Maтеј 24
24
1Кога Исус го напушташе храмот во Ерусалим и си заминуваше оттаму, Неговите ученици Му пријдоа и почнаа да Му ги покажуваат градбите на храмот.
2А Тој им рече: „Ги гледате ли сите овие градби? Ве уверувам дека од нив нема да остане камен врз камен, зашто ќе бидат разурнати!“
3Подоцна, кога Исус седеше на падините од Маслиновата Гора, Му пријдоа Неговите ученици и насамо Го прашаа: „Кажи ни кога ќе се случи сето тоа и по што ќе го познаеме времето на Твоето повторно доаѓање и крајот на светот?“
4Исус им одговори: „Чувајте се некој да не ве заведе.
5Бидејќи мнозина ќе се појават под Моето име и ќе ви говорат: ,Јас сум Месијата!‘ и ќе измамат мнозина.
6Ќе избувнат војни во близина и војни во далечина. Да не ве обзема паника, зашто тоа мора да се случи, иако тоа не значи дека веќе дошол крајот.
7Народите ќе војуваат едни против други, и држави против други држави. Глад и земјотреси ќе погодат многу места.
8Сето ова ќе биде само како почеток на породилни болки!“
9„Тогаш вас ќе ве апсат, ќе ве казнуваат и ќе ве убиваат. Поради верата во Мене, по целиот свет ќе ве мразат.
10Во тоа време мнозина ќе се откажат од верата во Мене; едни други ќе се издаваат и меѓусебно ќе се мразат.
11Ќе се појават и многу лажни пророци и ќе заведат мнозина.
12Грешноста ќе земе таков замав, што љубовта меѓу луѓето ќе станува си постудена.
13Но тој што докрај ќе се одржи, ќе се спаси.
14А Радосната вест за небесното царство ќе се проповеда по целиот свет, за да ја чујат сите народи. Тогаш ќе дојде крајот.“
15„Значи, кога ќе видите дека богохулникот што пустоши се наместил на светото место за ова пишува пророкот Даниел, и секој читател треба да обрне внимание
16тогаш, оние што ќе се најдат во покраината Јудеја нека бегаат кон планините,
17тој што ќе се најде на покривот, да не слегува долу да земе нешто од покуќнината,
18а тој што е на нива, да не се враќа дома за да си го земе палтото!
19Тоа ќе биде посебно тешко време за трудниците и за доилките!
20Молете Го Бога вашето бегство да не се случи зиме или во саботен ден!
21Зашто, тогаш ќе има такви маки, какви што немало од создавањето на светот досега, ниту пак ќе ги има во иднина.
22Да не беше предвидено скратување на тоа време, никој не би преживеал; но тоа време ќе се скрати, заради избраните од Бога.“
23„Ако некој тогаш ви рече: ,Еве Го Месијата овде!‘ не верувајте му!
24Зашто, ќе се појават лажни месии и лажни пророци и ќе изведат големи знаци и чуда, обидувајќи се да ги измамат избраните од Бога, ако е можно.
25Еве, однапред ви кажав.
26Значи, ако ви речат: ,Ене Го Месијата во пустината!‘ не одете таму; или: ,Еве Го, се крие овде!‘ не верувајте им!
27Зашто, Синот Човечки ќе дојде како молскавица што ќе болсне на исток и веднаш ќе се види на запад!
28Каде што е мршата, таму ќе се соберат и мршојадците.“
29„Веднаш по неволите во тие дни, ќе потемни Сонцето, Месечината ќе престане да свети, од небото ѕвезди ќе паѓаат и небесните сили ќе се разнишаат.
30Тогаш, конечно на небото ќе се појави знакот на Месијата, Синот Човечки; и ќе залелекаат сите народи на Земјата кога ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на облаците со моќ и величествена слава.
31Тој ќе ги испрати Своите ангели со громогласен звук од труба да ги соберат Неговите избраници од сите четири страни на светот, од едниот до другиот крај на светот.“
32„Сфатете ја оваа споредба преку примерот со смоквата: штом ќе ђ се подмладат гранките и ќе пуштат лисје, знаете дека наближува летото.
33Така и вие, кога ќе видите дека сите овие случки што ви ги опишав се одвиваат, ќе знаете дека дошло времето и веќе е на прагот.
34Ве уверувам дека сите овие настани ќе се одиграат пред да изумре оваа генерација.
35Небото и Земјата ќе ги снема, но Моите зборови ќе останат!
36А денот и часот на Христовото враќање никому не му се откриени, дури ни на ангелите на небото, ниту пак на Божјиот Син. Само небесниот Татко ги знае.
37Кога ќе дојде Синот Човечки, состојбата во светот ќе биде како во времето на Ное.
38Имено, пред самиот потоп, луѓето јадеа, пиеја, се женеа и се мажеа си до денот кога Ное влезе во бродот;
39и не сфатија што се случува, додека не дојде потопот и ги однесе сите. Така ќе биде и кога ќе се врати Синот Човечки.
40Во тој миг, од двајца што ќе работат на нива, едниот ќе биде земен на небото, а другиот оставен;
41од две жени што ќе мелат во мелница, едната ќе биде земена, а другата оставена.
42Значи, бидете подготвени, зашто не го знаете денот во кој вашиот Господ ќе се врати.
43Но да знаете дека, кога еден домаќин би знаел во кое време на ноќта ќе му дојде крадец, тој би останал буден и не би дозволил да му провали во куќата!
44Значи, бидете духовно подготвени, зашто Јас, Синот Човечки, ќе дојдам во час во кој не Ме очекувате!“
45„Значи, за кој слуга може да се рече дека е мудар и верен? Тоа е оној слуга што добил задача од својот господар да ги надгледува сите други слуги и навреме да ги храни,
46и кој навистина си ја извршува задачата што му е доверена. Блазе си на таков слуга, кога ќе се врати неговиот господар!
47Ве уверувам дека нему ќе му го довери сиот свој имот!
48Но ако слугата е лош и си рече во себе: ,Мојот господар нема да се врати уште долго време!‘,
49и почне да ги тепа своите другари, и да јаде и пие со пијаници,
50тогаш неговиот господар ќе се врати во ден во кој не го очекува и во ненадеен час,
51и ќе го казни најстрого, фрлајќи го меѓу оние кои само се преправале дека се искрени спрема господарот. Таму ќе има лелекање и крцкање со заби.“
Currently Selected:
Maтеј 24: MNT
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.