Лука 12

12
Не треба да се биде лицемерен, ни плашлив, ни лаком, ниту треба човек да се грижи за земното богатство. За стражарењето. За помирливоста. Знакот на времињата.
1Меѓутоа, кога се насобраа илјадници народ – така што се газеа еден со друг, Он почна да им зборува најнапред на Своите ученици: »Пазете се од квасот фарисејски, што е лицемерие.
2Нема ништо сокриено, а да не се открие, ни тајно – што не ќе се узнае;
3па затоа, што сте рекле во темнина, ќе се чуе на видело; и што сте рекле на уво во скривница, ќе биде разгласено од покривите.
4А вам, на Моите пријатели, ви велам: не бојте се од оние, што го убиваат телото и потоа не можат ништо повеќе да направат;
5но ќе ви кажам од кого да се боите: бојте се од Оној, Кој по убивањето има власт да фрли во пеколот; да, ви велам, од Него бојте се!
6Зар не се продаваат пет врапчиња за два асарија? И ниедно од нив не е заборавено од Бога.
7А вам, и косата на главата ви е изброена. Па така, не бојте се: од многу врапчиња вие сте поскапи.
8И ви велам: секој што Ме признае Мене пред луѓето, и Синот Човечки ќе го признае пред Божјите ангели;
9а кој се одрече од Мене пред луѓето, и тој ќе биде одречен пред Божјите ангели.
10На секој, што ќе каже збор против Синот Човечки, ќе му биде простено; но на оној, кој похули на Светиот Дух, нема да му се прости.
11А кога ве одведат во синагогите и пред властите и началствата, не грижете се како ќе одговорите, или што ќе кажете;
12зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час, што треба да кажете.«
13Некој од народот Му рече: »Учителе, кажи му на мојот брат да го раздели со мене наследството!«
14А Он му рече: »Човеку, кој Ме постави да ви судам или да ве делам?«
15Потоа им кажа: »Гледајте и пазете се од лакомство, оти животот на човека не зависи од изобилието на неговиот имот.«
16И им кажа парабола и им рече: »На некој богат човек нивата му беше родила многу;
17и мислеше во себе, велејќи: ‚Што да правам? Немам во што да ги соберам плодовите свои.‘
18Па рече – вака ќе направам: ‚ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра,
19и ќе ѝ речам на душата своја: душо, имаш многу добра, приготвени за многу години; јади, пиј и весели се!‘
20Но Бог му рече: ‚Безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја; тоа, што си го приготвил, кому ќе му остане?‘
21Така бива со оној што собира добра за себе, а не се богати во Бога.«
22И им рече на учениците Свои: »Затоа ви велам: не грижете се за душата своја, што ќе јадете, ниту за телото свое, што ќе облечете.
23Зашто, душата е многу поскапа од храната, и телото – од облеклото.
24Погледајте ги гавраните како ни сеат, ни жнеат; тие немаат скривници, ниту житници и Бог ги храни; а колку сте поскапи вие од птиците?
25Па и кој од вас, грижејќи се, може да му додаде еден лакот на својот раст?
26И така, кога ни најмалото нешто не можете да го направите, зошто се грижите за друго?
27Погледајте ги лилјаните како растат: ни се трудат, ниту предат; но ви велам, дека ни Соломон, во сета своја слава, не се облече така, како еден од нив.
28Ако, пак, тревата во полето, која денес ја има, а утре се фрла во оган, Бог така ја облекува, тогаш колку повеќе вас, маловерни!
29Па затоа и вие, не барајте што ќе јадете или што ќе пиете; и не се загрижувајте!
30Сето тоа го бараат и незнабошците на овој свет; а вашиот Отец знае дека тоа ви е потребно.
31Но барајте го царството Божјо, и сето тоа ќе ви се придаде!
32Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството.
33Продајте ги имотите ваши и давајте милостина! Згответе си ќесиња, што нема да изветват, сокровиште на небото, каде крадец не се приближува и кое молец не го јаде;
34зашто, каде што е сокровиштето ваше, таму ќе биде и срцето ваше.
35Нека ви биде крстот стегнат и светилата – запалени!
36Тогаш и вие ќе личите на оние луѓе, што го чекаат својот господар да се врати од свадба, за да му отворат веднаш, штом дојде и почука.
37Блазе на оние слуги, што ќе ги затече господарот будни, кога ќе си дојде! Вистина ви велам, тој ќе се опаше и ќе им рече да седнат, па ќе пристапи и ќе им служи.
38А ако дојде и на втора стража, и на трета дојде ли, и ги затече така, блазе на тие слуги!
39Знајте го и тоа дека, ако домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би седел буден и не би дозволил да му ја поткопаат куќата.
40И вие, значи, бидете готови: зашто, во кој час не мислите, ќе дојде Синот Човечки!«
41А Петар Му рече: »Господи, за нас ли ја кажуваш оваа парабола, или за сите?«
42Тогаш Господ рече: »Кој е тој верен и мудар слуга, кого го поставил неговиот господар над своите слуги, за да им дава потребна храна на време?
43Блазе на тој слуга, чиј господар, кога ќе дојде, го затече така да постапува!
44Вистина ви велам, дека тој ќе го постави него над целиот свој имот.
45Ако, пак, тој слуга рече во срцето свое: ‚Нема скоро да дојде мојот господар!‘ па почне да ги бие слугите и слугинките, да јаде и пие и да се опива,
46господарот на тој слуга ќе дојде во ден, во кој не очекува, и во час што не го знае, па ќе го оддели и ќе го постави меѓу неверните.
47А оној слуга, кој ја знае волјата на својот господар и не се приготвил и не постапил според волјата негова, ќе биде многу биен.
48Кој, пак, не знаел и направил нешто достојно за казнување, ќе биде малку биен. Кому е многу дадено, многу и ќе се бара од него; и кому му е поверено повеќе, повеќе ќе се бара од него.
49Јас дојдов да фрлам оган на земјата и колку би сакал да се беше веќе разгорел.
50Со крштавање треба да се крстам и колку Ми е мачно дури не се сврши тоа.
51Мислите ли дека сум дошол да дадам мир на земјата? Не, ви велам, туку раздвојување;
52оти отсега, петина во една куќа ќе бидат разделени: тројца против двајца и двајца против тројца;
53ќе биде татко против сина си и син против татка си; мајка против ќерка си и ќерка против мајка си; свекрва против снаата своја и снаата против свекрвата своја.«
54А на народот му рече: »Кога видите дека се крева облак од запад, тогаш велите: ‚Ќе врне дожд!‘ Така и бива.
55А кога дува јужниот ветар, велите: ‚Ќе биде горештина!‘ Па така и бива.
56Лицемери, лицето на небото и земјата умеете да го распознавате, а ова време како не го познавате?
57Зошто и сами од себе не судите што е праведно?
58Кога одиш со својот противник пред власта, гледај уште по патот да се измириш со него, за да не те предаде на судијата, а судијата на слугата и слугата да те фрли во затвор.
59Ти велам, оттаму нема да излезеш, дури не ја дадеш и последната лепта.«

S'ha seleccionat:

Лука 12: MK1990

Subratllat

Comparteix

Copia

None

Vols que els teus subratllats es desin a tots els teus dispositius? Registra't o inicia sessió