И така, ако сте воскреснале заедно со Христос, барајте го она што е горе, каде што Христос седи оддесно на Бога; мислете за небесното, а не за земното. Зашто вие умревте, и вашиот живот е сокриен со Христос во Бога. А кога ќе се јави Христос, вашиот живот, тогаш и вие ќе се јавите со Него во слава.
Затоа умртвете ги органите од земната природа во вас, односно блудството, нечистотата, сласта, лошата желба, лакомството, кое е идолопоклонство! Поради тие пороци доаѓа гневот Божји врз синовите на непослушноста, меѓу кои некогаш се движевте и вие, кога живеевте во тие пороци. А сега и вие отфрлете сѐ од себе: гневот, лутината, злобата, хулењето, срамните зборови од својата уста! Не лажете се еден со друг, зашто веќе го соблековте стариот човек заедно со неговите дела, и се облековте во новиот, кој се обновува во познанието, според образот на својот Создател. Тука нема повеќе ни Елини, ни Јудејци, ни обрезани, ни необрезани, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сѐ и во сѐ е Христос. И така, како избраници Божји, свети и возљубени, облечете се во милосрдност, доброта, смиреност, кротост и долготрпеливост; трпете се еден со друг и проштавајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос ви прости, така и вие направете! А над сето тоа облечете се во љубов, која сѐ сврзува во совршенството, и мир Божји да владее во срцата ваши, за што сте повикани во едно тело, и бидете благодарни! Словото Христово изобилно нека се всели во вас; во секоја мудрост да се учите и да се советувате еден друг со псалми и химни, и со духовни песни, пеејќи Му на Господ со благодарност во срцата ваши! И сѐ што правите со збор или со дело, правете го во името на Господ Исус Христос, благодарејќи Му преку Него на Бога и Отецот!
Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како што прилега во името на Господ! Вие, мажите, сакајте ги жените свои и не огорчувајте ги!