Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 САМОИЛ 22

22
г. Давид во Одоламската Пештера
1Давид си отиде оттаму и се засолна во пештерата Одолам. А кога го чуја тоа неговите браќа и сето негово семејство, слегоа онаму при него. 2Освен тоа се собраа околу него сите кои беа во неволја, сите задолжени, сите незадоволни, и тој им стана водач. А ги имаше околу него до четири стотини луѓе.
д. Давид пребегнува во Моавска Миспа
3Оттаму Давид отиде во Миспа во Моавската Земја и му рече на моавскиот цар: „Дозволи мојот татко и мојата мајка да се засолнат кај вас додека не видам што ќе направи Бог со мене.“ 4И ги остави кај моавскиот цар, и тие останаа кај него сѐ додека Давид беше во скривалиштето. 5Ама пророкот Гад му рече на Давида: „Не останувај во своето засолниште, туку оди и навлези во Јудината Земја.“ И Давид отиде и навлезе во Аретската Гора.
ѓ. Идумеец Доик го поткажува Давида на Саула
6Саул научи дека се појави Давид со луѓето кои беа со него. Саул токму беше во Гаваја; седеше под даб на ридот во Рама, со копје во раката, а околу него стоеја сите негови дворјани. 7И Саул им рече на своите дворјани, кои беа околу него: „Послушајте ме Венијаминови синови! Дали и Јесејовиот син ќе ви подари ниви и лозја? Дали ќе ве постави сите за илјадници и стотници? 8А зошто тогаш сите се заверивте против мене? Нема никој да ми јави кога мојот син склучи сојуз со Јесејовиот син, нема никој меѓу вас за да ме пожали и да ми открие како мојот син го разјари мојот слуга против мене, лежејќи во заседа, како што се случува денес?“ 9Тогаш проговори Идумеецот Доик, кој стоеше меѓу Сауловите дворјани и рече: „Јас го видов Јесејовиот син кога дојде во Ноб кај Ахимелех, Ахитовиот син. 10Овој побара за него совет од Господа, и му даде храна и му го предаде мечот на Филистеецот Голијат.“
е. Саул ги убива Ахимелеха и свештениците
11Тогаш Саул заповеда да ги повикаат свештеникот Ахимелех, синот Ахитов, и сето негово семејство, свештениците во Ноб и сите дојдоа пред царот. 12Тогаш Саул рече: „Чуј ме, Ахитов сине!“ А тој одговори: „Еве ме господару!“ 13А Саул го праша: „Зошто се заверивте против мене, ти и Јесејовиот син? Ти му даде леб и меч, и побара совет од Бога за него, за да се крене против мене, лежејќи во заседа како што се случува денес.“ 14Ахимелех му одговори на царот: „А кој му е рамен на Давида од сите твои слуги, толку верен, покрај тоа царев зет, главатар на твојата телесна стража, човек кој е почитуван во твојата куќа? 15Зар јас денес за првпат барав совет од Бога за него? Далеку да е од мене! Нека царот не ги обвинува во ништо својот слуга и сето негово семејство, зашто неговиот слуга не знаеше ништо за тоа!“ 16Но царот одговори: „Ти ќе умреш Ахимелеху, ти и сето твое семејство!“ 17И царот им заповеда на телохранителите, кои стоеја околу него: „Пристапете и погубете ги Господовите свештеници, зашто и тие му помогнаа на Давида: знаеја дека е во бегство, а не ми јавија за тоа.“ Но царските стражари не сакаа да кренат рака на Господовите свештеници, за да ги погубат. 18Тогаш царот му заповеда на Доик: „Пристапи ти и погуби ги свештениците!“ Идумеецот Доик пристапи и ги погуби свештениците: тој погуби во оној ден осумдесет и пет луѓе кои носеа ленен наплеќник. 19И Ноб, свештеничкиот град, ги разурна со острилото на мечот, погубувајќи ги мажите и жените, децата и доилчињата, ослињата и овците, со острилото на мечот.
ж. Авијатар бега кај Давида
20Се избави само еден син на Ахимелеха, синот Ахитов, по име Авијатар, и пребега кај Давида. 21Авијатар му јави на Давида дека Саул ги искла Господовите свештеници. 22А Давид му одговори на Авијатар: „Јас веќе во оној ден, кога таму беше Идумеецот Доик, знаев дека тој бездруго ќе му го јави тоа на Саула! Јас сум виновен за животите на твојот татков дом. 23Остани кај мене, не бој се: кој ќе го бара твојот живот, ќе го бара мојот живот. Кај мене ќе бидеш чуван добро.“

Селектирано:

1 САМОИЛ 22: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се