува - не е од небесниот Татко, туку од овој свет.
17А овој свет и световните похоти се краткотрајни; само оној што ја исполнува Божјата волја останува вечно.
18Чеда Божји, се одигрува последниот час! Сте слушнале дека ќе дојде Антихристот, но веќе сега има многу антихристи и по тоа знаеме дека настапува последната епоха.
19Тие луѓе излегоа од нас, но никогаш не беа навистина дел од нас. Да беа вистински дел од нас, со нас и ќе останеа. Напуштајќи не, тие покажаа дека ниту еден од нив не бил дел од нас.
20Но вие сте просветлени од Светиот Дух и се ви е јасно.
21Не ви пишувам како да не ја знаете вистината, туку затоа што ја познавате и знаете дека од вистината не може да произлезе никаква лага.
22Значи, кој е лажливец? Секој што тврди дека Исус не е Месијата! Тие луѓе се антихристи и не Го прифаќаат ниту небесниот Татко, ниту Синот - Исус.
23Секој што не го прифаќа Синот покажува дека не го прифаќа ни Таткото. А секој што го признава Синот во исто време Го признава и Таткото.
24Вие, пак, придржувајте се до тоа што го слушнавте на почетокот. Ако се придржувате до тоа што го чувте на почетокот, ќе бидете во единство со Синот и со Таткото.
25А Тој ни вети вечен живот.
26Ова ви го пишувам зашто има луѓе што се обидуваат да ве заведат.
27Што се однесува до вас, вие сте просветлени од Светиот Дух и, се додека Тој Дух живее во вас, нема потреба никој да ве учи за тоа што е вистина, а што не. Светиот Дух ве учи за се, и се што Тој ве учи е вистина, а не лага. Држете се до Него и до она што Тој ве научи.
28А сега, чеда Божји, останете во единство со Христос, за да не се посрамиме при Неговото повторно доаѓање, туку да излеземе пред Него со крената глава.
29Знаете дека Исус е праведен, затоа треба да знаете дека секој што постапува праведно е Божјо чедо.
Currently Selected:
1 Јован 2: MNT
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.