Така, знаејќи го стравот од Господ, ние ги уверуваме луѓето, а за Бога сме јавни: се надевам дека сум познат и на вашите совести. Не се фалиме, пак, пред вас, туку ви даваме повод, вие да се фалите со нас, та да има, што да им речете на оние кои се фалат по лице, а не по срце. Ако сме надвор од себе, тоа е заради Бога; ако сме присебни, тоа е поради вас. Бидејќи љубовта Христова нѐ гони да го мислиме ова: кога еден умрел за сите, тогаш сите се умрени. А Христос умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, туку за Оној Кој умре за нив и воскресна. Затоа ние отсега никого не познаваме по тело; иако Христос Го познавме по тело, но сега веќе не Го познаваме како таков. И така, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, и ете, се создаде новото. А сѐ е од Бога, Кој нѐ измири со Себе преку Христос и ни го даде служењето на тоа измирување. Зашто Бог го измири светот со Себе преку Христос, не земајќи ги предвид престапите на луѓето, и го положи во нас словото на измирување. Па така, ние сме Христови пратеници, како Бог да зборува преку нас. Ве молиме во името на Христос: помирете се со Бога! Зашто Оној, Кој не знаеше грев, Бог за нас Го направи грев, та преку Него да станеме праведност Божја.