Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 ПЕТРОВО 1

1
Вовед
1Симон Петар, слуга и апостол на Исуса Христа, до оние, кои преку правдата на нашиот Бог и Спасител Исус Христос ја примија истата скапоцена вера како и ние: 2благодат и мирот да ви се умножи во познавањето на Бога и Исуса, нашиот Господ.
Повик кон светост
3Бидејќи Неговата божествена сила ни подари сѐ што ни е потребно за живот и побожност, преку познавањето на Оној, Кој нѐ повика преку Својата сопствена слава и добродетел, 4со што ни се подарени скапоцени и најголеми ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа, откако ѝ избегавте на расипаноста, која е во светот, преку сладострастието, кое владее во светот; 5заради тоа вложете ја сета ревност, и исполнете ја својата вера со добродетел, а добродетелта со знаење; 6а знаењето со воздржливост; а воздржливоста со трпение; а трпението со побожност; 7а побожноста со братољубие; а братољубието со љубов. 8Зашто, ако го имате сѐ тоа и тоа се умножува, не ве прави мрзливи и бесплодни во познавањето на нашиот Господ Исус Христос, 9но, кој го нема тоа, слеп е и кусоглед: зашто заборавил дека е очистен од своите стари гревови. 10Затоа, браќа, погрижете се уште повеќе да го зацврстите својот позив и избор. Имено, ако го правите тоа никогаш нема да се сопнете. 11Зашто така ќе ви се даде изобилно влегување во вечното Царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.
Христос ќе дојде во слава
12Затоа ќе гледам секогаш да ве потсетувам за овие работи, иако вие ги знаете, и сте утврдени во сегашната вистина. 13Но сметам дека е право, додека сум во овој шатор на своето тело, да ве разбудувам со напомнување, 14зашто знам дека скоро ќе го оставам мојот шатор, како што ме извести за тоа нашиот Господ Исус Христос. 15А ќе настојувам вие, и по моето заминување, да си спомнувате секогаш за ова.
16Зашто кога ви ги објавивме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос, ние не следевме лукаво измислени бајки, но станавме очевидци на Неговото величие. 17Зашто Тој прими од Бог Таткото чест и слава, кога од величествената слава Му дојде гласот: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого Ми е милината.“ 18Ние го чувме гласот, кој дојде од небото, кога бевме со Него на светата гора. 19И така имаме поцврсто пророчко слово; а вие правите добро што внимавате на него, како на светило што свети во темно место, додека не осамне денот и Деница засвети во вашите срца. 20Знајте го ова пред сѐ: ниедно пророштво во Писмото не може да се толкува како кој сака, 21зашто никогаш пророштвото не дошло од човечка волја, туку светите Божји луѓе зборувале носени од Светиот Дух.

Селектирано:

2 ПЕТРОВО 1: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се