Секој, кој верува дека Исус е Христос, од Бога е роден, и секој, кој Го љуби Оној Кој родил, Го љуби и Оној, родениот од Него. По ова знаеме дека ги љубиме чедата Божји, кога Го љубиме Бога и ги извршуваме Неговите заповеди. Бидејќи љубовта кон Бога се состои во ова: да ги пазиме заповедите Негови, а Неговите заповеди не се тешки. Зашто сѐ што е родено од Бога, го победува светот; и ова е победата што го победи светот – верата наша. Кој го победува светот, ако не оној кој верува дека Исус е Син Божји? Оној, Кој дојде преку вода и крв (и преку Духот), Тој е Исус Христос – не само преку вода, туку преку вода и крв; и Духот е Оној Кој сведочи, зашто Духот е вистина. Зашто Тројца се, Кои сведочат (на небото: Отецот, Словото и Светиот Дух; и овие Тројца се едно. И Тројца се, Кои сведочат на земјата:) духот, водата и крвта; и тие три се во едно. Ако го примаме човечкото сведоштво, Божјото сведоштво е поголемо, бидејќи тоа е сведоштво Божјо, со кое Бог посведочи за Својот Син. Кој верува во Синот Божји, тој го има тоа сведоштво во себе; кој не Му верува на Бог, Го прави лажливец, зашто не поверувал во сведоштвото Негово со кое посведочил Бог за Својот Син. А сведоштвото е тоа дека Бог ни дарувал живот вечен; и тој живот е во Неговиот Син. Кој Го има Синот Божји, тој го има и тој живот; кој го нема Синот Божји, го нема тој живот.