Лука 8
8
Жените – приврзаници Исусови. Парабола за сејачот. Кои се Христовите роднини. Стивнувањето бура на морето. Исцелението на човек со нечист дух. Будењето на Јаировата ќерка и чудото со болна жена.
1Потоа Он одеше по градовите и селата, проповедајќи го царството Божјо; а со Него беа дванаесетте,
2и некои жени, што беа излекувани од зли духови и болести: Марија, наречена Магдалина, од која беа излегле седум демони;
3и Јоана, жената на Хуза, настојникот Иродов, и Сусана, и многу други, кои Му служеа со своите имоти.
4А кога се собра многу народ, и кога жителите од сите градови приоѓаа кај Него, Он ја кажа оваа парабола:
5»Излезе сејач на семе; и кога сееше, едно падна покрај патот и беше изгазено, и птиците небески го исколваа;
6а друго падна на камен, па штом никна, се исуши, оти немаше влага;
7едно, пак, падна меѓу трње; и израсна трњето, па го задуши;
8а друго падна на добра земја, и кога изникна, донесе стократен плод.« Откако го рече ова, извика: »Која има уши да слуша, нека чуе!«
9А учениците Негови Го прашаа, велејќи: »Што значи таа парабола?«
10Он рече: »Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на другите ќе им се зборува во параболи, та гледајќи да не виѓаат, и слушајќи да не разбираат.
11А оваа парабола значи: семето е словото Божјо.
12Она, што падна покрај патот, се оние, кои слушаат; но потоа доаѓа ѓаволот и им го зема словото од срцата нивни, за да не поверуваат и да не се спасат;
13а она на камен – се оние, кои кога ќе го чујат словото, со радост го примаат; но немаат корен и веруваат некое време, па штом дојдат искушенија, тие се откажуваат;
14тоа, пак, што падна меѓу трње, се оние, што го слушаат словото, но кога отидат, се подаваат на грижи, богатства и наслади од овој живот и не донесуваат плод;
15а оние на добрата земја, се тие што го слушаат словото и го пазат во добро и чисто срце, и принесуваат плод со трпение.« Штом го рече тоа, извика: »Кој има уши да слуша, нека чуе!
16Никој кога запали свеќа, не ја поклопува со сад, ниту ја става под одар, туку ја наместува на свеќник, за да ја гледаат светлината оние што влегуваат.
17Оти нема тајно, што не ќе стане јавно, ниту, пак, сокриено, што не ќе се разбере и излезе на видело.
18Па, пазете како слушате; зашто, кој има, ќе му се даде; а кој нема, ќе му се одземе и она, што мисли дека го има.«
19Дојдоа кај Него мајка Му и браќата Негови, и не можеа да се приближат до Него поради народот.
20И Му јавија, велејќи: »Мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да Те видат.«
21А Он им одговори и рече: »Мојата мајка и Моите браќа се оние, што го слушаат словото Божјо и го исполнуваат.«
22Еден ден влезе Он во кораб со учениците Свои и им рече: »Да минеме на другата страна од езерето!« И појдоа.
23Кога, пак, пловеа, Он заспа. А над езерото се појави силен ветар, па ги плискаше водата и тие беа во опасност.
24Пристапија и Го разбудија, говорејќи: »Наставниче, Наставниче, загинуваме!« А Он, штом се разбуди, им забрани на ветрот и на брановите; и тие се смирија и настана тишина.
25И им рече: »Каде е верата ваша?« А тие се уплашија и се чудеа, велејќи си еден на друг: »Кој е Овој што и на ветровите и на водата им заповеда и Го слушаат?«
26И пристигна во Гадаринскиот крај, спроти Галилеја.
27А кога излезе Он на суво, Го сретна еден човек од градот, кој имаше бесови од многу години, и не облекуваше алишта, и не живееше дома, туку по гробовите.
28Кога Го виде Исуса, извика и падна пред Него, и гласно рече: »Што имаш со мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачи ме!«
29Зашто Исус му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот; оти долго време го мачеше, и беше во окови, и со вериги го врзуваа, чувајќи го; но тој ги раскинуваше оковите и бесот го тераше да оди во пусти места.
30А Исус го праша, велејќи: »Како ти е името?« Тој одговори: »Легион«, зашто многу бесови беа влегле во него.
31И Го молеа Исуса да не им наредува да одат во бездната.
32А таму, по ридот, пасеа многу свињи; па Го молеа да им позволи да влезат во нив. И им позволи.
33И откако излегоа бесовите од човекот, влегоа во свињите; и се гргнаа свињите низ стрмнината и се издавија во езерото.
34Свињарите, кога видоа што се случи, избегаа и раскажаа по градот и околината.
35И излегоа да видат што станало; па кога дојдоа кај Исуса, го најдоа човекот, од кого беа излегле нечистите духови, како седи пред нозете Исусови, облечен и со здрав разум; и се уплашија.
36А оние, што беа виделе, им кажаа како се исцели бесниот човек.
37И сиот народ од Гадаринскиот крај Го молеше да си отиде од нив; зашто се беа уплашиле многу. И Он влезе во коработ и се врати.
38Човекот, пак, од кого беа излегле демоните, Го замоли да биде со Него; но Исус го отпушти, велејќи:
39Врати се во домот свој и раскажувај што ти направи Бог! Тој си отиде и расправаше по целиот град, што му направи Исус.
40А кога се врати Исус, народот Го пресретна, оти сите Го очекуваа.
41И ете, дојде еден човек, по име Јаир, кој беше управник на синагогата. Па кога падна пред нозете Исусови, Го молеше да појде во домот негов,
42зашто имаше една единствена ќерка на дванаесет години и таа умираше. А кога одеше Исус, народот се туркаше во Него.
43И една жена, која страдаше дванаесет години од крвотечение, и сиот свој имот го беше потрошила по лекари, а ниеден не можел да ја излекува,
44пристапувајќи одзади, се допре до крајот на Неговата облека и наеднаш ѝ престана крвотечението.
45И рече Исус: »Кој се допре до Мене?« А кога сите се откажуваа, Му рече Петар и оние што беа со Него: »Учителе, народот Те опколил и Те притиска, а прашуваш: ‚Кој се допре до Мене?‘«
46Но Исус рече: »Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене.«
47Жената, штом виде оти не може да се сокрие, со треперење пристапи, па како падна пред Него, Му кажа пред сиот народ зошто се допрела и дека веднаш оздравела.
48А Он ѝ рече: »Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир!«
49Додека Он уште зборуваше, дојде некој од управникот на синагогата и Му рече: »Ќерка ти умре; не мачи Го учителот!«
50Но Исус, штом го чу тоа, одговарајќи, му рече: »Не бој се! Само верувај и ќе биде спасена!«
51А кога пристигна во куќата, никому не му позволи да влезе, освен на Петра, Јована и Јакова, и на таткото и мајката на девојката.
52Сите плачеа и ридаа по неа. Но Он им рече: »Не плачете, таа не е умрена, туку спие.«
53И му се потсмеваа, знаејќи дека е умрена.
54А Он откако ги истера сите, ја фати за рака и извика, велејќи: »Девојко, стани!«
55И се поврати нејзиниот дух, и се дигна веднаш, и заповеда да ѝ дадат да јаде.
56И се зачудија родителите нејзини. А Он им заповеда, никому да не кажуваат за тоа што стана.
S'ha seleccionat:
Лука 8: MK1990
Subratllat
Comparteix
Copia
Vols que els teus subratllats es desin a tots els teus dispositius? Registra't o inicia sessió
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016