YouVersion Logo
Search Icon

Дела Ап. 15

15
1Во времето додека Павле и Барнаба беа во сириска Антиохија, имаше неколку луѓе дојдени од Јудеја што им говореа на новообратените христијани од нееврејско потекло дека, ако не се обрежани според обичајот оставен од Мојсеј, не можат да бидат спасени.
2Павле и Барнаба не се согласија со ова, па дојде до голема расправија. Затоа се договорија, Павле, Барнаба и неколкумина од нив да појдат кај апостолите и старешините во Ерусалим и да се посоветуваат во врска со ова прашање.
3Така испратени на пат од црквата минуваа низ Феникија и Самарија, и патем застануваа да ги посетат христијаните. Во текот на тие посети подробно им раскажуваа дека и луѓе што не се Евреи се обраќаат кон Бог. Со тоа многу ги израдуваа тамошните христијани.
4Кога Павле и Барнаба стигнаа во Ерусалим беа примени од тамошната црква, од апостолите и старешините. Им раскажаа за се што Бог направи преку нив.
5Но станаа неколкумина што порано биле фарисеи, а сега беа христијани, па рекоа дека е неопходно сите новообратени што не се Евреи да се обрежат и да им се нареди да го спроведуваат Мојсеевиот Закон.
6Апостолите и старешините се собраа, за да го разгледаат ова прашање.
7По една долга расправа, стана Петар и им рече: „Луѓе, браќа, вие знаете дека уште од првите денови Бог избра другите народи токму од мојата уста да ја слушнат Радосната вест и да поверуваат.
8Бог, Кој ги познава човечките срца, потврди дека ги прифаќа и неевреите со тоа што им го даде Светиот Дух, како и нам.
9Тој не направи никаква разлика меѓу нас и нив. Ги исчисти и нивните срца преку вера.
10Зошто сега вие не го прифаќате начинот што Бог го одбра и врз вратовите на нееврејските христијани ставате јарем, кој ниту нашите предци, ниту ние не можевме да го носиме?
11Ние веруваме дека спасението и за нас и за нив е преку дарежливата благонаклоност на Господ Исус.“
12Тогаш сите што беа собрани замолкнаа и ги слушаа Барнаба и Павле како раскажуваат за многубројните видливи докази и чуда што Бог ги направи преку нив меѓу нееврејските народи.
13По нив проговори Јаков: „Луѓе, браќа, слушнете што ќе ви кажам!
14Симон Петар ви објасни како самиот Бог најнапред се погрижи да придобие Свои луѓе и од другите, нееврејски народи.
15Тоа е во согласност со претскажувањата на пророците, кои ги запишале Божјите зборови:
16,Подоцна ќе се вратам и ќе го обновам паднатиот шатор на Давид, урнатините ќе ги поправам
17така што остатокот од човештвото, меѓу кои се и сите нееврејски народи кои Јас сум ги повикал да бидат Мои, ќе можат да Го најдат Господа.‘ Вака рече Господ,
18Кој уште пред векови ни ги објави овие нешта.
19Затоа јас сметам дека не треба да им отежнуваме на луѓето од нееврејско потекло кои решиле да се свртат кон Бог.
20Да им напишеме само да не јадат месо што е принесено како жртва на идоли, да се пазат од блуд, да не јадат задавени животни и да не консумираат крв.
21Зашто овие закони од Мојсеј се проповедаат секоја сабота по еврејските синагоги во сите градови.“
22Тогаш апостолите, старешините и целата црква во Ерусалим решија да изберат луѓе и да ги испратат во сириска Антиохија, заедно со Павле и Барнаба за да им ја пренесат оваа одлука. Одбраа двајца од водачите на црквата: Јуда, наречен Барсаба, и Сила.
23Ним им го предадоа следново писмо: “Од апостолите и старешините, ваши браќа од Ерусалим, до христијаните од нееврејско потекло во Антиохија, Сирија и Киликија. Поздрави до вас!
24Слушнавме дека кај вас дошле луѓе одовде и, без да добијат од нас никакви упатства, ви издавале разни заповеди, со што многу ве вознемириле.
25Затоа, откако постигнавме согласност по ова прашање, избравме луѓе што ќе ги испратиме кај вас, заедно со нашите сакани Барнаба и Павле,
26луѓе што Му ги посветиле своите животи на нашиот Господ Исус Христос.
27Ги испраќаме Јуда и Сила, кои и усно ќе ви го објаснат ова што ви го пишуваме.
28Светиот Дух и ние решивме да не ве оптоваруваме со други бремиња, освен со овие неколку нешта, што се неопходни:
29да не јадете месо што е принесено како жртва на идоли, да не консумирате крв, да не јадете задавени животни и да се пазите од блуд. Доволно е да се придржувате до овие упатства. Бидете поздравени!“
30Така четворицата испратени заминаа за сириска Антиохија. Таму свикаа собрание на сите христијани и им го предадоа писмото.
31Луѓето го прочитаа и многу и се израдуваа на неговата содржина.
32А Јуда и Сила, обајцата Божји пророци, долго им зборуваа на христијаните, охрабрувајќи ги и зајакнувајќи им ја верата.
33Поминаа со нив извесно време, а потоа со благослов од христијаните се вратија во Ерусалим кај оние што ги испратија.
34(Но Сила реши да остане таму.)
35Павле и Барнаба останаа во Антиохија, каде што заедно со многу други луѓе поучуваа и ја проповедаа пораката од Господ.
36По извесно време Павле му рече на Барнаба: „Ајде да се вратиме и повторно да ги посетиме христијаните по сите градови каде што ја проповедавме пораката од Господ, за да видиме како се.“
37Барнаба се согласи, но предложи да го поведат со себе и Јован, со прекар Марко.
38Меѓутоа, Павле сметаше дека не треба да водат со себе човек што веќе еднаш ги остави во Памфилија и се повлече од работата.
39Несогласувањето беше толку остро што тие се разделија. Барнаба го зеде со себе Марко и тие отпловија за Кипар.
40Павле, пак, го зеде со себе Сила, и заедно тргнаа на пат, откако верните се помолија Господ да им биде благонаклонет.
41Така тие пропатуваа низ Сирија и Киликија, и по сите цркви ги охрабруваа христијаните.

Currently Selected:

Дела Ап. 15: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

Video for Дела Ап. 15