YouVersion Logo
Search Icon

Марко 1

1
1Ова е почетокот на Радосната вест за Божјиот Син Исус Христос.
2Таа започна онака како што беше предвестено од Бог, во Книгата напишана од пророкот Исаија: “Ќе испратам Свој гласник, да ти го подготви патот.
3Низ пустината ќе одекнува неговиот глас: ?Пригответе пат за доаѓањето на Господ! Исправете го патот за Него!‘“
4Тој гласник беше Јован Крстител кој се појави во пустината и започна да проповеда крштавање како знак за обраќање кон Бог заради простување на гревовите.
5Кај него почнаа да доаѓаат луѓе од цела Јудеја и од Ерусалим. Тие ги исповедаа своите гревови, а Јован ги крштаваше во реката Јордан.
6Јован носеше облека исплетена од камилски влакна и беше препашан со кожен појас. Се хранеше со скакулци и див мед.
7Тој им зборуваше на луѓето: „По мене доаѓа многу голем човек! Јас не сум достоен ни ремењата од Неговите сандали да Му ги одврзам!
8Јас сега ве крштавам со вода, а Тој ќе ве крсти со Светиот Дух.“
9Во тоа време дојде Исус од Назарет во Галилеја и Јован Крстител Го крсти во реката Јордан.
10Во моментот кога Исус излегуваше од водата, Јован виде како се отвори небото и Светиот Дух во облик на гулаб слезе врз Исус.
11Се чу и глас од небото: „Ти си Мојот сакан Син; со Тебе Сум наполно задоволен!“
12Веднаш по ова, Божјиот Дух Го одведе Исуса во пустината.
13Таму Тој остана четириесет дена и Сатаната Го искушуваше. Исус живееше сред диви животни, но ангелите се грижеа за Него.
14Подоцна, кога владетелот Ирод Антипа го затвори Јована Крстител, Исус отиде во Галилеја за да ја проповеда Божјата Радосна вест.
15Говореше: „Дојде времето! Божјото царство се приближува! Покајте се и верувајте во Радосната вест!“
16Одејќи по брегот на Галилејското Езеро, Исус ги забележа браќата Симон и Андреј. Тие беа рибари и ги поставуваа своите рибарски мрежи во езерото.
17Исус им рече: „Тргнете по Мене и Јас ќе ве научам како да ловите луѓе, а не риби!“
18Двајцата браќа веднаш ги оставија своите мрежи и тргнаа по Него.
19Малку понатаму, Исус ги забележа Завдаевите синови Јаков и Јован. Тие седеа во своето бротче и си ги крпеа рибарските мрежи. Веднаш ги повика и нив.
20Оставајќи ги својот татко и наемните работници во бротчето, тие тргнаа по Исус.
21Придружуван од Своите ученици, Исус отиде во градот Кафарнаум. Во саботата, отиде во синагогата и почна да ги поучува луѓето.
22Сите беа восхитени од Неговото учење. Тој поучуваше со вистински авторитет, а не како вероучителите.
23Одненадеж, во синагогата влезе еден човек обземен со демонски дух и почна да вика:
24„Што ќе ни сториш, Исусе од Назарет!? Дојде за да нe уништиш, нели!? Те знам Кој си: Ти си Божјиот Светец!“
25Исус му заповеда на демонскиот дух: „Замолкни и излези од човекот!“
26Демонскиот дух го стресе човекот и со силна викотница излезе од него.
27Луѓето останаа вчудовидени и си велеа еден на друг: „Што е ова? Некое ново и моќно учење! На демонски духови им заповеда и тие Му се покоруваат!“
28Вестите за Исус бргу се раширија по цела Галилеја.
29Напуштајќи ја синагогата, во придружба на Јаков и Јован, Исус отиде во куќата на Симон и Андреј.
30Таму Му кажаа дека тештата на Симон лежи болна со силна треска.
31Исус влезе кај неа, ја фати за раката и ја поткрена. Треската веднаш и престана и таа почна да ги послужува.
32Вечерта, по зајдисонце, сите што беа болни или обземени од демони ги доведуваа кај Исус.
33Целиот град се собра пред вратата.
34Исус ги исцелуваше сите заболени од најразлични болести и ги ослободуваше од демонски духови. Демоните знаеја Кој е Исус, но Тој не им дозволуваше да кажат.
35Рано утредента, уште в мугри, Исус стана и отиде на молитва, сам, на тивко место.
36Симон и другите тргнаа да Го бараат.
37Кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!“
38А Тој им одговори: „Да одиме на друго место, во соседните градови, за да им проповедам и ним, бидејќи за таа цел сум дојден.“
39Така Исус ја помина целата покраина Галилеја, проповедајќи по тамошните синагоги и ослободувајќи луѓе од демонска обземеност.
40Еден човек, болен од лепра, дојде кај Исус, клекна на колена и почна да Го моли: „Ако сакаш, Ти можеш да ме исцелиш!“
41Исус се сожали, испружи рака и го допре, велејќи му: „Сакам! Еве, те исцелувам!“
42Во истиот момент лепрата исчезна и човекот оздраве.
43Испраќајќи го, Исус строго му нареди:
44„Не кажувај никому за ова! Оди само кај свештеникот и покажи му дека си здрав. Потоа принеси дар во храмот како што е пропишано со Мојсеевиот Закон, за да се увери јавноста.“
45Но тукушто излезе, човекот почна на сите да им раскажува за случката, така што Исус повеќе не можеше јавно да се движи во градот. Престојуваше надвор од населените места, а народ од сите страни доаѓаше кај Него.

Currently Selected:

Марко 1: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in