А кога се врати Исус, народот Го пресретна, зашто сите Го очекуваа. И ете, дојде еден човек, по име Јаир, кој беше управник на синагогата. Тој падна пред нозете Исусови, и Го молеше да појде во домот негов, зашто имаше една единствена ќерка на дванаесет години и таа умираше. А кога одеше Исус, народот се туркаше во Него. И една жена, која страдаше дванаесет години од крвавење, и сиот свој имот го беше потрошила по лекари, а ниеден не можел да ја излекува, пристапувајќи одзади, се допре до крајот на Неговата облека и наеднаш ѝ престана крвавењето. И рече Исус: „Кој се допре до Мене?“ А бидејќи сите порекнуваа, Му рече Петар и оние што беа со Него „Учителе, народот Те опколил и Те притиска, а прашуваш: ‚Кој се допре до Мене?‘“ Но Исус рече: „Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене.“ Жената, штом виде дека не може да се сокрие, со треперење пристапи, па како падна пред Него, Му кажа пред сиот народ зошто се допрела и дека веднаш оздравела. А Тој ѝ рече: „Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси; оди си во мир!“ Додека Тој уште зборуваше, дојде некој откај началникот на синагогата и Му рече: „Ќерка ти умре; не мачи Го Учителот!“ Но Исус, штом го слушна тоа, одговарајќи му рече: „Не плаши се! Само верувај и ќе биде спасена!“ А кога пристигна во куќата, никому не му дозволи да влезе, освен на Петар, Јован и Јаков, и на таткото и мајката на девојката. Сите плачеа и ридаа по неа. Но Тој им рече: „Не плачете, таа не е умрена, туку спие.“ И Му се потсмеваа, знаејќи дека е умрена. А Тој откако ги истера сите, ја фати за рака и извика, велејќи: „Девојко, стани!“ И се поврати нејзиниот дух, и се дигна веднаш, и заповеда да ѝ дадат да јаде. И се зачудија родителите нејзини. А Тој им заповеда никому да не кажуваат за тоа што стана.