Лука 10
10
Испраќањето и враќањето на седумдесетте ученици. Исусовата благодарствена молитва кон Отецот. Парабола за милостивиот Самарјанин. Марија и Марта: само едно е потребно.
1Потоа Господ избра и други седумдесет ученици и ги испрати пред Себе по двајца во секој град и место, каде што и Сам сакаше да оди,
2и им рече: »Жетвата е голема, а работници се малку; затоа молете Го Господарот од жетвата да испрати работници на жетвата Своја.
3Одете! Ете, Јас ве праќам како јаганца меѓу волци.
4Не носете со себе ни ќесе, ни торба, ниту обувки и никого патем не поздравувајте!
5И во која куќа влезете, прво кажете: ‚Мир на таа куќа!‘
6Па, ако биде таму синот на мирот, вашиот мир ќе остане на него; ако ли не, тој ќе се врати во вас;
7и во таа куќа останете, јадете и пијте што ќе ви дадат; зашто работникот ја заслужува својата награда. Не преоѓајте од куќа в куќа.
8И во кој град влезете, и ве примат, јадете што ќе ви принесат пред вас;
9лекувајте ги болните што се во него и говорете им: ‚Се приближи до вас царството Божјо.‘
10А во кој, пак, град влезете и не ве примат, излезете по раскрсниците негови и кажете:
11‚И правот од вашиот град, што се прилепил на нас, ви го истресуваме; но знајте го ова, дека се приближи до вас царството Божјо.‘
12Ви велам, дека во оној ден на Содом ќе му биде полесно, отколку на тој град.
13Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Оти, ако во Тир и Сидон се беа извршиле чудесата што станаа кај вас, тие одамна, седејќи во вреќи и пепел, ќе се беа покајале.
14Но на Тир и Сидон ќе им биде полесно на судот, отколку вам.
15И ти, Капернауме, што си се издигнал до небото, до пеколот ќе паднеш.
16Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша; и кој се откажува од вас, од Мене се откажува; а кој се откажува од Мене, се откажува од Оној што Ме пратил.«
17Се вратија, пак, седумдесетте со радост и велеа: »Господи, во Твое име и бесовите ни се покоруваат.«
18А Он им рече: »Го видов сатаната дека падна од небото како молња!
19Еве, ви давам власт да настапувате на змии и скорпии, и на секаква непријателска сила; и ништо нема да ве повреди;
20но не радувајте се на тоа, дека духовите ви се покоруваат, а радувајте се, што се имињата ваши напишани на небесата.«
21Во тој час се возрадува Исус во духот и рече: »Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, оти си го сокрил ова од мудрите и разумните, а си го открил на простите. Така е, оти таква беше волјата Твоја.«
22Па, откако се сврте кон учениците, им рече: »Сѐ Ми е предадено од Мојот Отец; и кој е Синот не знае никој, освен Отецот; и кој е Отецот, не знае никој, освен Синот, и – кому што сака Синот да му открие.«
23И кога се обрна кон учениците, им рече тивко: »Блажени се очите, кои го гледаат ова што го гледате вие.
24Зашто ви велам, многу пророци и цареви сакаа да видат што гледате вие, и не видоа; и да чујат, што слушате вие, и не чуја.«
25И ете, стана еден законик и, искушувајќи Го, рече: »Учителе, што да направам за да добијам живот вечен?«
26А Он му рече: »Што е напишано во Законот? Како читаш?«
27Тој одговори и рече: »Возљуби Го Господа, Твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!«
28Му кажа пак: »Добро одговори; тоа прави го и ќе бидеш жив.«
29Но тој, сакајќи да се оправда, Му рече на Исуса: »А кој е мојот ближен?«
30Исус му одговори и рече: »Еден човек слегуваше од Ерусалим во Ерихон, и сретна разбојници, кои го соблекоа и му направија рани, и си отидоа, оставајќи го полумртов.
31Во тоа време слегуваше по тој пат еден свештеник, и кога го виде, си замина.
32Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, се приближи, погледна и си отиде.
33Еден, пак, Самарјанин, кој патуваше, кога дојде до него, го виде и се сожали.
34И кога се приближи, му ги преврза раните, поливајќи ги со елеј и со вино; па, откако го качи на добитокот свој, го однесе во гостилница и се погрижи за него.
35А утредента, на кинисување, извади два динарија, му ги даде на гостилничарот и му рече: ‚Припази го; а ако потроши нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам.‘
36Кој, пак, од тие тројца ти се чини дека му беше ближен на оној, што падна во рацете на разбојниците?«
37А тој одговори: »Оној што му направи милост.« Исус му рече: »Оди и ти прави така!«
38И кога одеа, влезе Он во едно село; една жена, по име Марта, Го прими во својот дом.
39А таа имаше сестра по име Марија, која седна при нозете Исусови и го слушаше словото Негово.
40Марта се беше, пак, зафатила со многу работи и, кога застана, рече: »Господи, зар нејќеш да знаеш дека сестра ми ме остави да служам сама? Кажи ѝ да ми помогне!«
41А Исус ѝ одговори и рече: »Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи.
42Но само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе.«
S'ha seleccionat:
Лука 10: MK1990
Subratllat
Comparteix
Copia
Vols que els teus subratllats es desin a tots els teus dispositius? Registra't o inicia sessió
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016