YouVersion Logo
Search Icon

Дела Ап. 27

27
1Кога беше решено да не носат за Италија, Павле и неколку други затвореници, му беа предадени на еден офицер од Августовиот полк по име Јулиус.
2Се качивме на еден брод, чие матично пристаниште беше Адрамитија. Тој се подготвуваше да плови покрај местата од брегот на Азија што ни беа на пат. Со нас беше и Аристарх, Македонец од Солун.
3Следниот ден пристигнавме во Сидон. Римскиот офицер Јулиус беше многу љубезен со Павле и му дозволи да отиде кај неговите пријатели, за да го снабдат со се што му е потребно.
4Откако отпловивме оттаму, скршнавме накај Кипар, зашто ветровите не ни дозволуваа да продолжиме во планираната насока.
5Поминавме покрај бреговите на покраините Киликија и Памфилија, па дојдовме до местото Мира во покраината Ликија.
6Таму офицерот најде еден египетски брод од Александрија што требаше да плови за Италија и не префрли на него.
7Долго време пловевме бавно и тешко и одвај дојдовме до брегот на Книд. Ветрот не ни дозволуваше да впловиме во Книд, па отпловивме на спротивната страна од островот Крит, заобиколувајќи го ’ртот Салмона.
8Со голема мака го заобиколивме и дојдовме до местото наречено Добри Пристаништа, близу до градот Ласеја.
9Изгубивме многу време и повеќе не беше безбедно да се плови, зашто веќе беше поминал и Големиот есенски пост, па Павле ги советуваше одговорните на бродот:
10„Луѓе, гледам дека пловидбата тешко ќе оди и ќе има големи опасности, не само за товарот и бродот, туку и за нашите животи.“
11Меѓутоа офицерот повеќе им веруваше на кормиларот и на сопственикот на бродот, отколку на она што го рече Павле.
12Ова пристаниште не беше погодно за презимување, па мнозинството реши да отпловиме оттаму и да се обидеме да допловиме до Феникс, па да презимиме во тоа критско пристаниште, свртено и кон југозапад и кон северозапад.
13Кога дувна тивок јужен ветер, морнарите мислеа дека условите се поволни, па ја дигнаа котвата и запловија крај брегот на Крит.
14Но по кратко време дувна против нас ветер со ураганска сила, наречен североисточник.
15Зафатени од ветерот и не можејќи да пловиме наспроти него, кренавме раце и се препуштивме ветерот да не носи.
16Кога поминавме во завет на едно островче наречено Кавда, одвај успеавме да го зачуваме чамецот за спасување, кој беше трескан од брановите.
17Морнарите го качија горе и го врзаа со јажиња за бродот. Постоеше опасност да заринкаме на песочните наноси кај Сирт, па затоа ја спуштија котвата и го оставија бродот слободно да плови.
18Следниот ден бурата толку силно не фрлаше наваму-натаму што морнарите почнаа да го исфрлаат товарот в море.
19На третиот ден ја исфрлија и опремата на бродот, а и се што им дојде под раце.
20Веќе долго време не се појавуваа ни сонцето, ниту ѕвездите, а бурата продолжуваше да беснее, така што конечно изгубивме секаква надеж дека ќе се спасиме.
21Луѓето веќе долго време немаа апетит и не јадеа. Тогаш стана Павле и им рече: „Требаше да ме послушате и да не испловите од Крит. Така ќе се поштедевте од овие неволи и загуби.
22Сега ве советувам да се држите храбро, зашто никој од вас нема да загине. Ќе биде уништен само бродот.
23Минатата ноќ застана крај мене ангел пратен од Бога, Кому јас Му припаѓам и служам,
24и ми рече: ,Не плаши се, Павле! Ти сигурно ќе стигнеш до императорот, а заради тебе, Бог ќе им ги поштеди животите и на сите што пловат со тебе.‘
25Затоа, луѓе, разведрете се! Јас верувам дека тоа што Бог ми го кажа ќе се оствари.
26Ќе бидеме исфрлени на некој остров, но бродот ќе биде уништен.“
27Кога дојде четиринаесеттата ноќ, откако бурата не фрлаше наваму-натаму низ Адријанското Море, некаде околу полноќ, морнарите забележаа дека се приближуваме до некое копно.
28Ја измерија длабочината и утврдија дека изнесува околу триесет и седум метри. Пловеа уште малку, па пак ја измерија длабочината која сега изнесуваше само дваесет и седум метри.
29Плашејќи се да не удриме во подводни карпи, тие фрлија четири котви од задниот дел на бродот и со трепет чекаа да осамне.
30Тогаш морнарите се обидоа да побегнат од бродот. Почнаа да го спуштаат чамецот за спасување, под изговор дека од предницата на бродот ќе спуштаат котви.
31Но Павле им рече на офицерот и на војниците: „Ако морнарите не останат на бродот, нема ни вие да се спасите!“
32Тогаш војниците ги пресекоа јажињата на кои висеше чамецот за спасување и го пуштија да падне и да отплови.
33Пред да осамне, Павле ги молеше сите да јадат, велејќи им: „Денес е веќе четиринаесетти ден како гладувате. Ништо не сте ставиле в уста.
34Ве молам, каснете нешто. Тоа ќе ви помогне да се спасите. На никого од вас ниту влакно од главата нема да му недостасува.“
35Кога им го рече ова, самиот зеде леб, Му заблагодари на Бог пред сите, и почна да крши од лебот и да јаде.
36Тогаш сите луѓе се охрабрија и почнаа да јадат.
37На бродот имаше двесте седумдесет и шест души.
38Откако се најадоа, го исфрлија житото в море, за да го олеснат бродот.
39Кога се раздени, морнарите видоа копно, но не можеа да препознаат за која земја се работи. Забележаа залив со достапен брег и решија да се обидат со бродот да пријдат кон брегот.
40Ги одврзаа котвите и ги спуштија во морето. Ги разлабавија јажињата на кормилата, го кренаа предното платно спроти ветрот и се упатија накај брегот.
41Но бродот удри во гребен меѓу две морски струи и предницата на бродот заринка, па не можеше да се помрдне, а задниот дел почна да напукува од ударите на брановите.
42Војниците имаа намера да ги убијат затворениците, за да не исплива некој и да побегне,
43но офицерот ги спречи, сакајќи да го поштеди Павле. Тој нареди оние што знаат да пливаат први да скокнат од бродот и да пливаат накај копното,
44а другите да се спасуваат на штици и на други остатоци од бродот. Така сите се спасија и стигнаа на копното.

Currently Selected:

Дела Ап. 27: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

Video for Дела Ап. 27