Битие 2
2
Човекот во рајот. Божја заповед. Создавање на жената: брак.
1Така се доврши небото и земјата и сиот украс нивни.
2И ги заврши Бог до седмиот ден делата Свои, што ги направи; и си отпочина во седмиот ден од сите дела Свои, што ги создаде.
3И го благослови Бог седмиот ден, и го освети, зашто во тој ден си отпочина од сите дела Свои, што ги направи и создаде.
4Ете така настанаа небото и земјата, во она време кога Господ Бог ги создаде земјата и небото.
5И секое растение полско, што уште не беше на земјата, и секоја тревка земна, што уште не беше никнала, зашто Господ Бог уште не праќаше дожд на земјата, ниту, пак, имаше човек што ќе ја обработува земјата,
6но се креваше пара од земјата. И ја натопуваше површината на целата земја.
7А го создаде Господ Бог човекот од прав земен и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа.
8И насади Господ Бог рај во Едем, на исток; и таму го смести човекот што го создаде.
9И направи Господ Бог да израстат од земјата секакви дрвја, убави за гледање и добри за јадење, и дрвото на животот среде рајот, и дрвото за познавање на доброто и злото.
10И вода течеше од Едем, за да го наводнува рајот, а потоа таа се раздвојуваше во четири реки.
11Името на едната е Фисон; таа тече околу целата земја Хевилска, а таму има злато.
12Златото на таа земја е добро; таму има и бделиум и камен оникс.
13А на втората река името ѝ е Геон; таа ја опкружува целата земја Куш.
14Името, пак, на третата река е Тигар, а тече на исток од Асирија. Четвртата река е Ефрат.
15И, земајќи го Господ Бог човекот, кого го создаде, го воведе во градината Едемска, за да ја обработува и да ја пази.
16И му заповеда Господ Бог на човекот и рече: »Од секое дрво во градината можеш да јадеш,
17освен од дрвото за познавење на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш.«
18И рече Господ Бог: »Не е добро за човекот да биде сам; да му создадеме помошник, сличен на него!«
19Тогаш Господ Бог ги создаде од земјата сите полски животни, и сите птици небески, и ги доведе кај човекот за да види како која ќе ја нарече тој, па, како што човекот ќе го нарече секое живо суштество, така да му биде и името.
20И им даде човекот имиња на сиот добиток, и на птиците небески, и на сите ѕверови полски; но за човекот не се најде помошник, сличен на него.
21Затоа Господ му прати на човекот тврд сон; па кога заспа, му зеде едно ребро, и местото го пополни со плот.
22И Господ Бог создаде жена од реброто, што го зеде од човекот, и ја доведе кај човекот.
23А човекот рече: »Еве сега коска од моите коски, и плот од мојата плот. Нека ѝ биде името жена, зашто е земена од мажот!«
24Затоа ќе го остави човекот таткото свој и мајката своја и ќе се прилепи кон жената своја; и обата ќе бидат едно тело.
25И беа обајцата голи, Адам и жена му, и не им беше срам.
S'ha seleccionat:
Битие 2: MK1990
Subratllat
Comparteix
Copia
Vols que els teus subratllats es desin a tots els teus dispositius? Registra't o inicia sessió
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016