А кога премина Исус со коработ пак на другата страна, кај Него се собра многу народ. И беше покрај морето. И ете, дојде еден од началниците на синагогата, по име Јаир; па, штом Го виде, падна пред нозете Негови и усрдно Го молеше многу, говорејќи: „Ќерка ми е на умирање; дојди и положи ги рацете над неа, за да оздрави и биде жива!“ И појде со него. А по Него врвеше многу народ и Го притискаа. Една жена, што страдаше од крвавење дванаесет години, и големи маки беше претрпела од мнозина лекари, потрошила сѐ што имала и никаква полза не видела, а ѝ станало дури уште полошо, штом чу за Исус, се приближи одзади меѓу народот и се допре до облеката Негова; зашто си велеше: „Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам.“ И веднаш престана крвавењето, и таа осети во телото свое дека е излекувана од болеста. А Исус одеднаш почувствува во Себе како излезе сила од Него и се сврте кон народот и рече: „Кој се допре до облеката моја?“ Учениците Негови Му рекоа: „Гледаш дека народот Те притиска, а прашуваш: ‚Кој се допре до Мене?‘“ Но Тој гледаше наоколу, за да ја види онаа, што го направи тоа. Жената, пак, се уплаши и трепереше; па, знаејќи што стана со неа, се приближи, падна пред Него и Му ја кажа целата вистина. А Тој ѝ рече: „Ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир и биди здрава од болеста своја!“ Додека Тој уште зборуваше, дојдоа од кај началникот на синагогата и рекоа: „Ќерка ти умре; што Му создаваш уште труд на Учителот!“ Но Исус, откако ги чу тие зборови, му рече на началникот на синагогата: „Не плаши се, само верувај!“ И никому не му дозволи да оди со Него, освен на Петар, на Јаков, и на Јован, братот на Јаков. Дојде во куќата на началникот на синагогата и виде растревоженост, плачење и силно врискање. И кога влезе, им рече: „Што сте се развикале и расплакале? Девојчето не е умрено, туку спие!“ А тие Му се потсмеваа. Тој, пак, откако ги истера сите, ги зеде таткото и мајката на девојчето и оние што беа со Него, и влезе каде што лежеше девојчето. И кога ја фати раката на девојчето, рече: „Талита, куми!“ – што значи: „Девојко, тебе ти велам, стани!“ И девојката одеднаш стана и почна да оди. А имаше дванаесет години. И сите се зачудија многу. А Тој строго им заповеда, никој да не разбере за тоа и рече: „Дајте ѝ да јаде!“