Лого на YouVersion
Икона за пребарување

АМОС 9

9
Ѓ. Видение: разурнување на Храм
1. Господ над жртвеник
1Го видов Господа како стои над жртвеникот и говори: „Удри го надвратникот, за да се стресат праговите, и скрши ги над главите на сите, а кои ќе останат од нив ќе ги погубам со меч. Никој не ќе избега, никој не ќе се спаси. 2Ако се забијат и во подземјето, мојата рака ќе ги откорне. Ако се искачат и на небото, оттаму ќе ги слезам. 3Ако се скријат и на врвот на Кармил, ќе ги најдам и ќе ги фатам. Ако се скријат од Мојот поглед на морското дно, ќе му заповедам на змевот да ги изеде. 4Ако отидат и на заточение пред непријателот, и таму ќе му наредам на мечот да ги сосече; ќе ги насочам очите кон нив, но за несреќа, не за добро.“ 5Господ, Бог над Војските, Тој ја допира земјата, и таа се тресе, и сите жители на неа ќе затажат; се издига сета како Нил, и се спушта како Египетската Река. 6Тој си создаде престол на небесата, и Својот свод го основа на земјата; Тој ги повикува морските води и ги излева преку лицето на земјата - Господ е името Негово.
2. Последно навестување на Божји Суд
7„Израелеви синови, не сте ли за Мене како и Кушаните - говори Господ. Не го изведов ли Јас Израел од Египетската Земја, како Филистејците од Кафтор, и Арамејците од Кир? 8Ете, очите на Господа Бога насочени се кон грешното царство, ќе го избрише од лицето на земјата. Сепак нема да го сотрам сосем Јакововиот дом - говори Господ. 9Зашто, ете, ќе дадам заповед и ќе го расеам Израелевиот дом меѓу сите народи, како што се сее жито во решето, за да не падне ни зрнце на земја. 10Сите грешници од Мојот народ ќе паднат од меч, сите кои ќе речат: ‘Не е близу и нема да нѐ стигне несреќа.’
Е. Ветување благослов преку Месија
1. Обнова на Давидово царство
11Во оној ден ќе ја подигнам распаднатата Давидова колиба, ќе ѝ ги затворам пукнатините, ќе ги поправам разурнатите места, пак ќе ја соѕидам како во стари времиња, 12за да го освојат остатокот на Едом и на сите народи над кои е повикано Моето име - говори Господ Бог, Творецот на сѐ тоа.
2. Плодородие на земја
13Еве доаѓаат денови - говори Господ - кога орачот ќе го стигнува жетварот, и гмечителот на грозјето - сејачот, кога планините ќе потечат со младо вино, и сите ридови ќе се прелеваат со него.
3. Благослов на Царство
14Ќе ја свртам судбината на Мојот народ Израел: ќе ги обноват разурнатите градови и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе им го пијат виното, ќе ги засадат градините и ќе го јадат нивниот плод. 15Ќе ги посадам во нивната земја, и никогаш веќе не ќе се откорнат од земјата која им ја дадов,“ вели Господ, твојот Бог.

Селектирано:

АМОС 9: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се