YouVersion Logo
Search Icon

Дела Ап. 17

17
1Потоа Павле и Сила поминаа низ градовите Амфиполис и Аполонија, па пристигнаа во Солун. Таму имаше еврејска синагога.
2Како што обично правеше, Павле дојде кај нив и три саботи по ред им проповедаше од Светото Писмо,
3објаснувајќи им и докажувајќи им дека беше неопходно Месијата да настрада и да воскресне од мртвите. Тој им рече: „Исус е Месијата. За Него ви проповедам.“
4Некои од нив поверуваа и им се приклучија на Павле и Сила, а пристапија и голем број побожни Грци и значителен број жени од високите кругови.
5Евреите ги фати завист, па собраа од пазариштето неколку денгубници и тргнаа во толпа да го вознемируваат целиот град. Ја нападнаа куќата на Јасон и бараа да им ги изведат Павле и Сила пред толпата.
6Откако не ги најдоа таму, го фатија Јасон, заедно со неколкумина други христијани и ги одвлекоа кај градските власти, па почнаа да викаат: „Тие што го вознемирија целиот свет сега пристигнаа и овде!
7А Јасон ги прибира и сите тие ги кршат законите на римскиот император со тоа што тврдат дека постои друг цар - некојси Исус!“
8Слушајќи го ова, народот и властите се вознемирија,
9меѓутоа, откако зедоа од Јасон и од другите христијани пари во залог - ги ослободија.
10Уште истата ноќ христијаните од Солун итно ги испратија Павле и Сила во градот Верија. А тие, штом стигнаа во градот, влегоа во еврејската синагога.
11Евреите од Верија беа многу поблагородни од оние во Солун и со одушевување го примаа она што им го проповедаше Павле. Секојдневно го проучуваа Светото Писмо, за да проверат дали она што тој им го проповеда е вистина.
12Затоа многумина од тамошните Евреи поверуваа, а поверуваа и поголем број видни жени и мажи од Грците.
13Кога Евреите од Солун дознаа дека Павле и во Верија ја проповеда Божјата порака, дојдоа да ги подбуцнуваат луѓето против Павле.
14Тогаш христијаните веднаш го испратија Павле до морскиот брег, а Сила и Тимотеј останаа во Верија.
15Неколку христијани го спроведоа Павле до Атина. Потоа Павле им рече да се вратат и да им пренесат на Сила и Тимотеј што е можно побрзо да дојдат и тие.
16Додека Павле ги чекаше во Атина, духот му се потресе гледајќи го градот полн со идоли.
17Секој ден во синагогата разговараше со Евреите и со побожните луѓе од другите народи што доаѓаа таму. Одеше и на пазарот и им проповедаше на луѓето што ги среќаваше таму.
18Се расправаше и со неколкумина епикурејски и стоички филозофи. Кога почна да им зборува за Исус и за воскресението, некои од нив си рекоа: „Што сака да каже овој брборко!?“ Други велеа: „Проповеда за некоја нова вера!“
19Го одведоа пред Советот на филозофите наречен Ареопаг и му рекоа: „Може ли сега да слушнеме какво е ова ново учење што ни го проповедаш?
20Тврдиш некои чудни работи и сакаме да чуеме повеќе за тоа.“
21(Атињаните и туѓинците што беа во посета на Атина си го поминуваа времето зборувајќи или слушајќи за нови работи.)
22Павле застана сред Ареопагот и рече: „Атињани! Забележав дека сте вие многу побожни луѓе,
23зашто, минувајќи и гледајќи ги вашите светилишта, видов и еден жртвеник на кој пишуваше: ,На непознатиот Бог‘. Значи вие Го обожавате, иако не Го познавате. Јас сакам да ви проповедам за Него.
24Тој Бог го создаде светот и се што е во него. Тој е Господар на небото и Земјата. Не живее во храмови изградени од човечки раце.
25Тој нема потреба да Му служите со дарови од вашите раце, бидејќи нема потреба од ништо. На целиот жив свет Тој му дава живот и здив и се што му треба.
26Сите народи ги создаде од еден човек, ги насели по целата Земја, им определи во кое време ќе постојат и во кои граници ќе бидат нивните живеалишта,
27за да Го бараат Бога, да допрат до Него и да Го најдат, зашто Тој е близу до секој од нас!
28Бидејќи Тој ни овозможува да живееме, да се движиме и да бидеме тоа што сме. Како што вели и еден од вашите поети: ,Ние сме Негови деца.‘
29Затоа, штом знаете дека сме Божји чеда, не треба да мислиме дека идолите се богови. Тие се само злато, сребро или камен, обликувани со вештината и според замислата на обични луѓе.
30Не земајќи го предвид времето кога луѓето не го знаеле ова, Бог сега им порачува на сите луѓе, насекаде, да се одвратат од идолите и да се свртат кон Бог.
31Зашто Тој го има одредено денот во кој праведно ќе му суди на целиот свет, преку Човекот што за тоа Го определи и уверливо Го потврди воскреснувајќи Го од мртвите.“
32Кога слушнаа дека зборува за воскреснување од мртвите, некои луѓе почнаа да му се подбиваат, но други рекоа: „Сакаме повторно да ни зборуваш за ова!“
33Тогаш Павле си замина оттаму,
34а неколку души поверуваа и му се придружија. Меѓу нив беа: Дионисиј, член на Ареопагот, една жена по име Дамара и уште неколкумина други.

Currently Selected:

Дела Ап. 17: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

Videos for Дела Ап. 17