Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИЗЛЕЗ 16

16
Мана и потполошки
1Потоа тргнаа од Елим, и сета израелска заедница дојде во пустината Син, што е меѓу Елим и Синај, во петнаесеттиот ден на вториот месец по излезот од Египетската Земја. 2Целата израелска заедница почна да мрмори во пустината против Мојсеја и Арона. 3„Ох, да изумревме од Господовата рака во Египетската Земја, кога седевме покрај грнци со месо и јадевме леб до наситка! - им рекоа. Нѐ изведовте во оваа пустина за да го поморите со глад целово ова мноштво!“
4Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Ќе направам да ви паѓа како дожд леб од небото. Народот нека отиде и собира секој ден, колку што му треба за ден. Така ќе ги искушам и ќе видам дали ќе се придржуваат до Мојот закон или не. 5А на шестиот ден, кога ќе го сместат собраното, ќе има двапати онолку, колку собираа за секој ден.“ 6Тогаш Мојсеј и Арон им проговорија на сите Израелци: „Вечерва ќе познаете дека Господ ве изведе од Египетската Земја, 7а наутро ќе ја видите, со свои очи, Господовата слава, зашто Господ ве чу како мрморевте против Него. Што сме ние да мрморите против нас? 8Вечерва Господ ќе ви даде месо да јадете - продолжи Мојсеј - а наутро леб до наситка, зашто Господ го чу вашето мрморење против Него. Што сме ние? Вие не мрморите против нас, туку против Господа.“ 9Потоа Мојсеј му рече на Арона: „Речи ѝ на целата израелска заедница: соберете се пред Господа, зашто го чу вашето мрморење!“ 10И додека Арон ѝ зборуваше на целата израелска заедница, тие се свртија кон пустината, и ете, Господовата слава се појави во облак. 11Тогаш Господ му се јави на Мојсеја и му рече: 12„Го чув мрморењето на Израелците. Речи им вака: ‘Вечерва ќе јадете месо, а наутро ќе се наситите со леб. Тогаш ќе познаете дека Јас Сум Господ, ваш Бог.’“
13И навистина! Навечер се појавија потполошки и го покрија логорот, а наутро изобилна роса наросила сѐ околу логорот. 14Кога се крена навлаката од росата, по површината на пустината лежеше тенок слој, нешто како снегулки, како да се фатила слана по земјата. 15Кога Израелците го видоа тоа, се прашуваа еден друг: „Што е тоа?“ Зашто не знаеја што е. Тогаш Мојсеј им рече: „Тоа е леб, што Господ ни го набави за храна. 16А ова е заповедта што Господ ја издаде: ‘Соберете колку што му е потребно секому за јадење - по еден гомор на личност, секој според бројот на членовите што му се во шаторот.’“ 17Израелците направија така. Некои собраа повеќе, некои помалку. 18Кога измерија со гомор, се покажа дека немаше излишок оној кој собрал многу, а ниту недостиг оној кој собрал малку: секој собрал колку што му требаше за јадење. 19„Нека никој не остава ништо за утрото!“ им рече Мојсеј. 20Но тие не го послушаа Мојсеја; некои оставија и за утре. А тоа им црвоса и засмрде. Мојсеј се налути на нив. 21Така собираа секое утро колку што му требаше секому за јадење. И кога сонцето ќе огрееше, маната се растопуваше.
Повелба за саботата
22Тогаш на шесттиот ден собраа двојно количество храна по два гомора на секој. Кога старешините на заедницата дојдоа да го известат Мојсеја, 23тој им рече: „Ова е Господова заповед: утре е ден на целосна почивка, сабота посветена на Господа. Испечете што сакате да печете; сварете што сакате да варите. Сѐ што ќе ви биде одвишок оставете го за утре.“ 24Тие го оставија тоа за утре, како што нареди Мојсеј, и ниту засмрде, ниту пак се појавија црви. 25„Јадете го тоа денес - им рече Мојсеј - зашто овој ден е сабота во чест на Господа; денес не ќе најдете мана во полето. 26Собирајте ја шест дни, а на седмиот, во сабота, ќе ја нема.“ 27Имаше некои што одеа и во седмиот ден да ја соберат, ама ништо не најдоа. 28Затоа Господ му рече на Мојсеја: „До кога ќе одбивате да им се покорите на Моите заповеди и на Моите закони? 29Погледајте! Затоа што Господ ви ја даде саботата, ви дава храна на шесттиот ден за два дни. Нека секој стои каде што е; нека никој не излегува од својот шатор во седмиот ден.“ 30Така народот се одморуваше на седмиот ден.
31Израелевиот дом ја нарече таа храна: мана. Беше како кориандрово зрно; бела, а имаше вкус на медено колаче. 32Тогаш Мојсеј рече: „Ова е заповед што ја даде Господ: ‘Наполнете со тоа еден гомор и чувајте го за своите потомци, за да ја видат храната со која ве хранев во пустината, кога ве избавив од Египетската Земја.’“ 33И Мојсеј му нареди на Арона: „Земи еден сад; стави во него цел гомор мана, а потоа положи го пред Господа, да се пази за вашите потомци.“ 34Како што Господ му нареди на Мојсеја, Арон ја сложи пред Сведоштвото на чување. 35Израелците се хранеа со мана четириесет години, сѐ додека не дојдоа во населена земја: јадеа мана до доаѓањето на границата на Ханаанската Земја. 36Гомор е десетти дел од ефа.

Селектирано:

ИЗЛЕЗ 16: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се