Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи. Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да го имам сето знаење, а и така силна вера, што и планини да преместувам, – ако љубов немам, ништо не сум. И да го раздадам целиот свој имот, да го предадам телото да ми изгори, – штом љубов немам, ништо не ми користи. Љубовта е великодушна, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не е горделива, не е непристојна, не бара свое, не се срди, не памти зло, не се радува на неправда, туку се радува на вистина, сѐ покрива, во сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ поднесува. Љубовта никогаш не пропаѓа. А пророкувањата? Ќе минат. Јазиците? Ќе замолкнат. Знаењето? Ќе исчезне. Зашто само делумно спознаваме и само делумно пророкуваме; а кога ќе дојде совршеното, тогаш ќе исчезне делумното. Кога бев дете, зборував како дете, како дете мислев, како дете размислував; а кога станав маж, го оставив детското. Сега гледаме како низ огледало, нејасно, а тогаш – лице в лице; сега спознавам делумно, а тогаш ќе спознаам совршено како што и сум спознаен. А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта.