Дела Ап. 19
19
1Додека Аполос беше во Коринт, Павле патуваше низ внатрешноста, во околината на Ефес, а потоа се симна во градот. Таму најде неколку нови Христови следбеници,
2и ги праша: „Го примивте ли Светиот Дух кога поверувавте?“ Тие му одговорија: „Ние и не знаеме дека постои Свет Дух!“
3Тогаш Павле ги праша: „А како сте крстени?“ “Онака како што крштаваше Јован Крстител“ - му одговорија тие.
4Павле им рече: „Јован ги крштаваше луѓето кои се каеја поради своите гревови. И самиот тој им велеше на луѓето дека е неопходно да веруваат во Оној што доаѓа веднаш по него, а тоа беше Исус.“
5Кога го слушнаа ова, одново се крстија, овојпат во името на Господ Исус.
6Потоа Павле се помоли за нив, положувајќи ги над нив рацете и Светиот Дух слезе врз нив, па тие почнаа да зборуваат на други јазици и да пророкуваат.
7Во таа група беа околу дванаесет мажи.
8Потоа Павле одеше во ефешката синагога три месеци каде со голем жар им проповедаше на Евреите, се расправаше со нив и ги убедуваше во врска со Божјото царство.
9Кога еден дел од нив тврдоглаво одбија да поверуваат и почнаа јавно да зборуваат лоши работи за Христовото учење, Павле ја напушти синагогата, но ги поведе со себе оние што поверуваа во Христа и секојдневно проповедаше во училиштето на Тиран.
10Ова продолжи во текот на две години, така што сите жители на Азија, и Евреи и Грци, имаа можност да ја слушнат Господовата порака.
11Бог преку Павле правеше многу необични чуда,
12така што дури и кога врз болните ќе ставеа шамивче или дел од облека што се допрела до телото на Павле болестите исчезнуваа, а обземените се ослободуваа од демонските духови.
13Неколку Евреи што патуваа од место во место и истеруваа демони, се обидоа над обземените од демонски духови да го употребат името на Господ Исус велејќи: „Во името на Исус, Оној за Кого Павле проповеда, ви наредуваме да излезете!“
14Тоа го правеа седумтемина синови на еврејскиот Првосвештеник Скева.
15Но демонскиот дух им одговори: „Исус Го знам, а и Павле го знам, но вас не ве знам!“
16Па го натера човекот во кој беше влезен да се нафрли врз нив и да ги претепа, па тие голи и испоранети избегаа од куќата.
17За ова дознаа сите што живееја во Ефес, и Евреи и Грци, па ги фати страв и искажуваа голема почит спрема името на Господ Исус.
18Мнозина од оние што поверуваа доаѓаа и се исповедаа, признавајќи ги своите грешни дела.
19Дури и некои од оние што се занимавале со магии ги донесуваа своите книги за магии и пред сите ги запалуваа. Цената на запалените книги изнесуваше педесет илјади сребреници.
20Така пораката за Господ брзо се ширеше и јакнеше.
21По овие настани, поттикнат од Светиот Дух, Павле реши да ги посети Македонија и Ахаја, па да замине за Ерусалим. „А потоа,“ - рече тој - „ќе треба да го посетам и Рим.“
22Ги испрати во Македонија двајцата свои помошници, Тимотеј и Ераст, а тој уште некое време остана во Азија.
23Во тоа време во Ефес настанаа големи немири заради Христовото учење.
24Еден златар по име Димитри, кој изработуваше сребрени модели од храмот на божицата Артемида и на тој начин се богатеа и тој и неговите соработници,
25ги собра сите што се занимаваа со оваа и слична работа и им рече: „Луѓе, вие знаете дека нашето богатство доаѓа од овој занает.
26Гледате и слушате дека не само во Ефес, туку речиси во цела Азија, овој човек, Павле, разубеди и одврати многу луѓе, велејќи им дека овие предмети направени од човечка рака не се богови.
27Постои опасност не само нашиот занает да падне во немилост, туку и храмот на големата божица Артемида сосема да ја загуби својата важност, да исчезне нејзината величественост што ја почитуваат цела Азија и целиот свет!“
28Кога го слушнаа ова, збеснаа и почнаа да викаат: „Голема е Артемида, божицата на Ефес!“
29Во градот настана мешаница и откако ги фатија Македонците Гај и Аристарх, сопатници на Павле, сите се собраа во градскиот амфитеатар.
30Павле сакаше да се појави пред насобраната толпа, но тамошните христијани го одвратија од таквата намера,
31а и некои луѓе од власта што му беа пријатели му испратија порака, молејќи го да не се појавува во амфитеатарот.
32Собирот се претвори во бркотница. Едни викаа едно, други друго, а повеќето воопшто не знаеја за што се собрани.
33Евреите го посочија Александар и го изведоа напред, а тој замавна со раката за да ги смири и да даде објаснување пред толпата,
34но кога слушнаа дека тој е Евреин, сите во еден глас викаа речиси два часа: „Голема е Артемида, божицата на Ефес!“
35Најпосле градоначалникот ја смири толпата и рече: „Граѓани на Ефес! Има ли некој што не знае дека Ефес е град заштитник на храмот на големата божица Артемида и на кипот што ни падна од небото!?
36Ова никој не може да го оспори, затоа треба да се смирите и да не правите ништо непромислено.
37Овие луѓе, што сте ги довеле овде, ниту го ограбиле храмот, ниту пак зборувале против нашата божица.
38Ако Димитри и занаетчиите што се со него имаат некакво обвинение против овие луѓе, постојат судови и судии, па таму нека се судат.
39Ако имате некои други поплаки, тие мора да бидат разрешени на легалното градско собрание.
40Постои опасност Римјаните да не обвинат дека креваме бунт. Нема никаква причина да создаваме вакви немири.“
41Откако го рече ова, го распушти собирот и луѓето се разотидоа.
Currently Selected:
Дела Ап. 19: MNT
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.