По смртта на Мојсеј, слугата Господов, Господ му рече на Навиновиот син Исус, служител на Мојсеј, велејќи: „Мојсеј, слугата Мој умре; затоа сега стани, мини преку реката Јордан, ти и сиот овој народ, во земјата, што Јас им ја давам, на синовите Израелови. Секое место, на кое ќе стапнат стапалата на вашите нозе, вам ви го давам, како што му реков на Мојсеј: од пустината и од Ливан дури до големата река, реката Еуфрат, целата земја Хитиска, и до Големото Море на запад ќе бидат ваши предели. Никој нема да ти се спротивстави во текот на сите денови од твојот живот; и како што бев со Мојсеј, така ќе бидам и со тебе: нема да те оставам, ниту ќе те презрам. Биди цврст и храбар, зашто ќе му ја разделиш земјата на овој народ, во наследство за која им се заколнав на татковците нивни дека ќе им ја дадам; само биди многу цврст и храбар, и грижливо пази да го извршиш сето она што ти го заповеда слугата Мој Мојсеј; не се отстранувај од сето тоа ни надесно ни налево, туку постапувај разумно во сѐ што ќе преземаш. Да не се одделува од устата твоја оваа книга на законот; туку поучувај се од неа дење и ноќе, за да разбереш како ќе го извршуваш сѐ она, што е напишано во неа; зашто тогаш ти ќе имаш успех во твоите патишта и умно ќе постапуваш. Еве, ова ти заповедам Јас: биди цврст и храбар, не плаши се и не се ужасувај, зашто Господ, твојот Бог, е заедно со тебе, каде и да одиш.“