YouVersion Logo
Search Icon

Maтеј 12

12
1Набргу потоа, во еден саботен ден, Исус минуваше преку нивите насадени со пченка. Неговите ученици беа гладни и почнаа да кинат клавчиња и да јадат.
2Кога го забележаа тоа фарисеите, Му рекоа на Исус: „Гледај, Твоите ученици го прават тоа што не е дозволено да се прави во сабота!“
3А Исус им одговори: „Зар не сте читале што направија Давид и неговите луѓе кога огладнеа?
4Тогаш тој влезе во Божјиот Дом и тој и неговите луѓе јадеа од посветениот леб од кој никој не смееше да јаде, со исклучок на свештениците?
5Или, пак, зар не сте читале во Мојсеевиот Закон дека и самите свештеници кои се на должност во храмот во саботните денови, работат, значи ја прекршуваат саботата, па сепак не ги сметате за виновни?
6Но Јас ви велам: пред вас е Оној што е поголем од храмот!
7Да бевте разбрале што значат Божјите зборови: ,Од вас сакам да покажувате милост, а не да Ми принесувате жртви‘, немаше да ги осудувате овие невини луѓе.
8Зашто Јас, Синот Човечки, сум Господар и на саботата.“
9Заминувајќи си оттаму, Исус влезе во нивната синагога,
10каде што виде и еден човек со парализирана рака. Со намера да Го обвинат, фарисеите Го прашаа Исуса: „Смее ли да се исцелува во сабота?“
11А Тој им одговори: „ Ако некој од вас има само една овца и таа му падне в јама во саботен ден, нема ли да посегне и да ја извади?
12А колку поскапоцен од овца е човекот! Според тоа, да се прави добро во сабота е во целосна согласност со Божјиот Закон.“
13Тогаш му се обрати на човекот: „Испружи си ја раката!“ Тој ја испружи заболената рака и таа му стана здрава како и другата.
14А фарисеите излегоа и почнаа да подготвуваат заговор да Го убијат Исуса.
15Кога дозна за тоа, Исус си замина оттаму, следен од толпа народ. Тој ги исцелуваше сите болни меѓу нив,
16но не им дозволуваше да шират гласови за Него.
17Со тоа се исполнуваше она што го навести Бог преку пророкот Исаија:
18„Еве Го Мојот избран слуга, Мојот Љубимец, задоволството на Мојата душа! Нему ќе Му го дадам Мојот Дух, Тој ќе им ја објави Мојата правда на народите.
19Нема да се расправа, ниту пак ќе вика гласот нема да му одекнува по улиците.
20Нема да дотолчува ранета душа, што е како скршена трска, нема да ја угасне и најмалата надеж, макар таа да е како фитил што тлее, си додека правдата не победи.
21А сите народи ќе ја положат својата надеж во Неговото име.“
22Тогаш доведоа кај Исус еден слеп и нем човек, кој беше обземен од демонски духови, и Тој го исцели, така што немиот прозборува и прогледа.
23Целиот народ беше вчудовиден и се прашуваше: „Да не е овој Месијата, Синот Давидов?“
24Кога фарисеите разбраа за тоа, рекоа: „Тој изгонува демони бидејќи демонскиот поглавар Баалзибул е во Него!“
25Знаејќи ги нивните мисли, Исус им рече: „Ниедно царство не може да се одржи доколку во него има внатрешни раздори; и ниеден град или дом во кој има неслога не може да опстане.
26Ако Сатаната го изгонува Сатаната, тогаш тој настапува против самиот себе; како може, тогаш, да му се одржува царството?
27Ако Јас изгонувам демони со помош на Баалзибул, тогаш, кажете ми, со чија помош вашите следбеници ги изгонуваат демоните? Затоа, тие ќе ви судат!
28Ако, пак, Јас изгонувам демони со помош на Божјиот Дух, тогаш тоа е знак дека Божјото царство ви пристигнало!
29Може ли некој да му упадне во куќата на силен човек и да му го ограби имотот, ако најпрво не го врзе силниот човек, за потоа да може да му ја ограби куќата?
30Кој не е со Мене, против Мене е; кој со Мене не собира тој растура!
31Ви велам: на луѓето ќе им биде простен секој грев и секоја навреда, но ако Го навредат Светиот Дух нема да им биде простено.
32И навредувањето против Мене, Синот Човечки ќе се прости, но навредувањето против Светиот Дух нема да се прости ни на овој свет ни на идниот.“
33„Вие добро знаете дека питомото дрво раѓа питом плод, а дивото дрво раѓа див плод, зашто дрвото се распознава според плодот.
34Змиски рожби! Како може од вас да произлезат благородни зборови, кога сте зли!? Устата го зборува тоа што човек го има во срцето!
35Благороден човек изговара благородни зборови, бидејќи срцето му е благородна ризница, а лошиот човек изговара лоши зборови, бидејќи срцето му е зла ризница.
36Ве предупредувам дека за секој непромислен збор што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на Судниот ден!
37Твоите сопствени зборови или ќе те оправдаат, или ќе те осудат.“
38Тогаш некои вероучители и некои фарисеи Му рекоа на Исус: „Учителе, сакаме од Тебе да видиме некој чудотворен знак!“
39А Исус им одговори: „Само грешните и безбожни луѓе бараат чудотворен знак, но ним нема да им биде даден никаков друг знак, освен знакот на пророкот Јона:
40како што Јона беше во утробата на китот три дни и три ноќи, така и Јас, Синот Човечки, ќе минам три дни и три ноќи во срцето на Земјата.
41На Судниот ден, жителите на градот Нинева ќе станат и ќе ја осудат оваа генерација, зашто во тоа време кога Јона им проповедаше, тие се покајаа. А еве, пред вас стои Некој што е многу поголем од Јона а кај вас нема покајание!
42И кралицата од Шеба ќе стане на Судниот ден и ќе ја осуди оваа генерација, зашто таа дојде од далечна земја за да ја чуе мудроста на Соломон. А еве, пред вас стои Некој што е многу поголем од Соломон, а вие не Го слушате!“
43„Кога еден зол дух ќе излезе од човекот, тој снови по запустени места во потрага по спокојство, кое не го наоѓа;
44тогаш, ќе си рече: ,Да си се вратам јас во моето претходно живеалиште!‘ При враќањето забележува дека местото е празно, чисто и уредно;
45па оди и доведува уште седум духови, полоши од себе, со кои се враќа и се населува таму, така што сега состојбата на човекот му е уште полоша од претходната! Тоа ќе ђ се случи и на оваа зла генерација!“
46Исус си уште му говореше на народот, кога пристигнаа мајка Му и Неговите браќа. Тие чекаа надвор и сакаа да разговараат со Него.
47Тогаш некој Му рече на Исус: „Ене ги надвор мајка ти и Твоите браќа и сакаат да разговараат со Тебе.“
48А Исус му одговори на оној што му го кажа тоа: „Која ми е мајка и кои ми се браќа?“
49Па, покажувајќи со раката кон Своите ученици, рече:
50„Овие ми се и мајка и браќа! Секој што ја извршува волјата на Мојот небесен Татко ми е и брат и сестра и мајка.“

Currently Selected:

Maтеј 12: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in