Битие 9

9
Законите на новиот свет и божилакот. Ноевото проклетство и благослов на своите деца.
1Тогаш Бог го благослови Ноја и синовите негови, и им рече: »Плодете се и множете се, и полнете ја земјата и владејте ја!
2А сите ѕверови земни и сите птици небески, и сиот земен добиток, и сѐ што се движи по земјата, и сите морски риби да се плашат од вас: во ваши раце се предадени.
3Сѐ што се движи и живее, ќе ви биде храна; сето тоа ви го дадов, како што ви го дадов зеленото растение.
4Само да не јадете месо во кое има уште душа, односно крвта негова.
5А и вашата крв, односно вашиот живот, ќе го барам; од секој ѕвер ќе го барам, ќе ја барам, исто така, душата човечка од раката на човек, од раката на братот негов;
6кој ќе пролее крв човечка, и неговата крв ќе се пролее од човечка рака; зашто човекот го создадов според образот Божји.
7Вие, пак, плодете се и множете се; ширете се на земјата и наполнете ја и владејте ја!«
8И му рече Господ на Ноја и синовите негови со него, велејќи:
9»А Јас, еве, го поставувам заветот Мој со вас и со вашето потомство по вас,
10и со секоја жива душа, која е со вас, со птиците, и со добитокот, и со сите ѕверови земни, што се со вас, со сѐ она што излегло од ковчегот, со сите земни животни;
11го поставувам заветот Мој со вас дека отсега нема веќе ниедна плот да загине од потоп и дека повеќе не ќе има потоп да ја запустува земјата!«
12И рече Бог: »Еве го знакот на заветот, што го поставувам меѓу Мене и вас и меѓу секоја жива душа, која е со вас, за идните поколенија:
13божилак Свој поставувам во облакот, за да биде знак на заветот меѓу Мене и земјата.
14Па кога облак ќе навеам на земјата, ќе се види божилакот во облакот,
15и ќе си спомнам за заветот Мој, кој е меѓу Мене и вас и меѓу секоја душа, што живее во плот; и нема веќе да има потоп за да ја уништи секоја плот.
16Божилакот ќе биде во облакот, и Јас ќе го видам и ќе си спомнам за вечниот завет меѓу Бога и меѓу секоја душа, што живее во секоја плот, која е на земјата.«
17И му рече Бог на Ноја: »Тоа нека е знакот на заветот, што го поставив меѓу Мене и меѓу секоја плот, која е на земјата!«
18Синовите Ноеви, кои излегоа од ковчегот, беа: Сим, Хам и Јафет. Хам е татко на Хананејците.
19Тоа се трите сина Ноеви, и од нив се насели целата земја.
20А Ное почна да ја обработува земјата, и насади лозје.
21И се напи од виното, па се опи, и легна гол среде шаторот свој.
22А Хам, таткото на Хананејците, ја виде голотијата на таткото свој, и излезе, та им го кажа тоа на обајцата браќа свои.
23Но Сим и Јафет зедоа облека, и, наметнуваќи ја на рамената свои, појдоа назадешкум и ја покрија со неа голотијата на таткото свој; лицата им беа свртени наназад, и тие не ја видоа голотијата на таткото свој.
24А кога се истрезни Ное од виното, дозна што му беше направил помладиот син,
25па рече, »Проклет да е Ханан; на браќата свои ќе им биде најдолен слуга!«
26И уште рече: »Благословен да е Господ Бог Симов; а Ханан ќе му биде слуга!
27Нека го рашири Бог Јафета, и тој нека живее во шаторите на Сим; а Ханан да им биде слуга!«
28И поживе Ное по потопот триста и педесет години.
29А сѐ на сѐ поживе Ное деветстоитни и педесет години; потоа умре.

انتخاب شده:

Битие 9: MK1990

های‌لایت

به اشتراک گذاشتن

کپی

None

می خواهید نکات برجسته خود را در همه دستگاه های خود ذخیره کنید؟ برای ورودثبت نام کنید یا اگر ثبت نام کرده اید وارد شوید